Палестинска војна (1947-1949)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Арапски борци пред запален камион за снабдување на Хагана (еврејска паравоена организација), во близина на Ерусалим

Палестинската војна од 1947 до 1949 година, во Израел позната како Војна на независноста (на хебрејски: מלחמת העצמאות) или Ослободителна војна, а на арапски како ал-Накба (на арапски: النكبة, Катастрофа или Несреќа), се водела на територијата на Палестина под британска управа. Таа е првата од низата војни кои се одвивале во рамките на Израелско-палестинскиот конфликт, дел од поширокиот Арапско-израелски конфликт.

За време на војната Британската империја се повлекла од Палестина која, пред британската окупација во 1917 година, била ејалет на Отоманското царство. Војната кулминирала со воспоставувањето на Држава Израел од страна на Евреите, и проследило целосна демографска трансформација на Палестина со раселувањето на околу 700.000 Палестинци (Арапи) и целосното уништување на повеќето нивни села и градови.[1]

Територијата која пред војната била под британска управа била поделена меѓу Државата Израел, која зазела околу 78% од истата, Кралството Јордан (тогаш познато и како Трансјордан), кое ја освоило и подоцна анектирало областа позната како Западен Брег, и Египет, кој го зазел Појасот Газа, територија крај брегот на Средоземното Море, каде била воспоставена т.н. Сепалестинска управа.

Фази[уреди | уреди извор]

Планот на ООН за поделба на Палестина од 1947 година на карта (англиски)
  арапска држава
  еврејска држава
  Ерусалим (под ООН)

Војната се одвивала во две главни фази, првата била граѓанската војна во мандатна Палестина (1947-1948), која започнала на 30 ноември 1947 година, еден ден откако Организацијата на обединетите нации (ООН) гласала за поделба на територијата на Палестина во две суверени држави, едната еврејска и другата арапска, и со меѓународен Ерусалим, усвоено како Резолуција 181, при што еврејското раководство прифатило, додека водачите на палестинските Арапи и на арапските држави едногласно се спротивставиле.

Еврејски борци кај Катамон, Ерусалим за време на граѓанската војна

Граѓанската војна е окарактеризирана со герилско војување и тероризам. Во оваа фаза, војната ескалирала кон крајот на март 1948 година кога Евреите се впуштиле во офанзива и ги поразиле Палестинците во поважните битки, воспоставувајќи јасни линии на фронтот. Во меѓувреме, Британците сè уште одржувале опаѓачка власт над Палестина и повремено интервенирале во немирите.

Британската империја се подготвила за повлекување од Палестина на 14 мај 1948 година. Истиот ден, кога последниот британски војник го напуштил градот Хаифа, еврејското раководство во Палестина го прогласило основањето на Државата Израел. По декларацијата следувало непосредна инвазија на Палестина од околните арапски воени сили со цел да се спречи формирањето на Израел и да се помогнат палестинските Арапи, кои во тој момент биле поразувани — голем дел од нив побегнале или биле принудени да ги напуштат местата кои еврејските паравојски ги освоиле.

Развејување на израелското мастилно знаме кај Црвеното Море, означувајќи крај на војната

Инвазијата го означила почетокот на втората фаза од војната, позната како Прва арапско-израелска војна или Арапско-израелска војна од 1948 година. Од арапските воени сили, египќаните напредувале кон јужното крајбрежје и биле запрени во близина на Ашдод; јорданската Арапска легија и ирачките сили ги освоиле централните висорамнини на Палестина; Сирија и Либан имале неколку пресметки со израелските сили на северот. Еврејските паравојски се обединиле во Израелските одбранбени сили и успеале да ги запрат арапските сили. Наредните неколку месеци се одвивале жестоки борби меѓу Израелските одбранбени сили и арапските војски кои полека биле одвраќани. Јорданските и ирачките војски успеале да ја задржат контролата над поголемиот дел од централните висорамнини на Палестина и да го заземат Источен Ерусалим, вклучително и Стариот град. Египетските достигнувања биле Појасот Газа и мала територија опкружена од израелските сили кај Aл-Фалуџа. Во октомври и декември 1948 година, израелските сили преминале на либанска територија и напреднале во Синајскиот Полуостров, дотогаш во Египет, опкружувајќи ги египетските сили кај градот Газа.

Последната воена активност се случила во март 1949 година кога израелските сили ја зазеле пустината Негев и стасале до Црвеното Море. Во 1949 година Израел потпишал одделни примирја со Египет на 24 февруари, со Либан на 23 март, со Трансјордан на 3 април, и со Сирија на 20 јули. Во овој период протерувањето на палестинските Арапи продолжило.

За три години по војната, околу 700.000 Евреи се доселиле во Израел од Европа и од арапските земји, при што една третина од нив заминале или биле протерани од земјите во Блискиот Исток.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. — Benny Morris, 2004. The Birth of the Palestinian Refugee Problem Revisited, pp. 602–604. Cambridge University Press; ISBN 978-0-521-00967-6. "It is impossible to arrive at a definite persuasive estimate. My predilection would be to opt for the loose contemporary British formula, that of 'between 600,000 and 760,000' refugees; but,if pressed, 700,000 is probably a fair estimate";
    Memo US Department of State, 4 May 1949, FRUS, 1949, p. 973.: "One of the most important problems which must be cleared up before a lasting peace can be established in Palestine is the question of the more than 700,000 Arab refugees who during the Palestine conflict fled from their homes in what is now Israeli occupied territory and are at present living as refugees in Arab Palestine and the neighbouring Arab states.";
    Memorandum on the Palestine Refugee Problem, 4 May 1949, FRUS, 1949, p. 984.: "Approximately 700,000 refugees from the Palestine hostilities, now located principally in Arab Palestine, Transjordan, Lebanon and Syria, will require repatriation to Israel or resettlement in the Arab states."