Апокалипто (филм од 2006)
Апокалипто (англиски: Apocalypto) — филм од 2006 година, режиран од Мел Гибсон. Главните улоги во филмот ги толкуваат: Руди Јангблад (Rudy Youngblood), Далија Ернандес (Dalia Hernández), Џонатан Бруер (Jonathan Brewer) итн. Посебна одлика на филмот е тоа што глумците зборуваат на јазикот на Маите.
Синопсис
[уреди | уреди извор]Филмот ја прикажува борбата за живот и грижата за семејството на еден млад воин, наречен Јагуарова шепа (го игра Јанглбад), чие племе живее во џунглата, на територијата на Маите. Едно утро, во неговото село упаѓа група воини, кои убиваат голем дел од жителите на селото, а повеќемина ги земаат како заробеници. Јагуаровата шепа успева во последен миг да ги скрие својата бремена жена (ја игра Ернандес) и детето во длабока јама. Заробениците ги носат во еден град, каде жените ги продаваат како робови, додека мажите треба да бидат убиени, со цел да се одоброволат боговите. Кога доаѓа редот на Јагуарова шепа да биде погубен, се случува чудо: месечината го затемнува сонцето и свештеникот на Маите прогласува дека боговите се задоволни од принесените жртви.
Сепак, со тоа воопшто не престануваат страдањата на заробениците, зашто непријателските воини ги пуштаат да бегаат преку една полјана и притоа ги гаѓаат со стрели и копја. Јагуаровата шепа речиси успева да избега, но најпосле е погоден со стрела. Иако ранет, тој успева да го убие синот на водачот на непријателските воини и бега во џунглата. Војниците на Маите започнуваат потера по него, во која Јагуаровата шепа се соочува со бројни предизвици: најпрвин го брка црн пантер, потоа пропаѓа во жив песок, па скока од висок водопад итн. Непријателските воини гинат еден по еден, но потерата по него продолжува. Бегајќи со последните сили, тој доаѓа во своето село. Таму, во меѓувреме, неговата жена се пораѓа, а поради обилниот дожд, јамата во која е скриена се полни со вода, така што нејзиниот живот е во опасност. На крајот, Јагуарова шепа успева да го убие и водачот на непријателите, а потоа исцрпен доаѓа на морскиот брег. Двајца непријателски воини го стигнуваат и тогаш здогледуваат три шпански брода кои штотуку пристигнуваат во царството на Маите. Соочени со необичната глетка, тие забораваат на Јагуарова шепа, а тој ги спасува жената и двете деца и со нив заминува во џунглата, во потрага по нов дом.[1]
Наводи
[уреди | уреди извор]Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Апокалипто на Семрежната филмска база на податоци (англиски)
- Апокалипто — AllMovie (англиски)
- Апокалипто на Metacritic
- Апокалипто на Box Office Mojo
|