Љубинка Нечева

Од Википедија — слободната енциклопедија
Љубинка Нечева
Роден 25 април 1930
Охрид, Кралство Југославија
Националност Македонец
Занимање стоматолог

Љубинка Нечева (роден на 25 април 1930 година во Охрид) — македонски лекар, специјалист по детска и превентивна стоматологија, редовен професор на Стоматолошкиот фзкултет во Скопје.[1]

Животопис[уреди | уреди извор]

Љубинка Нечева е родена на 25 април 1930 година во Охрид. Средно образование, гимназија, завршила во Охрид во 1948 год. На Стоматолошкиот фзкултет во Белград дипломирала во 1959 година. Во 1972 година се здобила со звањето специјалист по детска и превентивна стоматологија, а со звањето примариус во 1978 година. Во 1972 година одбранила хабилитациона теза на Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет во Скопје, под наслов „Повреди на предните заби кај деца”. До 1949 година професор Нечева работела како службеник во Градскиот одбор на Охрид. Од 1959 до 1961 година, како стоматолог, работела во Домот за народно здравје во Велес. За асистент на предметот детска и превентивна стоматологија на Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет во Скопје била избрана во 1961 година, а во 1968 година за универзитетски предавач. Во звањето доцент на Катедрата за детска и превентивна стоматологија при Стоматолошкиот фзкултет во Скопје била избрана во 1973 година. Во 1979 година била избрана за вонреден професор на истата катедра, а во 1983 година била преизбрана во истото звање. Во звањето редовен професор била избрана во 1985 година а во 1990 година била преизбрана во истото звање. Се пензионирала како редовен професор во 1993 година.

Нечева била на повеќе стручни усовршувања во разни светски стоматолошки центри: на стоматолошките факултети во Белград, Загреб и Љубљана, потоа во Истмановиот институт и на Стоматолошкиот факултет во Лондон, Велика Британија, на Стоматолошката поликлиника во Женева, Швајцарија, на Истмановиот институт и на Стоматолошкото одделение на детската болница “Сен Винсент” во Париз, Франција. Во фокусот на нејзиното професионално интересирање биле профилаксата на забниот кариес во детската возраст, трауматските повреди на млечните и трајните заби и нивната реставрација, негативното влијание на антибиотиците од широк спектар врз дентиногенезата и вродените мани на ороденталниот систем од рецесивен и доминантен тип.

Публицистичкиот опус на проф. д-р Љубинка Нечева опфаќа 135 статии, од кои 130 објавени во домашни и 5 во странски публикации. Нечева била долгогодишен раководител на Катедрата за детска и превентивна стоматологија при Стоматолошкиот фзкултет во Скопје и на истоимената Клиника (1972-1990). Била заменик на директорот на Стоматолошки клиники во Скопје (1977-1978), а во текот на 1978 г. била и директор на таа институција. Членувала во разни тела и органи на Медицинскиот и на Стоматолошкиот фзкултет во Скопје. Потоа била раководител на научен проект реализиран на Стоматолошкиот факултет во Скопје, под наслов „Процена на состојбата на оралното здравје и потребниот третман на населението во СР Македонија преку примената на базичните критериуми на Светската здравствена организација” (1990) и учесник на друг научен проект реализиран на Медицинскиот факултет во Скопје: „Содржина на флуор во водата за пиење со осврт на ендемски подрачја на флуороза како основа за оптимализација на дозите во СР Македонија” (1991).

Љубинка Нечева учествувала во работата на Стоматолошката секција при Сојузот на здруженијата на лекарите од Македонија, а потоа и во оформувањето на Републичката специјалистичка секција за детска и превентивна стоматологија, чиј прв претседател била. Била долгогодишен активен член на Претседателството на Сојузот на здруженијата на лекарите од Македонија, а била и негов секретар. Таа била член на Претседателството на Црвениот крст на Македонија.

Награди[уреди | уреди извор]

  • Орден на трудот со сребрен венец (1982)
  • Орден на трудот со златен венец (1989)
  • Повелба „Д-р Трифун Пановски” од Македонското лекарско друштво (1988)
  • Плакети по повод одблежувањето на 30-годишнината, 40-годишнината и 45-годишнината од постоењето на Стоматолошкиот факултет во Скопје (1989, 1999 и 2004).

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Ристовски, Блаже, уред. (2009). „Нечева“. Македонска енциклопедија. , книга II (М-Ш). Скопје: МАНУ. стр. 1046. Text "series " ignored (help)