Цигара

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Две цигари

Цигарата претставува мала ролна од тенка хартија, во која во форма на цилиндaр, има завиткано прецизно исечени ливчиња тутун. Цигарата се пали на едниот крај и почнува да гори; димот се вдишува од другиот крај, кој се држи во или до устата, а понекогаш се користи и држач за цигари (чибук). Современите цигари содржат филтер и се направени од преработен тутун и други адитиви.

Поимот цигара се употребува често и се однесува на цигара која содржи тутун, но понекогаш се употребува и за цигари кои содржат други билки, како на пример каранфилче и канабис. Цигарата се разликува од пурата по тоа што е помала, направена е од преработени ливчиња тутун и е завиткана во бела хартија (иако понекогаш хартијата може да е и во друга боја). Пурите најчесто се направени од цели ливчиња тутун.

Откако прв пат влегле во широка употреба во средината на 19-иот век, размерот на употреба на цигарите постојано варира и значително се менува во текот на историјата. Додека бројот на пушачи се стабилизирал или опаѓал во развиениот свет, тој продолжува да расте кај нациите во равој.

Краток преглед[уреди]

Никотинот, основната психоактивна хемикалија во тутунот, според тоа и во цигарите, создава психолошка зависност, но не и физиолошка ( при прекин со консумирање на цигари, не доаѓа до соматски синдром на повлекување во себе, каков што предизвикуваат дрогата или алкохолот). Според статистиките, секоја испушена цигара го намалува животниот век на пушачот за 11 минути. Скоро една половина од пушачите умираат од болести предизвикани од цигарите и во просек губат по 14 години од животот. Кај бебињата на трудниците-пушачи се појавуваат вродени мани, како и психички и физички пречки во развојот. Докажано е дека димот од цигарите е штетен и за пасивните пушачи, па затоа е донесен Закон за забрана на пушење во работни простории и јавни места.

Новите истражувања покажаа дека димот од трета рака, оној кој пасивните пушачи го пренесуваат на трето лице, ја зголемува веројатноста за појава на заболувања на белите дробови. Цигарите се најчестиот извор на пожари во приватните домови. Тоа ги натера Соединетите Американски Држави и Европската Унија да ја забранат употребата на цигари кои тешко се изгаснуват.

Историја[уреди]

Најраната форма на цигари, не се разликувала од пурите. Во 9-иот век во Средна Америка, цигарите се употребувале во форма на трски и цевки. Маите, а потоа и Ацтеките, пушеле тутун и разни психоактивни наркотични средства за време на религиозни ритуали, а на керамички гравури и на резби во храмовите се прикажани свештеници и богови кои исто така пушат. До скоро време, цигарите и пурите биле најчестите производи кои се пушеле во Мексико, Средна и Јужна Америка и на Карибите.

Во Јужна и Средна Америка, за завиткување на цигарите се користеле разни растенија, во Шпанија се користела пченката, а од 17-иот век, почнала да се употребува тенка хартија.

Во 1830 година, цигарите се појавиле во Франција, каде и го добиле името (француски: cigarette) и во 1945 година, францускиот тутунски монопол почнал да ги произведува.

Во земјите од англиско говорно подрачје, употребата на тутунот станувала сè помасовна за време на Кримската војна и по нејзиниот завршеток, кога Британците почнале да ги имитираат своите пријатели Османлиите и руските непријатели, кои го виткале тутунот во парчиња од стари весници, затоа што немале соодветна хартија за цигари. Употребата на цигарите се зголемила и со појавата на соодветен тутун и со развојот на египетската индустрија за извоз на цигари.

Во почетокот димот од цигарите не се вдишувал , исто како при пушењето на лулињата и пурите. Кога тутунот станал понежен и покисел, димот од цигарите почнал да се вдишува.

Германскиот маршал Молтке (германски: Moltke), забележал дека Отоманите, го вдишувале димот од нивните лулиња. Распространетото пушење на цигари во Западниот свет, претставува голем феномен во 20-иот век. Во почетокот на векот, во САД, годишниот просек изнесувал 54 цигари по човек (помалку од 5% од населението пушело по 100 цигари годишно). Потрошувачката во Америка го достигнала својот максимум во 1965 година, кога годишната потрошувачка изнесувала 4.259 цигари, по човек. Во тоа време околу 50% од машката и 33% од женската популација биле пушачи. До 2000 година, потрошувачката опаднала на 2,092 цигари по човек годишно, што значи дека 33% од мажите и 20% од жените пушеле повеќе од 100 цигари годишно. До 2006 година годишната потрошувачка се смалила на 1.691 цигари по човек, односно, 21% од населениото пушело повеќе од 100 цигари годишно.

Германските доктори први ја откриле поврзаноста меѓу пушењето и ракот на белите дробови и тоа довело до основање на првото движење против пушењето во нацистичка Германија.

За време на Првата и Втората светска војна, на војниците им биле делени цигари, а за време на Виетнамската војна, цигарите им биле послужувани заедно со оброците. Во 1975 година, владата на САД престанала да ги дава цигарите како дел од војничките следувања.

Во втората половина од 20-иот век, лошиот ефект кој го имаат цигарите врз здравјето бил широко познат, па на кутиите од цигарите биле пишувани предупредувања. Предупредувањата биле распространети, но не и популарни, најмногу поради политичкото влијание кое го имале одгледувачите на тутун. Соединетите Американски Држави, сè уште немаат воведено графички натписи за предупредување на цигарите, за кои се смета дека се поефикасен начин да ѝ се објасни на јавноста опасноста од цигарите. Во Канада, Тајланд, Малезија, Индија, Австралија, Бразил, Нов Зеланд, Обединетото Кралство, Франција, Романија, Сингапур и Турција, се употребуваат и текстуални и графички предупредувања, визуелни слики со кои се покажува како цигарите го уништуваат човечкото тело.

Цигарите значително се сменети од нивниот зачеток. На пример, тенките линии, кои патуваат попречно кон "оската на пушењето", се наизменични парчиња од тенка и дебела хартија, која овозможува побрзо горење на цигарата кога димот се вовлекува и нејзино побавно горење кога мирува. Синтетичките филтри отстрануваат мал дел од катранот, пред тој да стигне до пушачот. Не сите цигари се направени од хартија, некои се од пластика или од гума.

Производство[уреди]

Модерно изработените цигари се навидум едноставни производи, кои се составени главно од мешавина на тутун, хартија, лепак, кој го поврзува надворешниот слој хартија и целулозен филтер. Цигарите се наместени праволиниски во кутијата. Големо внимание се посветува на создавањето на секоја посебна цигара, особено на мешавината на тутун, која може да содржи над 600 состојки, од кои повеќето му даваат вкус на тутунот. Главната состојка, со која цигарите предизвикуваат зависност, е преработениот тутун, кој содржи адитиви кои го прават никотинот лесно испарлив, кога цигарата е запалена.

Хартија[уреди]

Хартијата во која се витка тутунот, може да се разликува во порозноста, со што се овозможува вентилација на жарта, или може да содржи материјали кои го контролираат степенот на горење на цигарата и постојаноста на создадената пепел. Хартијата која го обложува филтерот го заштитува од плунката и го контролира горењето на цигарата, како и пренесувањето на димот, со помош на една или две низи од мали, ласерски издупчени воздушни дупки.

Според Сајмон Чепмен (англиски: Simon Chapman), професор по здравство на Универзитетот во Сиднеј, потикнувачите на процесот на горење на цигарата, кои се наоѓаат во хартијата, се причина за голем број пожари и нивното отстранување би било едноставен и ефикасен начин да се намали запаливоста на цигарите.

Уште во осумдесетите години, истакнати производители на цигари како што се Филип Морис (англиски: Philip Morris) и Р. Џ. Рејнолдс (англиски: R. J. Reynolds), создале потешко запаливи цигари, но не ги пуштиле во продажба. Запаливоста на хартијата од цигарите се регулира преку додавањето на различни видови на микро кристална целулоза во неа. Хартијата од цигарите е специјално конструирана со создавање на групи со различна порозност, со цел да се добијат безбедни цигари. Овие цигари горат побавно кога не се пушат и со тоа се овозможува сами да се изгасат. Безбедната хартија се добива со механичко менување на поставувањето на смесата.

Њујорк била првата држава од САД која наредила сите цигари кои се произведуваат и продаваат да го исполнуваат стандардот за безбедност. Истото го сторила и Канада.

Мешавина од тутун[уреди]

Процесот на мешање му дава постојан вкус на крајниот производ, кој е збир од повеќе видови тутун кои се одгледувани во различни подрачја и може да го сменат својот вкус со текот на годините, поради различни услови во животната средина.

Во модерните цигари, кои се произведени по педесетите години и се состојат главно од исечени ливчиња тутун, се употребува значително големо количество на обработени нуспроизводи во мешавината. Секоја мешавина на тутун во цигарата, најчесто се состои од листови од светлолисен тутун исушен на пламеник, берлеј и ориентален тутун. Листовите се одбираат, обработуваат и одлежуваат, пред да се помешаат и наполнат во цигарата. При обработката на светлолисниот тутун и берлејот, се добиваат неколку нуспроизводи како на пример дршките од листовите, тутунов прав и парчиња од листовите на тутунот. За да се подобри економичноста при произведувањето на цигари, овие нуспроизводи одделно се преработуваат во облик во кој подоцна повторно ќе може да се додаде во мешавината од тутун, без да го променат квалитетот на цигарата.


Во последниве години произведувачите сакаат да постигнат максимална заработка и во мешавината од тутун ги употребуваат не само листовите тутун, туку и рециклираниот отпад од тутунот и стеблата од растенијата. Стеблото се крши и се сече за да наликува на лист, пред да се измеша заедно со исечените листови. Според податоците на Светската здравствена организација (англиски: World Health Organization), количината на тутун која се употребува за да се направат 1000 цигари во 1960 година изнесувала 1.03 килограми, а во 1999 година 0.41 килограми. Овој пад во количината на тутун е настанат како резултат на употребата на преработен тутун и адитиви.

Адитиви[уреди]

Според рецептот, оформената комбинација од светлолисен тутун, берлеј и ориентален тутун се меша со навлажувачи, на пример пропилен гликол или глицерол, како и со производи со вкус и засилувачи, како состојки од какао, шеќерна репка, екстракт од тутун и различни видови на шеќери. Потоа, во мешавината од тутун се додава вкус или арома на парфем, кои ја подобруваат постојаноста на вкусот на цигарите кои се поврзуваат со одредена марка. Додадените ароми го заменуваат вкусот кој е изгубен за време на процесот на наводнување и сушење на тутунот. На крај, со оваа мешавина од тутун се полнат цигарите и се пакуваат.

Пет големи американски компании за цигари, направиле список од 599 адитиви кои се додаваат во цигарите. Во април, 1994 година, овој список го одобрил Одделот за здравство и социјални услуги. Ниту еден од овие адитиви не се наведуваат во списокот на состојки, на кутијата од цигарите.

Хемикалии се додаваат поради органолептични причини, а многу од нив ги зголемуваат својствата на цигарите кои предизвикуваат зависност, особено кога согоруваат.

Една од хемикалиите на списокот е амонијакот. Тој овозможува врзаните молекули од никотин во цигарите да се претворат во слободни молекули од никотин. Овој процес го зголемува ефектот на никотинот врз пушачот.

Оданочување[уреди]

Цигарите се важен извор на даночни приходи во многу земји. Овој факт претставувал пречка за здравствените групи кои барале начин да ги одвратат луѓето од пушењето, додека владите барале да се зголемат даночните приходи од продажбата на цигари. Некои земји ги претвориле цигарите во државни монополи, што имало силен ефект врз однесувањето на владините претставници кои работеле надвор од министерствата за здравство. Во САД цигарите со оданочуваат во голем дел, но државите сами ја одредуваат даночната стапка. Генерално, државите што се потпираат на производство на тутун како стратешки земјоделски производ, настојуваат да ги оданочуваат цигарите со помала стапка.

Се покажало дека со зголемувањето на цената на цигарите, се намалува бројот на пушачите. Со зголемување на цената на цигарите за 10%, се намалува бројот на младите пушачи за 7% и вкупната потрошувачка на цигари за 4%. Така, зголемените даноци на цигари се предложени како средство за намалување на употребата на цигари. Заедно со федералниот данок на цигари, целосниот данок на цигари се движи од 1.18 долари од кутија во Мисури, до 6.86 долари од кутија во Њујорк.

Во Велика Британија, поради зголемените даноци, нелегално се увезуваат цигари, или пак луѓето ги купуваат оние кои се нелегално узвезени.

Во некои земји, една нелегално увезена кутија цигари чини двојно помалку од легално увезените цигари.

Илегaлните увозници заработуваат многу со тоа што ги продаваат цигарите по значително пониска цена. Просечната цена на кутија која содржи 20 цигари изнесува меѓу 5 и 6 фунти, додека нелегално увезените цигари се продаваат за помалку од 3 фунти.

Продажба[уреди]

Рекламирање на цигарите[уреди]

Пред Втората светска војна, голем број произведувачи, со секоја кутија цигари делеле колекционерски картички. Оваа практика се прекинала за време на војната, со цел да се заштеди хартија и никогаш повеќе не била воведена. Сепак, американската компанија за цигари Natural American Spirit до 2003 година продавала цигари во кои имало картички на кои имало нацртано загрозени видови животни.

На 1-ви април 1970 година, американскиот претседател Ричард Никсон (англиски: Richard Nixon) го потпишал Законот за пушење цигари и јавно здравје, забранувајќи рекламирање на цигари на телевизија во Соединетите Американски Држави, кој почнал да се применува на 2-ри јануари 1971 година. Сепак, некои тутунски компании се обиделе да ја избегнат забраната и рекламирале нови брендови на цигари, таканаречени "мали цигари". Едни од нив биле цигарите Тихуана Смолс (англсики: Тijuana smalls) , кои што се појавиле речиси веднаш откако забраната почнала да делува. Зимата 1973-1974 година, на пазарот се појавиле цигарите Беквудс (англиски: Backwoods). Слоганот за нивната реклама гласел: „Како може нешто што изгледа толку диво, да има толку нежен вкус.“ Голем број на слогани се користеле за потпомагање на производството на цигари. Ваквите слогани направиле пушењето на цигари да изгледа „кул“ и модерно и ја зголемиле потрошувачката на цигари.


Во многу делови од светот рекламирањето и спонзорствата на цигари биле забранети. Забраната за рекламирање на цигарите во ЕУ во 2005 година, го натерало раководството на Формула 1 да бара трките да се возат во области во кои е дозволено тимовите спонзорирани од тутунски компании да се рекламираат на автомобилите. Од 2007 година, единствено Скудерија Ферари (Scuderia Ferrari) го задржала спонзорството од страна на тутунска компанија и ја продолжила својата соработка со Марлборо (англиски: Marlboro ) до 2011 година. Во САД, построгите забрани почнале да даваат ефект во 2010 година.

Во рамките на некои јурисдикции, како на пример во канадските покраини Британска Колумбија (англиски: British Columbia), Саскачеван (англиски: Saskatchewan ) и Алберта (англиски: Alberta ), изложувањето на цигари во продавниците на мало е забрането, доколку лица под дозволената возраст за консумирање на цигари имаат пристап до работните простории. Во Онтарио (англиски: Ontario ), Манитоба (англиски: Manitoba ), Њуфаундленд и Лабрадор (англиски: Newfoundland and Labrador), Австралиска престолнинска територија (англиски:Australian Capital Territory) и Квебек (француски: Québec ), од 2010 година изложувањето на цигари е забрането, без разлика на возраста. Забраната исто така важи и за пури и лулиња со марихуана.

Ограничувања во купувањето[уреди]

Од 1-ви април, 1998 година, продажбата на цигари и други тутунски прозиводи се забранила со закон за лица под дозволената возраст во сите земји од САД. Во Алабама (англиски: Alabama ), Аљаска (англиски: Alaska ), Њу Џерси (англиски: New Jersey), Јута (англиски: Utah ), како и во њуоршките окрузи Насау (англиски: Nassau ), Сафолк (англиски: Suffolk ) и Онондага (англиски: Onondaga ), цигари можат да купат лица кои имаат над 19 години. Посакуваниот ефект е да се спречат повозрасните средношколци да им купуваат цигари на своите помлади врсници.

Од 2004 законот бил ставен на гласање и во други земји. Во Масачусетс (англиски: Massachusetts ) на родителите и старателите им е дозволено да им даваат цигари на малолетни лица, но продажбата на цигари на малолетници е забранета.

Слични закони постојат и во други земји. Во голем дел од покраините во Канада, лицата мора да имаат над 19 години доколку сакаат да купат цигари ( освен во Квебек , каде што дозволента возраст е над 18 години. Сепак, минималната возраст се однесува на купувањето на цигарите, а не на нивното консумирање. Во Алберта, важи закон со кој се забранува употреба и поседување на какви било тутунски прозиводи на лица под 18 години. Доколку се прекрши законот, казната изнесува 100 долари. Во сите делови на Австралија, Нов Зеланд, Полска и Пакистан, има забрана за продавање на тутунски производи на лица под 18 години.


Од 1 октомври 2007 година, во три од четирите земји кои се дел од Обединетото Кралство ( Англија, Велс и Шкотска), на трговците на мало им било забрането да продаваат тутун во која било форма, на лица под 18 години. Исто така нелегално било да се продаваат запалки, хартија за завиткување тутун и секакви прозиводи кои се поврзани со тутун на лица под 18 години. За лицата под 18 години било легално купувањето и пушењето на цигари, исто како што претходно било за лицата под 16 години. Законот го прекршувал само оној кој што им ги продавал. Промената на возраста од 16 во 18 години, на лицата на кои им е дозволено да купат цигари, во Северна Ирска стапила во сила на 1-ви септември, 2008 година.

Во Ирска, од 31 мај, 2007 година, почнала да важи забраната за продажба на слатки производи кои наликувале на цигари, во обид да се намали бројот на малолетни лица кои консумираат цигари. Одделот за здравство на Обединетото Кралство планира да го следи примерот на Ирска со забраната за продажбата на слатки производи слични на цигари.

Во најголем број земји, возраста која лицата треба да ја имаат за легално да можат да купат цигари или какви било тутунски прозиводи, изнесува 18 години. Исклучоци се Австрија, Белгија, Данска, Португалија, Холандија и Гибралтар, каде што таа возраст изнесува 16 години. Од 1 јануари, 2007 година, сите автомати за цигари на јавни места во Германија функционираа со внесување на дебитна картичка, за да може да се провери возраста на купувачот. Во Турција, која е земја со најголем број на пушачи, возраста со која легално е дозволено купувањето на цигари изнесува 18 години. Друга занимливост е Јапонија, која исто така е една од земјите со најголем број на пушачи, во која купувачот мора да има над 20 години за легално да може да купи цигари ( правото на глас во Јапонија се стекнува со наполнување на 20 години).

Во 2008 година, Јапонија го спроведе ограничувањето на возраста на лицата кои купуваат цигари од автоматите, со употреба на паметна картичка. Во други земји, како на пример Египет, купувањето и конзумирањето на тутунски производи е дозволено за сите, без разлика на возраста. Во Германија, возраста со која на лицата им е дозволено да купуваат цигари, од 16 години се промени во 18, на 1-ви септември 2007 година.

Во САД, некои полициски станици, испраќаат тинејџери под дозволената возраст, во продавници во кои се продаваат цигари. Таму тинејџерите, со својата лична карта пробуваат да купат цигари. Доколку обидот им успее и продавачите им продадат цигари, продавниците добиваат парична казна. Слична практика применува и полицијата во Велика Британија и Република Ирска.

Потрошувачка[уреди]

Почнувајќи од 2002 година, годишно се прозиведуваат околу 5.5 трилиони цигари, кои ги пушат над 1.1 билион луѓе, или повеќе од една седмина од светската популација. Додека бројот на пушачи се стабилизираше или опаѓаше кај развиените нации, тој продолжува да расте во развиените делови од светот. Бројот на пушачи во САД се намали за половина во периодот од 1965 до 2006 година, симнувајќи се од 42% на 20.8% од возрасните. Во земјите во развој, потрошувачката на цигари се зголемува за 3.4% годишно.

Здравствени проблеми[уреди]

Никотинот, основната психоактивна хемикалија во цигарите, создава психолошка зависност. Кај бебињата на трудниците-пушачи се појавуваат вродени мани, како и психички и физички пречки во развојот. Во просек секоја испушена цигара го намалува животниот век на пушачот за 11 минути. Скоро една половина од пушачите умираат порано, од болести предизвикани од цигарите и во просек губат по 14 години од животот. Дел од минералниот апатит од Флорида, кој се користи за создавање на фосфат за американските тутунските култури, содржи ураниум, радиум, олово 210 и полониум 210, како и радон. Радиоактивниот дим од тутунот кој е одгледуван на тој начин, се задржува во белите дробови и ослободува радијација, дури и ако пушачот престане да пуши.

Комбинацијата на канцерогениот катран и радијацијата ја зголемува опасноста од рак во чувствителните органи како што се белите дробови. Доколку пушачот вдишува и азбестни влакна, кои се појавуваат во урбаните и индустриски средини, ризикот од рак е уште поголем.

Здравствени ризици кај пасивните пушачи[уреди]

Чадот од цигарите е исто така познат и како еколошки тутунски чад или пасивен чад. Тој е мешавина од два вида на чад кои потекнуваат од запален тутун. Првиот вид е оној кој што доаѓа од врвот на запалена цигара, луле или пура, а другиот вид е оној кој што го издишува пушачот. Оваа мешавина содржи над 7000 хемикалии, вклучувајќи стотици кои се отровни и околу 70 кои предизвикуваат рак. Чадот кој го внесуваат пушачите во себе содржи поголем број на канцерогени материи отколку оној кој го издишуваат и содржи помали честички, кои полесно се апсорбираат во клетките на телото. Пасивниот чад може да предизвика рак на белите дробови и кај непушачите, како и болести на срцето кај возрсните. Кај деца кои се изложени на пасивен чад, може ненадејно да се појават инфекции на ушите, на дишните патишта, како и напади на астма. Научните докази покажаа дека секое изложување на пасивен чад е опасно.

Пораки за предупредување во кутиите за цигари[уреди]

Во некои земји кутиите од цигарите содржат пораки за предупредување за здравјето. Најпрво започнала Америка, а потоа следеле и Канада, речиси цела Европа, Австралија, Индија, Хонг Конг и Сингапур. Во декември, 2000 година, Канада прва употребила слики во предупредувањата на цигарите. На крајот на декември, истата година, нова регулатива од Отава била да се зголеми големината на предупредувањето и да покрива ¾ од кутијата.

Почнувајќи од ноември, 2010 година, 39 земји усвоиле слични закони. Во февруари, 2011 година, канадската влада донела регулатива со која се наложувало кутиите од цигарите да содржат 12 слики, со кои ќе се покријат 75% од надворешноста на кутијата и 8 пораки за предупредување во боја, во внатрешноста на кутијата. Канада е единствената земја во светот во која се поставуваат пораки за предупредување и во внатрешната и на надворешната страна од кутијата.

Во април, 2011 година, во Австралија, се донел најстрогиот закон за кутиите од цигарите. Нов Зеланд, Канада и Велика Британија размислувале да ја спроведат иста политика. Сите кутии од цигари морале да бидат со маслинесто зелена основа на предната страна, на која 75% се испишани со пораки за предупредување, а задната страна да е цела со графички предупредувања. Единствените нешта по кои се разликувале видовите цигари едни од други биле името на производителот напишано во стандардна боја, позиција, големина на буквите и стил. Тутунската компанија Филип Морис се заканила дека ќе ја тужи владата на Австралија доколку сè уште ја применува регулативата, затоа што Австралија треба да ги заштити странските инвеститори од дискриминаторен третман. Австралија е првата земја која вовела едноставни кутии за цигари на кои не се појавувало името на производителот.

Забрани за пушење[уреди]

Владите на многу земји вовеле забрани за пушењето, особено на јавни места. Основната причина за воведувањето на овие забрани се негативните ефекти кои пасивниот чад ги има врз здравјето. Законите се разликуваат во различни земји и области.

Догорче[уреди]

Вообичаеното име кое се користи за остатокот кој останува од цигарата, откако ќе се испуши, се нарекува догорче. Догорчињата се најчестите отпадоци во светот. Тие се насобираат околу зградите, паркинзите и улиците, од каде што преку канализацијата можат да се пренесат до потоците, реките или плажите. Ова може да претставува опасност за водните екосистеми, како и за животинскиот свет.

Отпадот од цигарите[уреди]

Филтрите на цигарите се направени од целулозен ацетат и се биолошки разложливи, иако понекогаш, зависно од условите во природната средина, можат да бидат отпорни на разложување. Според тоа, процесот на разложување може да трае од 1 месец до 3 години, а може и да достигне времетраење од 10 до 15 години.

Секоја година, 4.5 билиони отпушоци стануваат отпад. Меѓународните служби за чистење на крајбрежните делови, забележале дека отпушоците и цигарите зафаќаат 24.7 % од целиот број на собрани парчиња ѓубре, што изнесува два пати повеќе од која било друга категорија.

Отпушоците ги содржат хемикалиите кои ги собираат од цигарите. Токсичноста на догорчињата зависи од марката на цигарите, затоа што различни производители употребуваат различни хемикалии во мешавините од тутун. Откако цигарата ќе се испуши, догорчето задржува некои од хемикалиите, а дел од нив се канцерогени. Некои студии покажаа дека хемикалиите од отпушоците кои се ослободуваат во слатките води, се смртоносни.

Целулозниот ацетат и јаглеродните честички кои се вдишуваат низ филтерот од цигарата , можат да предизвикаат оштетување на белите дробови.

Догорчињата кои не се добро изгасени, се причина за предизвикување голем број пожари во домовите и во природата, кои предизвикале огромни материјални штети и однеле голем број човечки животи.

Владите на многу земји воведоа строги парични казни, за оној кој што ќе фрли отпушок од цигара. Во Вашингтон, казната изнесува 1025 долари.

Догорчињата се најчестиот вид на одтпад кој може да се сретне на улиците. Постојат неколку начини со кои може да се намали влијанието кое отпушоците го имаат врз природната средина. Треба да се произведуваат филтри кои се разградуваат биолошки, да се зголемат паричните казни за фрлање на отпушоци, зголемување на достапноста на контејнерите за отпушоци, како и проширување на јавното образование. Дури можеби е можно целосно да се забрани продажбата на цигари со филтри, со оглед на тоа колкава штета предизвикуваат врз природната средина.

Електрични цигари[уреди]

Електричните цигари се направи кои содржат никотин, но не испуштаат чад. Ефектот кој го имаат овие цигари врз здравјето сè уште сериозно се проучува. Во некои земји, како на пример Сингапур, овие направи се нелегални. Во други земји, на пример Канада и Данска, треба да се добие дозвола од владата пред да се продаваат овие направи.

Надворешни врски[уреди]