Ханс Холбајн Помладиот

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Ханс Холбајн Помладиот
Hans Holbein der Jüngere

Автопортрет, 1542-43
Роден(а) ~ 1497
Аугсбург, Свето римско царство
Починал(а) помеѓу 7 октомври и 29 ноември 1543
Лондон, Англија
Политичко движење ренесанса
Портрет на Еразмо Ротердамски, 1523

Ханс Холбајн Помладиот (германски: Hans Holbein der Jüngere; ~ 1497– пред 29 ноември 1543) — германски уметник и графичар кој работел во стилот на северната ренесанса. Познат е по бројните портрети и по низата дрворезиТанц на Смртта“.

Младост и кариера[уреди]

Холбајн е роден во Аугсбург, Баварија каде учел сликарство од татко му, Ханс Холбајн Постариот. Подоцна, со брат му Амброзиј Холбајн, отишол во Базел каде запознал многу академци, меѓу кои и холандскиот хуманист Еразмо Ротердамски. Тогаш Еразмо побарал од него да му ги илустрира неговите сатири. Илустрирал и други книги, а и допринел кон Лутеровиот превод на Библијата. Како татко му, Ханс дизајнирал витражи и сликал портрети.

Холбајн во Англија[уреди]

Со Протестантската реформација за Холбајн станало тешко да се издржува како уметник во Базел, Швајцарија, па во 1526 заминал за Лондон. Еразмо му напишал претставително писмо за англискиот државник и автор Томас Мор. Холбајн насликал многу портрети за дворот на Хенри VIII. Додека бил таму дизајнирал државни одежди за кралот. Дизајнирал и мноштво екстравагантни споменици и украси за крунисувањето на втората жена на Хенри, Ана Болејн, во летото 1533.

Постојат неколку зачуван скици на Ана Болејн од Холбајн. На еден нацртана полничка жена во едноставна ноќница. Некои велат дека ова е кралицата за време на бременост, накде помеѓу 1533 и 1535, но скорешните истражувања укажуваат на тоа дека ова е една од нејзините дворски дами, можеби Леди Маргарет Ли или една од нејзините сестри. Поверојатно е дека портретот на Ана Болејн кој Холбајн го насликал бил уништен по нејзиното обезглавување во 1536 врз основа на лажните обвиненија за предавство, прељуба, инцест и вештерство.

Холбајн ја насликал третата жена на Хенри, Џејн Сејмор. Ја насликал и нејзината сестра, Елизабет Сејмор, која се омажила за синот на Томас Кромвел. По смртта на Сејмор Холбајн ја насликал Кристина Данска за време на преговорите за нејзин брак со Хенри VIII. Самиот портрет му се допаднал на кралот, но Кристина ја одбила брачната понуда, велејќи дека сака да си ја зачува главата.

Потоа Холбајн ја насликал и Ана Клевска за Хенри VIII. Хенри го критикувал портретот како премногу ласкав; се чини дека Хенри бил повеќе импресиониран од екстравагантното величење на Ана отколку од портретот. Има и една портретна минијатура на млада жена во златен фустан и накит за која се спори дали е портрет на петтата жена на Хенри, Катерина Хавард.

Подоцнежни години[уреди]

Во подоцнежните години Холбајн работел и во Базел и во Лондон. На еден престој во Лондон го насликал германскиот трговец Георг Гизе, брат на Тидеман Гизе, на филијалата на Ханзеатската лига во Лондон, наречена Стилјард (Stalhof).

Холбајн починал во Лондон додека работел на друг портрет на Хенри. Напишал тестамент во на 7 октомври, 1543, и придодал документ (датир. 29 ноември), во кој пишува дека неодамна починал.[1]

Портретни техники[уреди]

Холбајн секогаш правел високодетални цртежи со молив на луѓето кои требал да ги слика, а често ги дополнувал со мастило и креда во боја. Цртежите даваат нагласок на детали на лицето и на нив обично не се гледаат рацете; облеката е назначена само шематски. Потоа цртите се пренесувале на подлога по пат на мали дупчиња во кои се потурал јагленов прав; во подоцнежните години Холбајн за оваа цел користел еден вид карбонска хартија. Вака финалната слика имала ист размер како и првичните цртежи. Иако цртежите ги правел како студии за слики, тие се независни, фино изработени уметнички дела.

Во холбајновите дела може да се забележи суптилната способност за доловување на карактерот на луѓето, како што може да се види од портретот на Томас Кромвел, Еразмо Ротердамски, и Хенри VIII. Резултатот е дефинитивна слика за изгледот и личните особености на насликаните луѓе.

Галерија[уреди]

Поврзано[уреди]

Наводи[уреди]

  1. Michael Levey, The German School; National Gallery Catalogues, 1959, National Gallery, London

Надворешни врски и наводи[уреди]

Македонски[уреди]

Други јазици[уреди]