Филип Петровски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Филип Петровски
Роден Филип Тихомир Петровски
28 мај 1972(1972-05-28)(51 г.)
Куманово, СР Македонија
Националност Македонeц
Занимање политичар
Татко Тихомир Петровски
Мајка Маринела Петровска
Деца 1
Политичка припадностОбединети за Македонија (2009–2010)
Демократска Десница (2011–2012)
ВМРО-ДПМНЕ (2012–)
Пратеник во Собранието на РМ1998–2001
Генерален конзул на РМ во САД2001–2003
Директор на Градска библиотека2005–2011
Директор на ДАРМ2015–2017

Филип Петровски (28 мај 1972, Куманово) — македонски политичар, библиотекар, универзитетски професор, и поранешен директор на Државниот архив на Република Македонија.

Животопис

Филип Петровски е најстарото дете на Тихомир Петровски и Маринела Петровска (м. Кузмановска). Основното образование го стекнал во основното училиште „Крсте Петков Мисирков“ во Куманово. Образованието го продолжил во средното училиште „Гоце Делчев“ (генерација 1986–1990) во родниот град. По завршувањето на средното образование заминал во војската на Југославија како дел од 63. падобранска бригада во Ниш. Служејќи го воениот рок, поминал два месеци во Словенија и еден месец во Хрватска во 1991 година, каде бил сведок на распадот на Југославија.

По отслужувањето на воениот рок и враќањето во Република Македонија, своето образование го продолжил на филозофскиот факултет во Скопје. По дипломирањето, по покана на Владата на САД, во 1998 година бил единствен претставник од Македонија и Балканот на проектот за млади европски водачи (англиски:1998 USIA International Visitor Program, A Project for Young European Leaders). Една година подоцна бил учесник и на школата за меѓународно водство и економски развој (англиски:1999 Harvard University, John F. Kennedy School of Government – International leadership and economic development), организирана од школата „Џон Фицџералд Кенеди“ при универзитетот Харвард, која исто така била организирана од владата на САД.

Во 2006 година ги завршил магистерските студии по меѓународно право и политика на тема: „Реформа на системот за колективна безбедност на ООН“, под менторство на професорот Тања Петрушевска. Во 2010 година, Петровски станал доктор на политички науки на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања. Подоцна, тој бил избран за виш соработник на Институтот за национална историја при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, но набргу неговиот избор бил поништен поради процедурални пропусти.[1]

Во 2012 година бил избран за доцент на универзитетот „Евро-Балкан“ во Скопје.[се бара извор] Во билтените од 2012 година на Универзитетот Евро-Балкан не постои реферат за избор на д-р Петровски во доцент.[2][3][4]

Семејство

Петровски е оженет и татко на едно дете.

Политичка кариера

Филип Петровски се обраќа за време на студентски протести од 1997
Средба со Борис Трајковски, Срѓан Керим и Анатолиј Карпов во Њујорк
Средба во францускиот парламент, 2000 година

Во 1997 година, како апсолвент на Филозофскиот факултет во Скопје, тој бил еден од водачите на студентските протести против наставата на албански јазик на Педагошкиот факултет во Скопје. Истовремено, до 2000 година бил претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.[5] Од 1997 до 2001 година бил член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Покрај овие функции, во периодот од 1998 до 2001 година бил пратеник во Собранието на Република Македонија. Во 2001 година, со одлука на Владата на Република Македонија бил назначен за конзул во Њујорк, при што под негова одговорност биле Северна, Средна и Јужна Америка. По промената на власта во 2002 година, Петровски бил сменет од конзулската позиција во САД, поради наводно недолично однесување, предизвикување јавни инциденти и незадоволителни резултати во работата. Подоцна, тој ги демантирал таквите тврдења.[6]

Во 2003 година, на конгресот на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид, Петровски бил дел од штабот на Марјан Ѓорчев, кој бил кандидат за претседател на партијата. Потоа, тој му се придружил на Никола Груевски и станал дел од партиската комисија за надворешна политика. Во 2009 Петровски станал член на партијата Обединети за Македонија, каде ја извршувал функцијата потпретседател на партијата. Во 2010 поднел оставка поради несогласувања со партискиот претседател Љубе Бошковски. На изборите во 2011 година настапил со својата нова партија Демократска десница, но по изборниот неуспех ја припоил партијата кон ВМРО-ДПМНЕ.[5]

Покрај политичката кариера, Петровски извршувал и повеќе јавни функции, а се занимавал и со приватен бизнис. Така, во 2005 година, тој бил избран за директор на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје, на чие раководно место бил до 2011 година. Во 2012 година бил избран за заменик-директор на Државната лотарија на Република Македонија, каде останал до 2015 година, кога бил избран за директор на Државниот архив на Република Македонија. Според анкетниот лист доставен до Антикорупциската комисија, Петровски се јавува како сопственик на две приватни трговски друштва: на почетокот на 2014 година станал сопственик на друштвото „Виртувио“, а претходно бил управител на оваа фирма во перодот 2011-2015. Во 2015 година, тој бил еден од основачите на трговското друштво „Меквили“.[5]. Во јуни 2017 година, Петровски бил сменет од функцијата директор на Државниот архив на Република Македонија.[7]

Поради своите ставови и политички гледишта, Петровски бил следен од македонската тајна полиција и за него било отворено политичко досие со шифрата „Марта“, при што тој бил опишан како опасен за уставниот поредок на Република Македонија. Целото досие било објавено во дневниот весник „Македонија денес“, во девет продолженија, во 2000 година.

Творештво

  • За нас“, Македонска книга, Скопје, 2002. Книгата содржи негови политички ставови, говори во Собранието на РМ, како и интервјуа поврзани со македонско национално прашање од периодот 1997-2001.
  • Уште еднаш за нас“, Панили, Скопје, 2006. Книгата содржи колумни објавувани во „Завет“, „Фокус“ и „Дневник“, во периодите 1995-1997 и 2001-2005.
  • Анти-блог за Филип Петровски“, Аквариус пет, 2008. Книгата содржи објави и коментари објавувани на интернет и во „Утрински весник“, во периодот 2007-2008 година.

Надворешни врски

Наводи

  1. Повеќе објави, Грид.мк
  2. Институт за општествени и хуманистички истражувања „Евро-Балкан“, Школа за регионални студии БИЛТЕН, I/29, 7 февруари 2012 [1][мртва врска]
  3. Институт за општествени и хуманистички истражувања „Евро-Балкан“, Школа за регионални студии БИЛТЕН, I/30, 10 април 2012 [2][мртва врска]
  4. Институт за општествени и хуманистички истражувања „Евро-Балкан“, Школа за регионални студии БИЛТЕН, I/31, 26 април 2012 [3] Архивирано на 22 мај 2012 г.
  5. 5,0 5,1 5,2 Влатко Стојановски, „Како Филип Петровски е избран за доцент и зошто се здружил со газдите на сендвичарницата „Вили“?“, Фокус, број 1101, 11 ноември 2016, стр. 20-23.
  6. Филип Петровски назначен за в.д. директор на Државен архив 24 Вести
  7. Филип Петровски е сменет од функцијата директор на Државен архив[мртва врска], Кајгана, 27.06.2017