Тарот карти

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Податотека:RWS-00-Fool.jpg
Будалиот: тарот картата со број „0“.

Тарот карти (тарочи, тарок и други слични имиња) е посебен шпил од седумдесет и осум карти, групирани на следниов начин: голема аркана, која содржи 22 карти (21 нумерирана карта + картата со број „0“), и мала аркана, во која спаѓаат останатите 56 карти, поделени по „боја“ (парички, стапови, пехари и мечеви).

Тарот картите во некои делови на Европа се користат за играње, како на пример италијанскиот тарочини, или францускиот тарот. Но во најголем дел од земјите каде што се познати овие карти, тие се користат за предвидување.[1]

Историја[уреди]

Овие карти во Европа се појавиле во доцниот 14 век. Иако постојат голем број нагаѓања за потеклото на таротот, како најверојатна теорија се зема таа која вели дека првиот ваков шпил се појавил меѓу 1410 и 1430 година во Милано, Ферара, или Болоња, во северна Италија. Овие нови карти на почеток ги нарекувале carte da trionfi, односно триумфални карти. Првиот запис за постоењето на овие карти е пишана изјава за рекорди во Ферара, во 1442 година.[2].

Не постојат документирани записи пред 18 век за употреба на тарот картите за предвидување, но сепак постои запис од 1540 година за користење на сличен шпил карти за предвидување. Во 1765 година, Џакомо Казанова запишал во својот дневник дека неговата пријателка Русинка често користи карти за предвидување.

Се чини дека постојат записи кои потврдуваат постоење на шпил карти за играње налик на тарот картите со потекло од Милано, Италија. Не е можно прецизно да се одреди од кога датираат, но се смета дека се направени некаде околу 1440 година.

Најстарите зачувани до денес тарот карти се три шпила изработени кон средината на 15 век за членовите на семејството Висконти. Едниот шпил (од само 66 карти) се знае дека е изработен од анонимен сликар за Филипо Мариа Висконти, а денес се чува во универзитетската библиотека во Њу Хевн.

Долго време тарот картите биле привилегија само за припадниците на високите класи, и биле изработувани рачно, сè до појавата на печатниците. Масовното производство на тарот карти станало можно, и од тоа време до денес се зачувани шпилови изработени во Франција, посебно во Марсеј.

Првите јавно користени тарот карти за предвидување потекнуваат од Франција, а изработени се од окултистот познат под псевдонимот „Етеила“, кој работел како гледач на карти кратко пред Француската револуција. Етеила го дизајнирал првиот шпил на езотерични тарот карти, додавајќи астролошки и египетски мотиви. Така, тарот картите конечно се поврзале со мистицизмот и магијата,[3] иако не биле нашироко прифатени од мистиците, окултистите и тајните здруженија сè до 18 и 19 век.

Елифас Леви и тарот картите[уреди]

Идејата да се додаде на тарот картите мистичен елемент натаму ја развил Елифас Леви, и после него се раширила во земјите од англиското говорно подрачје. Според некои, токму Елифас Леви, а не Етеила, се смета за вистинскиот основач на повеќето школи за тарот. Елифас Леви јавно ги изнесол тајните на таротот, поврзувајќи ги картите со херметичката Кабала и со четирите елементи од алхемијата.

Користењето на тарот картите за предвидување станало популарно од 1910 година, откако двајца членови на редот Златна зора дизајнирале шпил од овие карти. Овие карти дополнително ги замаглиле христијанските алегории на таротот, а исто така направиле неколку измени во називите на картите од големата аркана.

Од тогаш, се појавиле огромен број на различни шпилови тарот карти. Во многу системи се користи следнава асоцијација на четирите елементи: мечевите се воздух, стаповите се оган, чашите се вода и паричките се земја. Користени се асоцијации од: нумерологија (посебно нумерологијата на Питагора), астрологија, херметичката Кабала (секоја карта од големата аркана претставува еден пат од дрвото на животот), И Чинг, христијанство, Аура-Сома и други.


Алистер Кроули и тарот картите[уреди]

Од езотеричните шпилови на тарот карти до денес најмногу се користат Тот тарот картите на Алистер Кроули, кој најголемиот дел од животот го посветил на окултизмот. Овој шпил карти е дизајниран од страна на Алистер Кроули, а картите ги сликала лејди Фрида Харис според неговите инструкции. Заедно со книгата со упатства за употреба на картите, овој шпил карти се учат во херметичкиот ред Златна зора, во О.Т.О., како и во редот Телема. Илустрациите на картите се уметнички, а воведени се и некои измени, како на пример неколку карти од големата аркана се преименувани, и исфрлени се толкувањата за превртените карти.

Превртени карти[уреди]

Некои од методите за употреба на тарот картите кои се појавуваат превртени (наопаку) ги толкуваат различно.[4]. Најчесто превртената карта се смета дека го има спротивното значење од она што истата карта го има кога не е превртена. На пример: картата од големата аркана со број 17, „Ѕвезда“ кога е правилно поставена се толкува како - надеж, верба, прекрасна перспектива, а кога е наопаку свртена означува - разочарување, песимизам, недостаток на можности. Сепак, не користат превртени карти сите методи на употреба на тарот картите (Тот тарот картите на Алистер Кроули не се занимаваат со превртените карти).

Тарот картите денес[уреди]

Денес постојат бројни видови на различни шпилови тарот карти. Како на пример: Тот тарот карти, Цигански тарот, Тарот Аквариус, Анѓелски тарот, Езотеричен тарот, Астрал тарот, Астролошки тарот, Вештерски тарот, Алхемиски тарот, Тарот на луѓето мачки, Митски тарот, итн.

Наводи[уреди]

  1. Paul Huson, (2004) Mystical Origins of the Tarot: From Ancient Roots to Modern Usage, Vermont: Destiny Books, ISBN 0-89281-190-0 Mystical Origins of the Tarot
  2. Place, Robert M. (2005) The Tarot: History,Symbolism,and Divination,, Tarcher/Penguin, New York, ISBN 1-58542-349-1
  3. Huson, Paul Mystical Origins of the Tarot: From Ancient Roots to Modern Usage. Vermont: Destiny Books, 2004
  4. Huson, Paul, Mystical Origins of the Tarot, p. 59

Надворешни врски[уреди]