Панко Брашнаров

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Панко Брашнаров
Panko brasnarov.jpg
Роден/а 9 август 1883
Велес, Македонија
Починал/а 13 јули 1951
Голи Оток, Хрватска, ФНРЈ

Панко Брашнаров (познат и како Панко Брашнар) (9 август 1883 (нов стил)[1] - 13 јули 1951) бил македонски комунист, член на првиот Централен комитет на ВМРО (Обединета) и потпретседател на Президиумот на АСНОМ. Поради поддршка на Резолуцијата на Информбирото е уапсен и испратен на Голи Оток, каде набрзо умира како најстариот затвореник по основа на Информбирото кој починал во затвор.[2]

Содржина

Рани години [уреди]

Панко Брашнаров е роден во Велес. Образованието го започнува во родниот град. По завршувањето на прогимназијата, во 1900 година школувањето го продолжува во Педагошкото училиште во Скопје. Учителствувањето го започнува во кумановските села каде почнува да ги шири првите револуционерни идеи. Учителствува до почетокот на Балканските војни. Уште пред Првата светка војна учествува во работата на Социјалистичката организација во Велес и соработува во органот на Васил Главинов, „Класно сознание“. За време на Првата светска војна е присилно мобилизиран од бугарската војска и е испратен на фронтот кај Дојран.

Меѓу двете светски војни [уреди]

Панко Брашнаров.

По Првата светска војна, во 1919 година Брашнаров станува член на Комунистичката партија на Југославија. Во текот на 1920-тите учествува на повеќе конференции и конгреси на КПЈ. Така, во 1920 г. е избран за делегат од велешката партиска организација на Вуковарскиот конгрес; во 1922 г. учествува на Првата земска конференција на КПЈ во Виена; во 1924 г. е делегат на Третата земска конференција на КПЈ во Белград; во 1926 г. учествува на Третиот конгрес на КПЈ во Виена.

На основачкиот конгрес на ВМРО (Обединета) во октомври 1925 година е избран за член на нејзиниот прв Централен комитет. Во август 1926 година е уапсен и во април 1927 година е осуден на две-годишна робија. Од затвор излегува во февруари 1928 година. Кон крајот на мај 1929 година, на пат за конгресот на ВМРО (Об.) во Берлин, е уапсен на југословенско-австриската граница. По настанатата голема провала на ВМРО (Об.) во Вардарска Македонија на 5 јули 1929 година, Брашнаров е спроведен назад во Велес. На судењето во јуни 1930 година тој е осуден на пет години робија и доживотно губење на граѓанските права. Затворен е во затворот во Сремска Митровица. По излегувањето од робија, политички се пасивизира.

Втора светска војна [уреди]

Панко Брашнаров како македонски партизан.

По окупацијата на Македонија од страна на Бугарија во текот на Втората светска војна, Брашнаров повторно станува учител и предава на бугарски јазик,[се бара извор] а од 1943 година се поврзува со партизаните. Во мај 1944 година преминува на слободна територија и станува член на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ. Како најстар делегат го отвора Првото заседание на АСНОМ. На него е избран за потпретседател на Президиумот на АСНОМ. На 6 август е избран за повереник за информации во Президиумот на АСНОМ.

По ослободувањето на Македонија, на 26 ноември, во ослободеното Скопје, на Првата конференција на Народноослободителниот фронт на Македонија е избран за негов потпретседател. Реизбран е во Президиумот на АСНОМ на Второто заседание на АСНОМ во декември 1944 и на Третото заседание во април 1945 година.

Информбирото и Голи Оток [уреди]

По објавувањето на Резолуцијата на Информбирото против раководството на КПЈ во јуни 1948 година, Брашнаров недвосмислено застанува на страната на СССР и Сталин во спорот. На 1 октомври 1948 година, заедно со Павел Шатев, до ЦК на Советската комунистичка партија упатува доверливо писмо во кое се тврди дека „прашањето за обединување на македонскиот народ уште од самиот почеток се поткопа поради неговото неправилно поставување од страна на ЦК КПЈ во смисла обединета Македонија да се присоедини кон ФНРЈ, без да се води сметка за посебните, специфични услови, ниту за братските соседни земји...“[3]

Брашнаров е уапсен на 11 декември 1950 година и на 29 јуни 1951 е осуден на „општествено полезна работа во траење од 24 месеци.“ Во првите денови од јули е испратен во логорот на Голи Оток, каде што набрзо, на 13 јули, умира.

60 години не се знаеше каде се погребани неговите посмртни останки. Во септември 2011 година, новинарска екипа на емисијата КОД, составена од новинарите Владимир Тевчев и Александар Кукулев и снимателот Данчо Стефков успеа да го пронајде гробот на Панко Брашнаров. Закопан е на градските гробишта Мирогој во Загреб - Република Хрватска. Неговите посмртни остатоци доживеале две есхумации. Во 1953, две години по неговата смрт на Голи оток, тој е погребан на загребските гробишта. Во 1971 година е есхумиран во заедничка гробница, во близина на првото гробно место, а во почетокот на осумдесеттите, неговите коски, заедно со коските на уште неколкумина негови современици се преместени на необележана гробна парцела, на крајот на гробиштата.

По објавувањето на телевизиската сторија на националната Канал 5 ТВ, државата најави враќање на посмртните остатоци на Панко Брашнаров во Македонија.

Литература за Брашнаров [уреди]

  • „Панко Брашнаров - живот и дело“ (зборник на трудови), 1992.
  • Перо Коробар „Панко Брашнар“, 1992 и 2004.
  • Вера Весковиќ - Вангели „Досие Брашнаров“, 2003.

Наводи [уреди]

  1. Перо Коробар „Панко Брашнар“, 1992, 10 стр.
  2. Pregled broja "informbirovaca" koji su u zatvorima izgubili život po godinama rođenja
  3. „Панко Брашнаров и Павел Шатев за обстановката във Вардарска Македония през 1944-1948 г. — изложение до ВКП(б)“

Надворешни врски [уреди]