Внатрешна македонска револуционерна организација (Обединета)

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од ВМРО (Обединета))
Внатрешна Македонска Револуционерна Организација (Обединета)
Активна1925–1936
ЗемјиМакедонија (Пиринска, Егејска), Србија
Видмакедонска национално-ослободителна организација
Команданти
Истакнати
команданти
Димитар Влахов
Павел Шатев
Владимир Поп Томов
Ризо Ризов
Панко Брашнаров

ВМРО (Обединета) — македонска револуционерна организација, формирана врз основа на принципите на Мајскиот манифест на ВМРО, под влијание на Балканската комунистичка федерација и со поддршка на Коминтерната и македонските комунисти. Нејзе и се приклучиле членовите на Илинденската организација, на бившата Серска група , на бившиот Емигрантски комунистички сојуз, бившата Македонска федеративна организација и други прогресивни групи.

При нејзиното основање бил избран Централен комитет со седиште во Виена. Нејзин орган бил в. Македонско дело. Имала цел да прерасне во масовно народно движење за извојување слободна и независна Македонија во рамките на нејзините географски и економски граници и нејзино конституирање во самостојна политичка единица, што ќе влезе како рамноправен член на идната Балканска федерација.

Нејзини најистакнати дејци биле: Панко Брашнаров, Димитар Влахов, Симеон Кавракиров, Владимир Поптомов, Андреја Чипов, Методија Шаторов-Шарло и др.

За трите дела на Македонија биле создадени одделни обласни комитети на чело со секретар. Обласниот комитет во Пиринскиот дел на Македонија го раководел Симеон Кавракиров. Подоцна седиштето на ЦК на ВМРО(Об) било пренесено во Берлин (1928), при што уште повеќе се влошиле врските на раководството со татковината. Наскоро настанала голема партиска провала во Велес, Куманово, Скопје и Штип (1928-1929), при што биле уапсени 113 нејзини членови, меѓу кои и членот на ЦК Панко Брашнаров, а по испраќањето на робија на дел од осудените, во наредната година престанала дејноста на Организацијата во Вардарскиот дел на Македонија.

Незадоволни од прокомунистичката ориентација на раководството, една група членови: Михаил Герџиков, Георги Занков, Павел Шатев и др., безуспешно се обиделе да се издвојат во одделна организација (Цариград, 1929). Постигнатото помирување со тие незадоволници останало само привидно.

Добивајќи речиси наполно комунистички карактер (1933/1934), истите членови се среќавале и во ВМРО(Об) и во БКП/КПГ/КПЈ. Кога настанала наредната голема партиска провала во Пиринскиот дел на Македонија (1935/1936), на суд во Горна Џумаја (ден. Благоевград), Неврокоп, Софија и Разлог биле изведени околу 60 нејзини членови и наскоро потоа престанала нејзината организирана илегална дејност и во Пиринскиот, а во Егејскиот дел угаснала нејзината дејност во времето на Метаксасова диктатура (1936 - 1941).

ВМРО(Об) имала еволутивен став во однос на македонското национално прашање. Од првичните ставови за етничкиот состав на населението на Македонија како шаренило на народи (Бугари, Грци, Срби итн.), подоцна станале доминантни ставовите дека Македонците се посебен народ (нација) и со посебен јазик.

Предисторија[уреди | уреди извор]

Македонија по Букурешкиот договор од 1913 година.

На 29 април 1924 година во Виена претставниците на ВМРО, Петар Чаулев и Димитар Влахов, на СССР и Коминтерната Соломон Голдштајн (Черски), на БКП Никола Харлаков и Филип Атанасов од Македонската федеративна организација ја потпишале Платформна декларација за обединувањето на македонското револуционерно движење [1].

На 30 април ЦК на ВМРО и ЦК на МФО го потпишуваат и Протокол за обединување на македонското револуционерно движење. Во него, меѓу другото, се изјавува дека:

Потпишаните, ја изјавуваме својата длабока убеденост дека успехот на ослободителната револуционерна борба во Македонија при денешната балканска и меѓународна политичка положба, е можен само кога таа борба ќе биде положена врз следните основи: 1. Ослободување и обединување на распарчените делови на Македонија во една наполно независна и самостојна политичка единица, во нејзините природни етнографски и географски граници... Кога таа борба, доколку нејзиниот успех зависи од меѓународната политичка положба, смета и се опира исклучително врз револуционерните и прогресивни движења во Европа, на чело со комунистичкото и врз сестраната поткрепа на СССР, кој единствен денеска се бори за ослободување на потиснатите народи, за нивното вистинско самоопределување и федерирање и кој мема никакви завојувачки цели на Балканот...

ЦК на ВМРО решава да ги објави, преку манифест, принципите на обединување и помирување. На 6 мај 1924 година е потпишан мајскиот манифест во кој било истакнато:

Мајски манифест
Ниедна од владите на балканските држави не мисли за ослободувањето и обединувањето па раскинатите делови на Македонија; ниедна од нив не мисли и не дејствува за самоопределувањето на македонскиот народ во самостојна политичка единица; ниедна од нив не сака на поробените Македонци да им ги даде правата предвидени во договорите кои им го осигуруваат културниот развиток како национални малцинства. Поради тоа, ВМРО е принудена да изјави дека политиката на сите сегашни балкански влади е непријателска за слободното и самостојно палитичко постоење на Македонија и дека таа најрешително и со сите средстаа на револуционерната борба ќе се бори против нивната завојувачка политика спрема Македонија и македонскиот народ...

На 5 јуни, станува јасно дека Тодор Александров, кој е подложен на силен притисок, се подготвува да се откаже од потписот манифестот. Тоа довело до тежок конфликт во Централниот комитет на ВМРО, Чаулев и Влахов се држеле до документот, а генерал Протогеров бил со нејасна позиција. По објавувањето на манифестот од Влахов во Виена, Протогеров, кој е генерал и член на Воената лига му се заканува со физичка ликвидација. Александров и Протогеров на 1 август 1924 година ги повлекле своите потписи.

При оваа состојба, група дејци на чело со Алеко Василев и Георги Атанасов, организираат заговор против Тодор Александров. Убиството на Александров и Горноџумајските случувања го разделиле македонското ослободителното движење. Новиот раководител на организацијата, Иван Михајлов наметнува единственo централистичко управување и ги прекинува односите со левицата. Тој ги организирал убиствата на Петар Чаулев и Тодор Паница.

За да се спаси, Влахов останува во Западна Европа. Врз основа на принципите на мајскиот манифест, во октомври 1925 година во Виена, Димитар Влахов, кој веќе е исклучен од ВМРО, заедно со други дејци на левото крило, го организира формирањето на ВМРО (Обединета), врз основа на мајската платформа.

Основање[уреди | уреди извор]

Основачка конференција[уреди | уреди извор]

Димитар Влахов
Ризо Ризов

Од 1 до 11 октомври 1925 година во Виена се одржала Основачката конференција на ВМРО (Обединета). На конференцијата присуствувале: Ризо Ризов претставник на Иницијативниот одбор на Вардарска Македонија, Георги Занков претставник на Илинденската организација, Христо Јанков претставник на македонскиот народ од Егејска Македонија, на македонската емиграција во Бугарија и Турција, Димитар Влахов претставник на левицата на ВМРО [2], Владимир Поп Томов претставник на македонскиот народ од Пиринска Македонија. За претседател на конференцијата бил избран Димитар Влахов.

Конференцијата го имала следниот дневен ред: 1) Реферат за положбата во внатрешноста на Македонија и емиграцијата, подносител Георги Занков 2) Реферат за меѓународната положба на Македонија, подносител Димитар Влахов 3) Реферат за идните задачи на организацијата и за нејзиното организациско изградување, подносител Георги Занков 4) Реферат за односите спрема другите организации, групи и лица во македонското движење, подносител Димитар Влахов 5) Избор на Централниот комитет на ВМРО (Об), прифаќање на резолуции, декларации и потпишување на записниците.

Конференцијата работела 11 дена. На 9 октомври бил избран Централен комитет. Во него влегле: Димитар Влахов, Георги Занков, Христо Јанков, Димитар Аранудов. Едно место било оставено за претставникот на групите од Вардарска Македонија, кое подоцна го пополнил Панко Брашнаров. Биле избрани и тројца кандидати за членови на ЦК: Владимир Поп Томов, Ризо Ризов и Павел Шатев.

На крајот од својата работа Конференцијата ги добила следниве акти: Декларација на Внатрешната македонска револуционерна организација (Обединета), Внатрешната македонска револуционерна организација (Обединета) за положбата во Македонија, Резолуција за блиските задачи и организациското изградување на ВМРО (Об). Во прифатените документи од основачката конференција се инсистирало на тоа дека:

Панко Брашнаров
Павел Шатев
принципите на новата револуционерна борба прокламирана со Манифестот се основата за обединување на македонскиот народ. Врз основа на тие принципи денес се обединува македонското револуционерно движење. А обединувањето на македонското револуционерно движење во едниствена револуционерна организација пред сè означува крај на борбата помеѓу различните македонски организации и групи, дека тоа не е само свршен акт во обединувањето на македонското револуционерно движење туки и свршен дело изградувањето на единствениот македoнски револуционерен фронт.

Конференцијата прогласила дека надвор од новата организација друга македонска организација во македонското ослободителното движење не постои. Основачите на новоформираната организација кон старото име ВМРО ја придодале и придавката Обединета со што сакале да нагласат дека процесот на обединување на патриотските сили е завршен и дека се она што е надвор од организацијата е деградирано и нема никакво право да биде претставник на македонскиот народ и неговата борба за слобода. На тој начин била направена динстикција помеѓу новоформираната организација и ВМРО на Ванчо Михајлов и Протогеров.

Програма[уреди | уреди извор]

Целите на ВМРО (Обединета) биле:

Прв број на Македонско дело
1) Да се развие засилена пропаганда и агитација меѓу македонскиот народ, без разлика на националностите што го сочинуваат, за неговот орагнизирање за револуционерна борба, чијашто цел е ослободување и обединување на Македонија во едно полтичко цело, независна македонска република, и нејзино федерирање со други слободни национални републики - за изградување на Балканска федерација.
2) Да ја продолжи досегашната борба и да ја усогласува со борбите на сите националности и политички организации и партии на Балканот што го прифаќаат принципот за самоопределување на балканските народи и нивното федерирање во Балканската Федеративна Република.
3) Да се разобличува престапната политика на сите балкански влади и да води решителна борба против нивната завојувачка и делбеничка политика, какои против колонизаторската, асимилаторска и денационализаторска политика на Грција и Србија.
4) Да ја разобличува суштината на политиката на европските империјалистички држави во однос на Балканот и специјално на Македонија.
5) Да се разоткриваат и да води непоштедна борба против предавниците Македонци што му се ставиле во услуга на бугарскиот, српскиот и грчкиот империјализам.
6) Да ја зсили својата пропаганда и агитација во туѓина меѓу работните маси и прогресивното општетсвено мислење, како и сред македонската и балканската емиграција за независна Македонија и Балканска федерација.

Програмат на Обединета се потпирала врз основите на Мајскиот манифест, ослободување и обединување на Македонија, нејзино федерирање со другите балкански држави, борба против теророт, соработка со револуционерните движења на Балканот, разобличување на завојувачката политика на балканските држави и слично.

Меѓутоа во поглед на националниот идентитет на македонскиот народ како и денационализаторската и асимилаторската политика на Кралството СХС, Грција и Бугарија е направено битно отстапување од Мајскиот манифест. Во манифестот, македонскиот народ се третира како самостоен народ на Балканот без секакви дилеми и теориски конфузии за неговата самобитност и врз основа на тоа се изведени правото и целите на борбата [3], од друга страна пак во документите кои произлегле од Основачката конференција е вратена познатат терминологија со која се означува многунационалноста на македонскиот народ. Со повторното официјално прифаќање на разбирањето за етничкиот плуралитет на македонскиот народ е направена и диференцијација во поглед на политиката што ја применувале балканските држави врз Македонија. Во Манифестот, јасно било истакнато дека политиката во Македонија од страна на Кралството СХС, Грција и Бугарија еднакво се третира како завојувачка, националистичка, а според тоа и денационализаторска. Меѓутоа во документите на Обединета како асимилаторска и денационализаторска се третира само политиката на Грција и Кралството СХС во Егејска и Вардарска Македонија, но не и на Бугарија во Пиринска Македонија.

Устав[уреди | уреди извор]

Уставот на ВМРО (Обединета) подготвен во Виена, 1925 година.

Во уставот биле дадени политичките цели, принципите врз кои се гради Организацијата и методите за постигање на програмските цели. Принципите кои биле кодифицирани во Уставот се состоеле од:

изградување на масовна револуционерна организација во трите дела на поделена Македонија. Во организацијата ќе се опфати и целата македонска емиграција.
обединувањето на сите организации, групи и лица од сите социјални средини без разлика на пол, вера и државност што искрено ги прифаќаат целите, принципите, идеите и методите на ВМРО (Об).
стапување во врска со сите националнореволуционерни организации и партии на Балканот што ги прифаѓаат програмските цели на Обединета.
извојување во конкретни услови на јазични и културно-просветни слободи и рамноправност, за давање земја на селаните и поширока поткрепа на економски слабите слоеви.

Организацијата по својот карактер е револуционерна. Дејствува конспиративно, но не ја исклучува и легалната борба во сите можни видови, според местото и условите. Поставените цели на Организацијата ќе се постигнат преку:

развивање на усна и печатна пропаганда за разбудување на националнореволуционерната свест на макеоднските маси.
воружување на македонското населени за успешно изведување на масовно народно востание, со тоа што четнишвото како форма се напушта.

Во уставот биле дадени принципите врз кои се гради Организацијата од основните групи до Централниот комитет, треба да се повлече, приспособувањето на организационатаа структура на Организацијата кон положбата во која се наоѓала.

Сите три дела на Македонија биле групирани во посебни организациски области на чело со областен комитет. Македонската емиграција во балканските држави била организирана во оделни организации починети на обласниот комитет на односниот дел на Македонија. Организациите што се создавале надвор од државите на Балканот, како и тие на студентите се третирале како посебни и дирекно биле поврзани со Централниот комитет.

Дејност[уреди | уреди извор]

Дел од темата
ВМРО (Обединета)
Устав на ВМРО (Обединета)

Дејноста на ВМРО (Обединета), особено во првите пет години, главно беше од публицистичка природа. Делувањето на терен беше доста скромно при што на почетокот (до 1929 година) организацијата најактивна беше во Вардарска Македонија за потоа приматот да го преземе Пиринска Македонија. Поради значителниот терор во Егејска Македонија, активноста на ВМРО (Обединета) таму започна дури во 1934 година. При тоа впечаток е дека тоа по признавањето на македонската нација како посебна од страна на КИ во април 1934 година, дејноста на ВМРО (Обединета) се засили, но антиреволуционерниот курс на КИ усвоен на нејзиниот седми конгрес во 1935 година резултираше со расформирање на Балканскиот револуционерен центар и во негови рамки и на ВМРО (Обединета). Сепак, ВМРО (Обединета) во Пиринска и Егејска Македонија беше активна на теренот и во 1936 година кога нејзиното делување и таму замира.

ВМРО (Обединета) во Вардарска Македонија[уреди | уреди извор]

Кон крајот на 1925 и почетокот на 1926 година, Обединета започнала со создавање на свои разграноци во Вардарска Македонија. Силно јадро во овој дел од Македонија било созададено во Велес, а од таму се започнало со ширење на мрежа. Групи на Обединета биле создадени во Куманово, Штип, Скопје, Прилеп, Кавадарци, Струмица, Гевгелија и некои други места. Групите на Обединета во Вардарска Македонија преку Загреб ги добивале весниците Македонско дело и Балканска федерација. За издавање и умножување на илегални матерјали, со помош на Рајко Јовановиќ, била набавена печатарска машина која била сместена во една велешка куќа.

Дејците на Обединета во Вардарска Македонија направиле обид за поврзување и соработка со Хрватската селанска странка на Радиќ за заеднично настапување на изборите во 1927 година. Меѓутоа преговорите биле неуспешни. Обидот на ВМРО (Обединета) да се претвори во легално движење, односно легална политичка партија во сите три дела на Македонија биле без успех. Една од главните причини за таквиот исход биле нејзините основни програмски барања за отфрлање на постојните балкански државни творби и граници.

Во декември 1928 година била одржана илегална конференција во Скопје. На 9 јануари 1929 година во Велес била одржана нова поширока конференција условена од воведувањето на Шестојануарската диктатура. На конференцијата биле разгледани мерките што требало да се преземат како превентива за зачувување на организациските групи во Вардарска Македонија, била разгледана и идната дејност во услови на диктатура.

Во јули 1929 година доаѓа до голема провала сред Обедината, биле уапсени 113 симпатизери на Организацијата. Во текот на провалата биле разбиени нејзините организациски групи во Вардарска Македонија. Била откриена тајната печатница и илегалниот материјал и биле разоткриени организациските врски и раководители. Во 1930 година во Велес, како последица од оваа провала, биле изведени 49 души пред суд и повеќето од нив биле осудени на разни времени казни. По оваа провала престанала дејноста на Обединета во Вардарска Македонија.

ВМРО (Обединета) во Егејска Македонија[уреди | уреди извор]

Формирањето на Обединета во Егејска Македонија доцнела во однос на другите два дела на Македонија. Поврзувањето на Централниот комитет на Обединета во Виена со приврзаниците во Егејска Македонија било извршено со помош на Димитар Влахов и Неделко Поп Неделков. Последниот, организирал канали во Солун, за растурање на весниците Македонско дело и Балканска федерација сред македонските маси во Егејскиот дел. Федералистот Христо Цветков преку Албанија воспоставил контакти со активисти на Обединета во грчиот дел на Македонија. Во 1934 година во Солун, во текот на пренесувањето на илегални материјали, од страна на грчката полиција бил убиен Ѓорѓи Кронцелчев.

Во март 1934 година во Воден се одржала основачка конференција на Обединета за Егејска Македонија. На конференцијата имало делегати од Воденско, Костурско и Ениџевардарско. Во текот на конференцијата било избрано раковотство во кое влегле: Христо Галабов, Михаил Кљонев и Алеко Тенекџиев. На чело на раководството стоел македонскиот револуционер Андреја Чипов. Седиштето на Обединета во егејскиот дел се наоѓало во Солун каде што била организирана илегална печатница. Во неа се печателе летоци и друг пропаганден материјал на македонски јазик. Некои од месните организации на Обединета започнале да печатат изданија. Леринската организација го ратсурала илегалниот весник Земјоделско гласило.

Дејноста на Обединета во Егејска Македонија била поддржана од Комунистичката партија на Грција, која под влијаније на Коминтерната, признавала постоење на оделна македонска нација. Таквата состојба придонела, Обединета да бара отворање на македонски училишта и употреба на македонскиот јазик во грчкиот општествен живот.

Условите за делување на Обединета во егесјкиот дел се промениле со воведувањето на диктатурата од страна на Метаксас во август 1936 година. Диктаурата ја ставила вон закон КПГ и пристапила кон гонење и интернирње на сите поистакнати дејци на КПГ и ВМРО (Обединета). Меѓу прогонетите биле: Андреја Чипов, Лазо Трповски, Христо Галабов, Трифун Хаџијанев, Алеко Тенекеџиев, Фоти Урумов, Коста Думов и други. На тој начин, Обединета била обезгалвена и разбиена во егејскиот дел на Македонија.

ВМРО (Обединета) во Пиринска Македонија[уреди | уреди извор]

Во 1928 година се создава областен комитет на организацијата начело со Симеон Кавракиров. По различно време негови членови се и Борис Михов, Никола Грнев, Александар Мартулков и Христо Калајџиев. За периодот 1929 - 1933 се создаваат месни и околиски комитети. Групи на организацијата се формирани во Горноџумајска (1929 година), Петричка (1930 година), Неврокопска и Разлошка околија (1931 година). Основачка конференција се одржува во 1931 година во Неврокоп (денес Гоце Делчев), така што организацијата бргу ги опфатила селата Грмен, Копривлен, Либјахово (денес Илинден), Л’ки, Мусомишта, Скребатно и Фотовишта (денес Огњаново). Се формирала и студентска група „Вардар“. Преку ВМРО (Обединета) се одвива и таканареченото Македонско прогресивно движење, коешто се бори против михајловистичката ВМРО.

На собраниските избори на 21 јуни 1931 година преку списокот на РП (Работничка партија ) за пратеници се избрани Александар Мартулков и Христо Калајџиев . Како одговор на сето ова се зголемува теророт на михајловистичката ВМРО со помош на бугарската полиција.

На 8 јуни 1932 е киднапиран раководителот на организацијата Симеон Кавракиров. Многу членови се убиени. На 24 мај 1934 е одржана областна конференција на планината Витоша на која се изјаснува суштината на детнаесетомајскиот преврат во Бугарија и се донесени решенија за работа во новите услови.

Во крајот на 1934 и целата 1935 година бугарската полиција ги разоткрива организациите на ВМРО (Обединета). Во градовите Софија, Горна Џумаја (денес Благоевград), Разлог и Неврокоп околу 60 нејзини раководители се осудени на долги временски казни. Организацијата изумира и во 1937 конечно прекинува работа. Повеќето од преживеаните членови продолжуваат да работат со БКП.

Расцеп[уреди | уреди извор]

ВМРО (Обединета) не била монолитна организација. Постоеја две основни крила, комунистичко и федералистичко, меѓу кои постоеја длабоки разидувања. Комунистите на чело со Димитар Влахов го контролираа раководството, ја организираа ВМРО (Обединета) врз начелата на демократскиот централизам и настојуваа во организацијата да се примаат само комунисти.

Оттука, не е без основа тврдењето на Димитар Митрев дека ВМРО (Обединета) делуваше како македонска секција на Бугарската комунистичка партија (БКП) и дека претставуваше “нешто како реприза на ЕКС”, на Емигрантскиот комунистички сојуз. Бидејќи ваквиот развој на настаните не беше прифатлив за некомунистите во ВМРО (Обединета), во 1929 година се случи расцеп во организацијата при што во Цариград беше основана паралелна организација.

Да бидат работите уште покомплицирани, и двете организации не беа единствени внатре во себе. Во комунистичката ВМРО (Обединета) постоеше судир помеѓу Влахов и Владимир Поп Томов, а во идеолошки хетерогената Цариградска ВМРО (Обединета) постоеја три групи:

  1. групата на Михаил Герџиков и Филип Атанасов
  2. групата на Павел Шатев
  3. групата на Георги Занков.

Комунистите ги надминаа своите судири, додека Цариградската ВМРО (Обединета), поради својата идеолошка нехомогеност и поради недостиг на средства брзо се распадна, некаде во 1931 година.

ВМРО (Об) и Балканската комунистичка федерација[уреди | уреди извор]

Во основањето на Обединета голема улога имала Балканската комунистичка федерација, односно Коминтерната која што вложила максимум на напори за развојот на ВМРО (Об). Коминтерната вршела силен притисок врз балканските комунистички партии да ја прифатаат и поддржаат ново формираната организација на македонското ослободително движење. Прифаќањето на политиката на Коминтерната по македонското прашање, значело прифаќање за создавање на Обединета Македонија и нејзино федерирање со останатите балкански држави. Речиси сите комунистички партии, декларативно ја прифатиле таквата политика но честопати имале недоразбирања со ВМРО (Об).

КПЈ[уреди | уреди извор]

По создавањето на Обединета, во самата Комунистичка партија на Југославија дошло до поделба на мислењата и односот кон оваа македонска организација. Некој ја прифатиле, некој биле резервирани, а други биле отворени противници. Таквата општа состоја во КПЈ влијала врз дејноста на Обединета. Со текот на времето двете организации се испреплетувале во својата дејност, како по составот на членството така и по предметот на работењето. Меѓу двете организации постоела противречност по прашањата од идејнополитичката и програмска природа, а облиците и содржините на дејсвувањето во прилична мера придонесувале за заемна неутрализација на дејноста. Обединета во текот на сета своја дејност во Вардарска Македонија имала недоразбирања со КПЈ, недоразбирањата својата кулминација ја достигнале во 1926 година. Меѓутоа КПЈ, под притисок на Коминтерната, го променила својот однос кон Обединета по Четвртиот конгрес од 1928 година. Но ваквата промена била задоцнета, бидејќи во 1929 година ВМРО (Об) била разбиена во Вардарска Македонија.

БКП[уреди | уреди извор]

ВМРО (Об) и покрај поддршката Бугарската комунистичка партија во основањето на оваа Организација, таа не успеала да ја засили својата дејнсот во Пиринска Македонија од две причини. Од една страна ВМРО не дозволувала дејствување на други организации во Пиринска Македонија која ја претворила во своја држава во држава, а од друга страна БКП настојувала Обединета да ја претвори во инструмент на својата политика. Поголема самостојност во својата дејност Обединета развила сред македонската емиграција во Бугарија по 1930 година.

КПГ[уреди | уреди извор]

Поради отпорот на Комунистичката партија на Грција, ВМРО (Об) дури по 1930 година станала силен фактор сред макеоднските средини во Егејска Македонија. Дејноста на Обедината била во правец на афирмација на македонската национална свест, организирани барања за добивање на локална самоуправа и културна автономија, право за користење на македонскиот јазик во јавните институции и воспитно-образовниот процес.

ВМРО (Об) и македонската национална самобитност[уреди | уреди извор]

Ставовите на ВМРО Обединета како дел од левото крило на организацијата во решавање на македонското прашање се основани на првобитната македонска револуционерна организација од времето на Гоце Делчев. Македонскиот народ го смета за одделен народ од оној на соседите, кој заслужува да има независно управување. Во април 1934 година во весникот "Македонско дело" организацијата ги истакнува своите заложби како и положбата во која се наоѓа македонскиот народ:

...Буржуазијата на владејачките нации на трите империјалистички држави помеѓу кои е поделена Македонија, се обидува да го прикрие националното потисништво, негирајќи ги националните особености на македонскиот народ и постоењето на македонската нација... Бугарските шовинисти, експлатирајќи го сродството на макеоднскиот јазик со бугарскиот, изјавуваат дека Македонците се Бугари и на овој начин настојуваат да го оправдаат завладувањето на Петричко и својата анексионистичка политика спрема цела Македонија... ВМРО (Об) водејќи борба против раздробувањето на македонскиот народ и против сите форми на културно, социјално и економско потиснишво, за национално ослободување и обединувањена сите делови на Македонија, треба да ја разоткрие вистинската смисла на сите умувања што имаат за цел да им одречат на Македонците карактер на нација и да го спречи нивното проникнување во нејзините сопствени средини... [4]


Историски погледи[уреди | уреди извор]

ВМРО (Об) е првата македонска политичка организација што својата организациона структура ја прилагодила на положбата на поделена Македонија. За сите три дела на Македонија биле создадени посебни обласни раководства кои одговарале пред ЦК на ВМРО (Об)... ВМРО (Об) со својата активност во пиринскиот дел на Македонија, сред емиграцијата во Бугарија, во Америка и во Канада создаде простор за појавување на интелектуална и организирана публицистика и за културна активност исполнета со македонска културно-национална содржина. [5]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Платформна декларација за обединувањето на македонското револуционерно движење
  2. Иван Катарџиев, По врвците на македонската историја, Култура, Скопје, 1986
  3. Мајски манифест
  4. Димитар Влахов, Предавниците на македонското дело, Култура, Скопје, 1983
  5. ИСТОРИЈА НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД, ИНСТИТУТ ЗА НАЦИОНАЛНА ИСТОРИЈА, СКОПЈЕ 2008


Надворешни врски[уреди | уреди извор]