Варшавски договор

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Лого Варшавскиот договор

Варшавскиот договор официјално наречен „Договор за пријателство, соработка и взаемна помош“ (руски: Договор о дружбе, сотрудничестве и взаимной помощи), познат и како Варшавски пакт — воен сојуз на социјалистичките земји од Централна и Источна Европа во периодот од 14 мај 1955 до 1 јули 1991 година. Договорот служел како противтежа од тнр. „Источен блок“ на потенцијалната закана од НАТО-пактот (тнр. „Западен блок“). Договорот бил потпишан во Варшава на 14 мај 1955. Договорот бил сличен на НАТО-договорот во смисла дека постоел Политички консултативен комитет раководен од цивилен генерален секретар, а покрај тоа постоел и заеднички воен заповедник и Мешовит воен штаб.

Сите социјалистички земји на Централна и Источна Европа освен Социјалистичка Федеративна Република Југославија биле членки на Варшавскиот договор. Членките се обврзувале да се бранат меѓусебно во случај некои од нив да бидат нападнати. Договорот исто така обврзувал на немешање во меѓусебните внатрешни работи и меѓусебно почитување на националната независност и суверенитет. Оваа обврска подоцна де-факто ќе биде прекршена од Советскиот Сојуз (СССР) со интервенциите против демократските движења во Унгарија (1956) и во Чехословачка (1968). Во обата случаи СССР тврдел дека делувал на покана од засегнатите земји и затоа формално договорот не бил прекршен.

По 1989, новоформираните демократски влади на централно- и источно-европските земји повеќе не биле заинтересирани за учество во Варшавскиот договор. На рака им одело и опаѓањето на моќта на СССР. По обединувањето на Германија во 1990, и другите земји најавиле отстапување од Пактот, и тој формално бил раскинат во 1991.

Членки[уреди]

Земјите на Варшавскиот Пакт

Структура[уреди]

Варшавскиот договор имал две гранки: „Политички консултативен комитет“, кој ги координирал сите не-воени активности, и „Обединета команда на вооружените сили на Пактот“ која имала власт над војските доделени од членките и раководен од Врховен Командант, кој едновремено бил и Прв заменик-министер за одбрана на СССР. Шеф на Обединетиот штаб на Пактот бил Првиот заменик шеф на Генерал-штабот на Армијата на СССР.

Седиштето на Пактот било во Москва. Сите раководни структури на Пактот биле подредени на Комунистичката партија на СССР и ниедна акција не можела да се преземе без одобрение од Партијата.[1]


Историја[уреди]

Границите на НАТО (сино) и Варшавскиот договор (црвено) за време на Студената војна.

Никој не верувал дека Железната завеса, која била границата помеѓу земјите на НАТО и на Варшавскиот договор, истокот и западот, било кога ќе падне. Таа била симболична, идеолошка и физичка граница која ја делела Европа на две посебни области од крајот на Втората светска војна приближно до 1991.


Во контекст на ваквата поделба на Европа, терминот „Железна завеса“ првпат го употребил тогашниот британски премиер Винстон Черчил на 5 март 1946 во говор пред студенти во САД:

Од Шчеќин на Балтичкото Море до Трст на Јадранското Море преку континентот се спушта „железна завеса“. Зад таа линија лежат сите главни градови на старите држави на Централна и Источна Европа. Варшава, Берлин, Прага, Виена, Будимпешта, Белград, Букурешт и Софија - сите овие славни градови и нивното население лежат во она што морам да го наречам Советска сфера, и сите се подложни, на еден или друг начин, не само на советското влијание, туку и на високо ниво на контрола од Москва.

Советскиот Сојуз тврдел дека создавањето на Варшавскиот договор било условено од влегувањето на Сојузна Република Германија (Западна Германија во тоа време) во НАТО во 1955 год. Договорот ја формализирал водечката улога на СССР во блокот на социјалистички држави и ги заменил претходните билатерални договори со меѓународна рамка.[2]

Во текот на 1956 за време на Унгарската револуција, владата на Унгарија, предводена од премиерот Имре Наѓ објавила дека Унгарија се повлекува од Пактот. Како одговор, советските трупи влегле во земјата и го совладале востанието за две недели, употребувајќи го Варшавскиот договор како оправдание.

На 20 август 1968 година, за време на Прашката пролет - реформското движење предводено од Александар Дубчек - СССР ја нападнал Чехословачка со 23 дивизии, помогнати од една унгарска и две полски дивизии и една бригада од Бугарија, и направиле преврат во земјата.

Во 1981 големи воени маневри на Варшавскиот пакт се одржале во времето на кризата со синдикатот „Солидарност“ во Полска. Постојат мислења дека маневрите требало да кулминираат со напад и задушување на протестите во Полска.[се бара извор]

Земјите на НАТО и Варшавскиот Пакт никогаш не влегле во вооружен конфликт, но воделе „Студена војна“ повеќе од 35 години, често и преку поддршка на други конфликти (нпр. Виетнамскиот).

Распад на Договорот[уреди]

По 1989 кога дошло до сериски пад на комунистичките режими, новоформираните демократски влади на централно и источно-европските земји повеќе не биле заинтересирани за учество во Варшавскиот договор. Покрај тоа, на рака им одело и опаѓањето на моќта и влијанието на СССР.

На 24 септември 1990 Источна Германија (Германската Демократска Република) потпишала договор со СССР за прекин на членството во Варшавскиот договор, и на 3 октомври 1990 се обединила со Западна Германија (Сојузна Република Германија). По обединувањето на Германија, и другите земји најавиле напуштање на Пактот во јануари и февруари 1991. Така, на 1 јули 1991 во Прага земјите-членки потпишале договор за укинување на Варшавскиот договор.

На 12 март 1999 поранешните членки на Варшавскиот договор Унгарија, Полска и Чешката Република се придружиле на НАТО. Бугарија, Романија, Естонија, Латвија, Литванија и Словачка исто така се придружиле на НАТО во март 2004.

По отворањето на архивите на Варшавскиот договор во Полска во 2006-та, се покажало дека плановите на Пактот при евентуална војна со НАТО биле преку молскавичен напад, по потреба и со нуклеарно оружје, брзо да се освои Западна Европа. Во самата Полска имало 250 нуклеарни проектили во доцните 1980-ти. Командантите на Варшавскиот договор речиси не планирале водење на одбранбена војна на сопствена територија.[се бара извор]

По растурањето на Варшавскиот договор, во 2002 год., шест од наследничките на СССР - Белорусија, Ерменија, Казахстан, Киргистан, Русија и Таџикистан, формирале слична одбранбена организација „Организација за Колективна Безбедност“.

Референци[уреди]

  1. Arlene Idol Broadhurst. 1982. The Future of European Alliance systems. Westview Press. Boulder, Colorado. p. 151.
  2. „Варшавски договор (англ.)“. http://www.shsu.edu/~his_ncp/WarPact.html.