Башино Село

Координати: 41°44′53″N 21°45′36″E / 41.74806° СГШ; 21.76000° ИГД / 41.74806; 21.76000
Од Википедија — слободната енциклопедија
Башино Село

Поглед на Башино Село

Башино Село во рамките на Македонија
Башино Село
Местоположба на Башино Село во Македонија
Башино Село на карта

Карта

Координати 41°44′53″N 21°45′36″E / 41.74806° СГШ; 21.76000° ИГД / 41.74806; 21.76000
Регион  Вардарски
Општина Велес
Население 750 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1406
Шифра на КО 29002, 29502
Надм. вис. 175 м
Башино Село на општинската карта

Атарот на Башино Село во рамките на општината
Башино Село на Ризницата

Башино Село — село во Општина Велес меѓу автопатот „Александар Македонски“ (Е-750) и текот на реката Вардар, во околината на градот Велес.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Населбата Башино се наоѓа во средишиниот дел на Општина Велес, меѓу автопатот „Александар Македонски“ (Е-750) и текот на реката Вардар[2]. Башино Село е рамничарска населба сместена на почетокот на Велешката Котлина, односно во северниот дел на малото Велешко Поле[2], во алувијалната почва на Вардар. Поточно селото е сместено на допирот меѓу рамничарскиот дел на Велешката Котлина и подножјето на ридот Барјаче (448 м) на кој се двата тунели на автопатот пред влезот во Велес и кој го одделува од сливот на вештачкото езеро Младост. Расположено е на 175 метри надморска височина и е на 3 километри оддалеченост од центарот на градот Велес, со што претставува дел од неговата рурбална приградска зона[2]. Атарот на Башино Село зафаќа површина од 9,6 км2 на кои најголемо пространство зафаќаат пасиштата со 412,2 хектари, потоа обработливото земјиште со 393,5 хектари и шумите со само 0,2 хектари[2]. Слабата пошуменост е причина што околината на Башино Село е неколкупати пошумувана со зимзелени и листопадни садници во рамките на акцијата „Ден на дрвото“.

Историја[уреди | уреди извор]

Околу настанокот на Башино Село меѓу народот постоело мислење дека тоа било основано некаде пред 230 години. За основањето на Башино Село забележани се две преданија. Според едното предание ќерката на некој паша на тоа место имала имот на кој основала чифлик и на него доселила десет семејства од Скопска Црна Гора, имено родовите Перчинковци, Џимревци и Дудевци[3]. Пашината ќерка од благодарност го изградила и манастирот „Св. Јован“ во Ветерско[3]. Според другото предание Башино Село било своина на некој паша кој тука имал воденица и триесет христијански куќи, чија должност била да го одржуваат јазот за воденицата за што не плаќале никакви давачки[3]. Записи за Башино Село се среќаваат кон средината на XIX век од македонскиот просветител Јордан Хаџи Константинов - Џинот кој во својот напис „Велес - статистическо описание“ објавен во „Цариградски весник“ на 7 март 1859 година запишал дека Башино Село има 200 куќи и црква „Св. Никола“[4]. Во селото имало едно училиште со еден прост учител, а понатаму Џинот запишал дека од ова село бил К.Петков - конзул дубровнички и дека неговите жители со даровити духови и работеле со Битола, Прилеп, Врање[4]. Во написот Јордан Хаџи-Константинов - Џинот исто така наведува дека во селото има добри трговци, од кои дел се г. Петруш Ташов и Никола Радулов[4]. Оваа населба има богат историски развиток, а добар дел од нејзините жители се имаат иселено во Куманово, кога овој град станал видно цетнрално место, по спојувањето на вардарската со моравската железница во 1888 година[5]. Покрај во Куманово, жители на Башино Село се иселиле и по на север по моравската железница во Бујановац, Ристовац, Гнилане каде работеле како доста успешни трговци и угостители (меанџии).

Преданија за потеклото и настанокот на името[уреди | уреди извор]

Споменик на бранителот Оливер Китановски - Млеко во родното Башино Село, припадник на ЕСЗ Тигар, загинат во Битката за Арачиново.

Некои велат дека населбата Башино е постара и од Велес. Овде отсекогаш било многу убаво. Според едно предание таа некогаш била село и се викала Башино Село. Според некои тоа доаѓа од некој турски бег, кој кога од ридот го видел селото како со своите многубројни бавчи се простира покрај реката Вардар, рекол: "Е, ова е баш село - убаво село". Според друго предание името доаѓа од некој паша кој живеел на ова место и според кој било наречено “Пашино село“, но со текотна времето тоа избледило и било преименуваново Башино. Според записите на Апостол Поп-Јовановски, на почетокот на XIX век селото се викало Шојли по истоимениот паша кој живеел во него[6]. Селаните имале многу тежок, мачен и сиромашен живот во кој покрај тоа што од своите производи морале да даваат на пашата тие морале 20 денови бесплатно да работат на неговиот имот[7]. Една од најлошите особини на пашата била таа што доколку некоја девојка му се допаднела морала да биде негова, поради што една вечер седум заговорници од селото се решиле да му се одмаздат за такво злодело[7]. Една несенска ноќ во 1856 година злобниот паша Шојли налутен се враќал откај месноста „Мерџан Дол“ не забележувајќи ги седумте сенки кои веднаш му се нафрлиле и го избоделе со ножеви при што неговото телото го фрлиле во Вардар[7]. По неговата смрт неговото село го завикале Пашино Село, а подоцна го добило името Башино Село[7]. Ова село и некои негови жители се опеани во неколку народни песни.

Стопанство[уреди | уреди извор]

Поради поволните услови на самата почва во алувијалната рамнина крај Вардар и извонредната местоположба до самиот автопат „Александар Македонски“ и непосредна близина до градот Велес, Башино Село има навистина обемен и доста развиен стопанско-економски живот. Од земјоделството најзастапено е одгледувањето на градинарски култури, особено млад кромид и лук по кои Башино Село е надалеку познато во Македонија и на Балканот. Покрај на пазарите во Македонија, големи количества млад кромид од Башино Село се извезуваат и на пазарит во странство како во Хрватска, Србија, Бугарија, Романија, Косово и Албанија. Последните години поради сигурниот пласман младиот кромид кој во Башино Село се одгледува на околу 50 хектари, во количества од 500 тони се извезува во Хрватска[8]. Покрај младиот кромид на големи површини се одгледуваат и зелени пиперки и тоа познатата сорта „Сиврија“ која потекнува токму од Башино Село и ја има само во Велешко[9], како и патлиџани (домат), марула, спанаќ, зелка, морков, цвекло, грашок, боранија. Во помала мерка е застапено живинарството односно чувањето кокошки и домашни птици и во многу мерка е застапено и сточарството односно одгледување на кози. Поради непосредната близина до градот Велес и автопатот, во Башино Село работат и неколку фабрики и производствени погони. На влезот на Башино Село се наоѓа прехранбената фабрика „Јоми Фуд“ чии производи како ајвар, лутеница, зимници, мармалади и слатка покрај на домашниот пазар се извезуваат и во странство во Америка и Австралија[10]. Во Башино Село работи и приватната сокарница - фабрика за сокови на семејството Папазови која ја произведува познатата „Папаз Лимонада“[11]. Исто така во Башино Село работи познатиот вулканизер и авто-сервис „Дине“ како и други авто-сервиси, стоваришта за градежни материјали, хемиски погони, бензинска пумпа и угостителски објекти. Помал дел од населението се занимава и со други дејности и работи во градот Велес. Како што е напоменато во делот за историјата, Башино Село во минатото било многу познато и развиено трговско село со многу трговци кои работеле со Прилеп, Битола, Врање[4].

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948549—    
1953571+4.0%
1961591+3.5%
1971594+0.5%
1981674+13.5%
ГодинаНас.±%
1991774+14.8%
1994775+0.1%
2002814+5.0%
2021750−7.9%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Башино живееле 960 жители, сите Македонци.[12] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Башино Село имало 1.472 Македонци, од кои 1.200 под врховенството на Бугарската егзархија и 272 патријаршисти.[13]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 500 Македонци.[14]

Башино Село според бројот на жителите е населба со средна големина и со постојан пораст на населението, кое во 1961 година броело 591 жител, а во 1994 година 775 жители од кои 770 Македонци и 5 Срби[15]. Поради непосредната близина, како што е споменато во делот за економија погоре, дел од активното население на Башино Село учествува во секојдневните миграциони движења кон Велес[15].

Според пописот од 2002 година, Башино Село имало 814 жители од кои 805 се Македонци, 8 се Срби и 1 е Влав.[16]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 750 жители, од кои 731 Македонец, 3 Срби, 1 останат и 15 лица без податоци.[17]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 960 1.472 549 571 591 594 674 774 775 814 750
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[18]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[19]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[20]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[21]

Родови[уреди | уреди извор]

Во Башино Село отсекогаш живееле исклучиво Македонци од православна христијанска вероисповед. Според записи и податоци од 1935 година во Башино Село живееле следните македонски родови: Џимревци, Дудевци, Перчинкови, Пишмишовци сите староседелци од кои за првите три родови постоело предание дека во некое многу дамнешно време се доселиле од Скопска Црна Гора[22]. Нивни огранки биле родовите: Маневци, Поп-Јованови, Манчевци, Чушкаревци (од Џимревци), Атанасовци, Минцикови, Димановци, Калеовци (од Дудевци), Спасковци и Коцеви (од Перчинковци)[22]. Доселенички македонски родови се: Мискиновци (од с. Брезица (Скопско)), Ничовци, Цанцеви и Бабуновци (од с. Новачани), Ташовци (од с. Црквино), Апасиеви, Граблеви, Радулови (од с. Рудник), Хаџи-Димови и Лукареви (од градот Сер во Егејска Македонија), Ристови, Илчеви, Трајковци и Лашпетковци (од с. Чалошево), Гаревци, Тримановци-Пуневци, Пиркови и Стојановски (од с. Отовица), Шоповци (од с. Џидимирци), Таневци (од Тиквешко), Мицевски и Џинџовци (од с. Ветерско), Ќатовци (од с. Чашка), Чашкаревци и Војнови (од градот Велес), Пецови (од с. Ѓуземелци во Овче Поле), Костовски (од с. Црнилиште во Овче Поле), Стојкови (од с. Лугунци), Бузалкови (од с. Бузалково), Рогожарови (од с. Бадар (Скопско)), Блажевци, Смилевци, Папазови и Каразафировци (од с. Сојаклари), Секуловци (од с. Кумарино), Давчеви (од с. Сопот), Триманчевци (од с. Мосомиште, Неврокопско во Пиринска Македонија)[23]. Македонски родови со непознато потекло биле: Хаџи-Бошковци, Перковци, Кимовци, Бајрактаревци, Делевци, Божиновци, Турчевци, Самарџиевци, Димовци, Домазетовци, Пинталевци, Гоневи, Хаџи-Јованови, Ковачевци, а некогаш во селото живееле и целосно се иселиле родовите Манговски, Весови, Кавкаровци, Калајџиевци, Здравевци и Пешовци[22].

Општествени установи[уреди | уреди извор]

  • Во населбата работи и основно училиште до IV одделение.
  • Има и амбуланта по општа медицина,
  • училиште за странски јазици,
  • пошта и сл.
  • Црква „Св. Никола“

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 2182 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште. Во ова избирачко место се опфатени и селата Новачани и Сопот.[24]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 624 гласачи.[25]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Секоја година во населбата се организира прослава на Илинден на ридот Свети Илија под кој поминува познатиот тунел на автопатот.

Личности[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр. 21
  3. 3,0 3,1 3,2 Филиповиќ, Миленко. Северни велешки села. Белград, 1935. стр. 556
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 Хаџи-Константинов, Јордан - Џинот. „Велес - статистическо описание“. „Цариградски весник“, 7 март 1859
  5. Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр. 21-22
  6. Поп-Јовановски Апостол. „Македонски народни легенди“. НИО „Студентски збор“, Скопје, 1986 г. стр. 55
  7. 7,0 7,1 7,2 7,3 Поп-Јовановски Апостол. „Македонски народни легенди“. НИО „Студентски збор“, Скопје, 1986 г. стр. 56
  8. - Околу 500 тони млад кромид заминаа за Хрватска - „Дневник“, 28.03.2013[мртва врска]
  9. - Сиврија пиперка која се одгледува само во Велес - „Ти реков, ми рече“, 10.07.2014
  10. - Велешки Јоми фуд единствениот македонски заштитен производител на ајвар - „Ти реков, ми рече“, 01.10.2012
  11. „- И ЛИМОНАДАТА МОЖЕ ДА БИДЕ БРЕНД - „Утрински Весник", 09.01.2013“. Архивирано од изворникот на 2016-03-04. Посетено на 2014-11-10.
  12. Васил Кънчов. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 156.
  13. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 118-119.
  14. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  15. 15,0 15,1 Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр. 22
  16. Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X
  17. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  18. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  19. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  20. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  21. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  22. 22,0 22,1 22,2 Филиповиќ, Миленко. Северни велешки села. Белград, 1935. стр. 557
  23. Филиповиќ, Миленко. Северни велешки села. Белград, 1935. стр. 558-559
  24. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  25. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]