Оливер Китановски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Оливер Китановски
24.05.1980 – 28.06.2001 (21 г.)

Прекар:«Млекото»
«Орце»
Роден во:Велес, Башино Село СР Македонија СР Македонија
Починал во:Битка за Арачиново
Служба во:Македонија Македонија
Чин:Специјалец во МВР
Единици: ЕСЗ Тигар
Битки/војни:Војна во Македонија 2001
Одличја: Медал за храброст


Оливер Китановски (Башино Село, Велес, 24 мај 1980Арачиново, Скопско, 28 јуни 2001) бил македонски бранител, специјалец во ЕСЗ Тигар, учесник во воениот конфликт во Македонија во 2001 година. Тешко ранет е од граната на 23 јуни 2001 кај гробиштата во Брњарци во Битката за Арачиново.[1] По пет дена во шок соба умира Оливер во скопските клиники.[2] Официјално загинал при престрелка со албанските терористи, но постојат тези дека е убиен од граната на македонската армија, поради некоординираност помеѓу АРМ и МВР.[3]

Животопис[уреди | уреди извор]

Живот, војната 2001 и сведоштва[уреди | уреди извор]

Оливер Китановски е роден 1980 во велешко Башино Село. Во 2000 година тој заврши полициско училиште во Скопје и веднаш стапи во 4-вод на специјалната полициска единица „ЕСЗ Тигар“, каде што командир му бил генералот Стојанче Ангелов. Заедно во тој вод исто така биле најдобриот другар Никола Пехчевски, Александар Серафимов како и Жарко Кузмановски, кои загина на 9 мај 2015 година во антитерористичката акција во Куманово. Оливер беше првенец во класата, со тоа и љубимец на наставникот и раководниот кадар на школото. Како кадет, на државното првенство во џудо осввои бронзен медал. На боиштата во кризните подрачја во Македонија беше уште од Танушевци, од самите почетоци. Учествувал во акцијата за ослободување на Тетовското Кале, но исто така и во помали битки на Шар Планина против качачките банди

Забележано е дека лично тој извлекувал по двајца ранети во исто време, дека при истовар, сите носел по два сандака муниција - Оливер четири. Затоа неговиот командир ќе рече:„Во пресудни мигови двапати ми ја спаси главата. Ако не беше Оливер одамна ќе бев в' гроб, ќе бев меѓу првите жртви на терористичките банди!“. Мајката за него вели дека секојдневно се јавувал дома, и, за да не мисли на најлошото, лажеше дека постојано е некаде во касарна. Така било и еднаш во борбите кај Танушевци, каде и рекол дека е во касарна, потоа дека е некаде на терен, а всушност, разбрала подоцна, три дена бил заробен, односно бил во „обрач“. Слично беше и со борбите во Тетовско. Еднаш се јавувал небаре од кумановската касарна, а во слушалката одекнуваа истрели и експлозии. „Му реков дека ме мами. Тогаш, за прв и последен пат ми призна дека вснушност се јавува од првите борбени линии, но рече дека не е опасно“, изјавувала мајката Љупка.[4]

Оливер Китановски на полигонот за обука „Стенковец“ 2000 година.

На 23 јуни 2001 година, кога започна Битката за Арачиново, заедно со уште четворица другари, Оливер останал до вечерта на првите позиции крај гробиштата меѓу Арачиново и Брњарци. Се јавил дома некаде по 19 часот. Рекол дека е во Арачиново и дека брзо ќе му заврши смената, а потоа ќе замине во касарна. Мајката Љупка, како и секоја мајка во таква ситуација му кажала дека половината од полицајците во Велес се на боледување, и барем да дошол за свадбата на сестра му. Оливер одговорил дека „не е лигуш и дека ќе остане да се бори за Македонија до последен ден“. Во врска со свадбата на сестра му рекол дека ќе претрча првиот слободен ден, колку да им честита на младите и дека со нетрпение очекува да стане вујко. Тоа бил последниот разговор меѓу Оливер и мајка му.

При акцијата, која ЕСЗ Тигар ја започна западно од Арачиново во Брњарци, кај селските гробишта е погоден од армиска граната заедно со Атанас Јанев, Александар Стојчев и Никола Пехчевски, кои на лице место загинуваат. Напредувањето на ЕСЗ Тигар не беше известено, и кога се нашле на поранешна непријателска позиција биле погодени од армиска граната. Се води како несреќен случај и нема виновни. Некоординираноста помеѓу АРМ и МВР е причината. За разлика од другите тројца бранители, Оливер тешко ранет преживува и е однесен во скопските клиники, каде е вештачки одржан на живот со апарати. При експлозијата пола глава му била разнесена, односно тилот му фалел. Јуначкото срце чукало, но кобни беа повредите на главата. Тој бил во истата шок соба заедно генералот Стојанче Ангелов кој бил исто така повреден при акцијата за ослободување на Арачиново. Пет дена подоцна Оливер Китановски подлегна на тешките рани со кои се здоби.

Луѓето на него се сеќаваат како на грамада високо стројно, убаво градено момче со решителен и праведен карактер. Прекарот му бил Орце Млекото поради тоа што бил плав. Во слободно време Оливер често се занимавал со рибарство. Китановски, иако најмлад во водот, доброволно се пријавил да учествува во првите борбени редови во Битката за Арачиново. Оливер според неговите соборци „тие денови не оставаше никој да биде пред него. Цело време беше пред нас, јуначки водеше битка – гради в' гради со непријателот.[5] Според генералот Стојанче Ангелов, Оливер требаше да биде прераспореден како обезбедување кај претседателот Борис Трајковски. Но пред да замине, разбрал дека Ангелов се враќа во „Тигрите“ како заменик-командант, и решил да остане.[6]

Семејството Китановски е гордо на Оливер. Благодарни се што тогашниот премиер Љубчо Георгиевски им испратил телеграма уште првиот миг, а министерот Љубе Бошкоски ги посетил.

Денес, во Башино Село има три улици од кои една се вика Оливер Китановски. Исто улицата Прва Комуна во Велес е прекрстена по него. На сретселото има споменик во негова чест. Погребан е кај селските гробишта во родното Башино Село. Кога се поминува тунелот пред Велес на автопатот „Александар Македонски“, кај Башино село, лево на ридот се вее јарбол над неговото почивалиште, кое потсетува на ликот и делото на Оливер Китановски. Посмртно е одликуван со медал за храброст од Претседателот на Р Македонија.[7]

Вистината околу смртта и некоординираноста помеѓу АРМ и МВР[уреди | уреди извор]

Четвртиот вод на ЕСЗ ТИГАР на чело со генерал Ангелов во полигонот за обука „Стенковец“, Скопје. Опкружените се од лево Александар Серафимов, Никола Пехчевски и Оливер Китановски, сите загинати во 2001 година.

За време на војната во 2001 година, кога функционираше таканаречената широка влада, припадниците на двете клучни министерства (Министерството за внатрешни работи, раководено од ВМРО-ДПМНЕ, и Министерството за одбрана, раководено од СДСМ) поради некоординираност се однесуваа како две непријателски војски. Македонската јавност сè уште се замајува со некаква верзија за настанот според која сè се сведува на тоа дека тројцата припадници на МВР се убиени од албанските терористи при акцијата за ослободување на Арачиново, кое претходно, на 9 јуни 2001 година, тогашната ОНА го прогласи за слободна територија. Ниту една влада досега не успеала да го расветли контроверзното загинување на бранителите кај гробиштата во Брњарци, село на околу два километри од скопско Арачиново.[8]

Потресните информации за загинувањето на полицајците на гробиштата кај Брњарци, според поранешниот разузнавач Јанко Бачев, се криеле од јавноста затоа што државата ќе морала да им плати обесштетување на нивните семејства.

На гробиштата кај Брњарци на 23 јуни 2001 година кога загинаа тројцата полицајци, од артилериски оган тешко беше ранет Оливер Китановски, припадник на Единицата за специјални задачи „Тигар“. Почина по пет дена, на 21 годишна возраст. Четворицата бранители, како што сведочат нивни колеги, доброволно се пријавиле да учествуваат во првите редови во акцијата за ослободување на Арачиново.[9]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „ФОТО: Болката не поминува, 13 години од смртта на бранителот Китановски“. Курир. 30 јуни 2014. Посетено на 2015-04-10.[мртва врска]
  2. „Четворица бранители загубивме кај Арачиново“. Нова Македонија. 23 јуни 2014. Посетено на 2014-04-10.[мртва врска]
  3. „Државата мора да ги расчисти сите контроверзии за загинувањето на македонските бранители!“. МКД.мк. 10 јули 2013. Архивирано од изворникот на 2016-03-05. Посетено на 2015-04-10.
  4. „Татковино, за што загинавме?“, Македонска книга 2002, стр. 145 – 147.
  5. „Писмо од бранителот Тони Ангелески: Ви благодарам јунаци!“. plusinfo.mk. 23 јуни 2016. Архивирано од изворникот на 2016-06-24. Посетено на 2015-06-25.
  6. „Мирисот на смртта (2)“. МКД.мк. 8 октомври 2016. Архивирано од изворникот на 2016-10-26. Посетено на 2016-10-21.
  7. „Медал за храброст за сите загинати припадници на вооружените сили на Република Македонија“. MKD.mk. 17 август 2012. Архивирано од изворникот на 2019-03-29. Посетено на 2019-03-29.
  8. „Битка за Арачиново“. ndm.org.mk. 23 јуни 2013. Архивирано од изворникот на 2016-03-05. Посетено на 2015-04-10.
  9. „Загинаа за државата, а нема кој да ја исправи неправдата за нивните семејства“. МКД.мк. 9 јули 2013. Архивирано од изворникот на 2016-03-05. Посетено на 2015-04-10.