Александар Флеминг

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај


Сер Александаар Флеминг
Nobelpristagare Fleming Midi.jpg
Кралот Густав V на Шведска му ја врачува Нобеловата награда на Флеминг (центар), 1945
Роден 6 август 1881(1881-08-06)
Локфилд, Шкотска
Починал 11 март 1955(1955-03-11) (на 73 год.)
Лондон, Англија
Државјанство Обединето Кралство
Националност Шкотланѓанец
Полиња Бактериологија, имунологија
Образование Кралска Политехничка Институција; Медицинско Училиште и Болница Св. Мери
Познат по Откривањето на пеницилинот
Поважни награди Нобелова награда за физиологија или медицина (1945)
Потпис

Сер Александар Флеминг (6 август 188111 март 1955) бил шкотски биолог и фармаколог. Флеминг објавил многу статии за бактериологија, имунологија и хемотерапија. Негови најпознати достигнувања се откривањето на ензимот лизозим во 1923 година и откривањето на антибиотичката супстанција пеницилин од габата Penicillium notatum во 1928 година, за што во 1945 година ја поделил Нобеловата награда за физиологија и медицина со Хауард Волтер Флори и Ернст Борис Чејн.[1]

Биографија[уреди]

Ран живот[уреди]

Флеминг се родил на 6 август 1881 година во Локфилд, фарма близу Дарвел во Ајшир, Шкотска. Тој бил третото дете од вкупно четирите деца на Хју Флеминг (1816 – 1888) од неговиот втор брак со Грејс Стирлинг Мортон (1848 – 1928), ќерката на соседниот фармер. Хју Флеминг имал четири живи деца од неговиот прв брак. По вторпат се оженил на 59 години, а починал кога Александар (познат како Алек) имал седум години.

Флеминг се школувал во училиштата „Луден Мор“ и „Дарвел“, а потоа две години се образувал во академијата Килмарнок.[2] Откако четири години работел во бродска служба, дваесет и четиригодишниот Флеминг наследил малку пари од вујко си, Џон Флеминг. Неговиот постар брат, Том, веќе бил лекар и му предложил на својот помлад брат да ја одбере истата професија, така во 1901 година, помладиот Александар се запишал во болницата „Сент Мери“ во Падингтон, Лондон. Во 1906 година, се квалификувал со почести во медицинскиот факултет и добил можност да стане хирург.

Меѓутоа, случајно членувал во стрелечкиот клуб (бил активен член на Доброволните сили од 1900 година). Капитенот на клубот, со желба да го задржи Флеминг во тимот, му предложил да се запише на одделението за истражување во „Сент Мери“, каде што станал асистент бактериолог на Сер Алмрот Врајт (анг. Almroth Wright), пионер во терапијата со вакцини и имунологијата. Добил диплома по медицина, а потоа во 1908 година го положил завршниот испит со Златен медал и предавал во „Сент Мери“ до 1914 година. На 23 декември 1915 година, Флеминг се оженил за образувана медицинска сестра, Сара Мерион Мекелрој од Килала, Мајо (анг. Killala), Ирска.

За време на Првата светска војна, Флеминг бил капетан во Кралскиот медицинскиот корпус на армијата и добил воено одликување. Флеминг и многу негови колеги работеле во болниците на бојните полиња на западниот фронт во Франција. Во 1918 година, се вратил во болницата „Сент Мери“, која била клиника. Во 1928 година, бил избран за професор по бактериологија на универзитетот во Лондон.

Истражување[уреди]

Работа пред откривањето на пеницилинот[уреди]

По војната Флеминг активно барал антибактериски агенси, поради тоа што видел многу војници како умираат од сепса како последица на инфицирани рани. За жал антисептиците поефективно ја уништувале имунолошката одбрана на пациентите отколку што ги уништувале бактериите. Во една статија за медицинскиот весник „Лансет“ за време на Првата светска војна, Флеминг опишал еден генијален експеримент, што бил во можност да го спроведе благодарение на неговите сопствени вештини на дување стакло, каде објаснува зашто за време на Првата Светска војна антисептиците всушност убивале повеќе војници од самата инфекција. Антисептиците делувале добро на површината, но длабоките рани биле склони да ги сокријат анаеробните бактерии од антисептичкиот агенс, па се чинело дека антисептиците колку што ги отстранувале бактериите, толку ги отстранувале и произведените благотворни агенси кои всушност ги штителе пациентите во овие случаи, а не ги отстранувале бактериите до кои не можеле да допрат. Сер Алмрот Врајт (анг. Almroth Wright), силно ги поддржувал наодите на Флеминг, но и покрај тоа, во текот на Првата Светска војна повеќето лекари во армијата продолжиле да користат антисептици дури и кога тоа ја влошувало состојбата на пациентите.

Случајно откритие[уреди]

„Чудо од лек“
Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Историја на пеницилинот.

„Кога се разбудив рано изутрина на 28 септември, 1928 година, несомнено не планирав да ја револуционизирам сета медицина преку откривањето на првиот антибиотик или убиец на бактерии во светот“, подоцна кажува Флеминг, „Меѓутоа, изгледа го сторив токму тоа.“.[3]

До 1927 година, Флеминг ги истражувал својствата на стафилококите. Веќе бил познат по неговата претходна работа и се здобил со углед на брилијантен истражувач, но прилично невнимателен лабораториски техничар; често ги заборавал културите на кои работел, а неговата лабораторија по правило често била во хаос. Кога се вратил од едно подолго патување, Флеминг забележал дека многу од неговите садови со култури биле загадени со габи, па ги фрлил садовите во средство за дезинфекција. Меѓутоа подоцна, требал да му покаже што истражувал на еден посетител, па вратил некои од потопените садови што инаку би ги исфрлил. Тогаш забележал една област околу заразните габи каде се чинело дека бактериите не можеле да се размножуваат. Флеминг продолжил да одвојува екстракт од мувлосаниот леб, за кој точно се утврдило дека бил од родот Penicillium, па затоа агенсот го нарекол пеницилин.[4]

Го истражувал неговото позитивно антибактериско влијание врз голем број организми и забележал дека агенсот делувал врз бактериите како стафилококи, како и врз сите Грам-позитивни патогени (шарлах, пневмонија, менингитис, дифтерија), но за жал не влијаел врз тифус или паратифус, за кои тогаш барал лек. Пеницилинот делувал и врз гонореја, иако оваа состојба е предизвикана од Грам-негативен патоген.

Во 1929 година, Флеминг го објавил своето откритие во една статија во британскиот весник за експериментална патологија[5], но не му се обрнало внимание. Флеминг продолжил со своите истражувања, но открил дека одгледувањето на пеницилинот било прилично тешко и дека откако ќе израсне мувлата, одвојувањето на антибиотичкиот агенс е дури уште потешко. Флеминг имал впечаток дека поради проблемот околу произведувањето на овој агенс во квантитет, како и поради тоа што се чинело дека делува бавно, пеницилинот не би бил значаен во лекувањето на инфекции. Флеминг верувал и дека пеницилинот не би издржал долго во човековото тело (in vivo) за ефикасно да ги уништи бактериите. Многу клинички тестови биле неодредени, веројатно затоа што пеницилинот се користел како површински антисептик. Во 1930-тите, испитувањата на Флеминг се покажале понадежни,[6] па до 1940 година тој продолжил да се обидува и да заинтересира еден хемичар кој бил доволно обучен за понатаму да го пречистува употребливиот пеницилин.

Флеминг набргу го оставил пеницилинот, а не долго потоа Хауард Флори и Ернст Борис Чејн продолжиле со негово истражување и масовно производство финансирани од владите на САД и Британија. Масовното производство на пеницилин започнало по бомбардирањето на Перл Харбор. Кога дошол денот „Д“ (десантот на сојузничките сили во Нормандија), тие имале доволно пеницилин за лекување на сите ранети од сојузничките сили.

Пречистување и стабилизација[уреди]

3Д-модел на бензилпеницилин.

Ернст Чејн и Едвард Абрахам пронашле начин како да се одвои и концентрира пеницилинот. Исто така, правилно ја претпоставиле и структурата на пеницилинот. Набргу откако тимот ги објавил своите први резултати во 1940 година, Флеминг му се јавил на Хауард Флори, раководителот на одделението на Чејн и му рекол дека ќе ги посетува во наредните неколку денови. Кога Чејн слушнал за доаѓањето на Флемиг рекол „Боже мој! Мислев дека е мртов.“[7]

Норман Хетли предложил да се пренесе активната состојка на пеницилинот назад во вода преку менување на неговата киселост. Со ова се произвела доволна количина од лекот за да се започне со негово испитување врз животни.

Во 1998 година, Сер Хенри Херис рекол: „Без Флеминг, ќе го немаше Чејн; без Чејн, ќе го немаше Флори; без Флори, ќе го немаше Хитли; без Хитли, ќе го немаше пеницилинот.“[8] Во тимот на Оксфорд биле вклучени многу луѓе, а во еден момент целото школо на Сер Вилијам Дан учествувало во производството на пеницилин.

Во 1940 година, откако тимот развил метод за пречистување на пеницилинот до прва ефективна стабилна форма, следеле повеќе клинички испитувања, а во 1945 година нивниот чудесен успех го поттикнал тимот да развие методи за масовно производство и масовна дистрибуција на пеницилин.

Флеминг бил скромен за својот удел во развојот на пеницилинот, а својата слава ја опишувал како „Митот за Флеминг“ и ги фалел Флори и Чејн затоа што лабораториската љубопитност ја претвориле во практичен лек. Флемин прв ги открил својствата на активната супстанција и ја имал привилегијата да ја нарече „пеницилин“. Тој исто така ја чувал, ја одгледувал и ја разделувал првобитната мувла во текот на дванаесет години, а до 1940 година продолжил да се обидува да добие помош од некој хемичар кој бил доволно обучен да произведе пеницилин.

Антибиотици[уреди]

Современите антибиотици се тестираат користејќи метод сличен на Флеминговото откриение

Во септември 1928 година, случајното откритие на Флеминг и одвојувањето на пеницилинот, го обележува почетокот на современите антибиотици.

Флеминг исто така многу рано открил дека кога се користи премалку пеницилин или пак пеницилинот се употребува за прекраток период, бактериите развивале отпорност на антибиотици.

Алмрот Врајт ја предвидел отпорноста на антибиотици уште пред да биде забележана за време на експериментите.

Во многу свои обраќања насекаде во светот, Флеминг предупредил за употребата на пеницилинот. Предупредил да не се користи пеницилин, освен кога постои точно дијагностицирана причина за негова употреба, како и тоа доколку се користи пеницилин, никогаш да не се користи премалку ниту за прекраток период, затоа што под овие околности се развива бактериска отпорност кон антибиотици.

Личен живот[уреди]

Познатата приказна[9] во која се раскажува како таткото на Винстон Черчил го платил образованието на Флеминг откако таткото на Флеминг му го спасил животот на младиот Винстон е лажна. Според биографијата, „Човекот на пеницилинот: Александар Флеминг и антибиотичката револуција“ (анг. Penicillin Man: Alexander Fleming and the Antibiotic Revolution) од Кевин Браун, во едно писмо[10] до својот пријател и колега Андре Грација,[11] Александар Флеминг ја опишал оваа приказна како „чудесна бајка“. Не е вистинита ни приказната дека за време на Втората светска војна самиот Флеминг го спасил Винстон. Кога во 1943 година Черчил се разболел во Картагина во Тунис, него го спасил лорд Моран со помош на сулфонамиди, бидејќи немал искуство со пеницилин. На 21 декември 1943 година, во весниците „Дејли телеграф“ и „Морнинг пост“ пишувало дека Черчил се спасил со пеницилин. Тој се спасил благодарение на новиот лек сулфонамид, сулфапиридин, тогаш познат под истражувачкиот код M&B 693, а откриен и произведен од ДОО „May & Baker“, Дагенхам, Есекс – филијала на француската група „Rhône-Poulenc“. Во една подоцнежна радиопрограма, Черчил го спомнал новиот лек како „овој одличен M&B“.[12]

Сара, првата жена на Флеминг, починала во 1949 година. Нивното син единец, Роберт, станал општ лекар. По смртта на Сара, на 9 април 1953 година, Флеминг се оженил со д-р Амалија Кутсури-Вурекас, грчка колешка од „Сент Мери“; таа починала во 1986 година.

Смрт и наследство[уреди]

Во 1955 година, Флеминг умрел ненадејно од срцев удар во својот дом во Лондон. Бил кремиран и една недела подоцна неговата пепел била закопана во катедралата Сент Пол. Александар Флеминг бил католик.[13]

Почести и награди[уреди]

марка од Фарските Острови на која што се наоѓа слика од Флеминг

Неговото откритие на пеницилинот го променило светот на современата медицина преку воведување на епохата на корисните антибиотици; пеницилинот спасил и сè уште спасува милиони луѓе.[14]

Музејот на Флеминг се наоѓа во лабораторијата на болницата „Сент Мери“ во Лондон, каде Флеминг го открил пеницилинот. Во областа Ломита постои и школо наречено „средно училиште Александар Флеминг“. Колеџот „Империјал“ исто така има зграда наречена по него, „зградата Сер Александар Флеминг“.

  • Во 1945 година, Флеминг, Флори и Чејн заеднички ја добиле Нобелова награда за медицина. Согласно правилата на Нобеловата комисија, најмногу тројца можат да ја делат наградата. Во 1989 година Националниот музеј на Шкотска го добил медалот за Нобеловата награда на Флеминг и истиот ќе биде изложен со повторното отворањето на Кралскиот Музеј (анг. Royal Museum) во 2011 година.
  • На Флеминг му била доделена „Хантерова професура“ (анг. Hunterian Professorship) од страна на Кралскиот колеџ на хирурзи во Англија.
  • Во 1944 година, Флеминг бил прогласен за витез.
  • Флори ја добил повисоката почест на перската титула и бил прогласен за барон за неговото монументално дело со кое овозможил пеницилинот да стане достапен за јавноста и спасил милиони животи во Втората Светска војна.
  • Непосредно пред 2000 година, најмалку три шведски списанија го рангирале откривањето на пеницилинот како едно од најзначајните откритија во милениумот. Невозможно е да се дознае колку животи се спасиле со ова откритие, но некои од овие списанија процениле близу 200 милиони животи.
  • Во 2009 година, ликот на Флеминг ќе се појави на банкнотите од 5 фунти, во новата серија банкноти што ќе бидат пуштени во промет од банката „Клајдесдејл“ (анг. Clydesdale Bank).

Александар умрел од заразната болест ТИФУС.[15]

Библиографија[уреди]

  • Животот на Сер Александар Флеминг“, (анг. The Life Of Sir Alexander Fleming), Џонатан Кејп, 1959 година. Моруа, Андре.
  • Нобелови предавања, физиологија или медицина 1942-1962“ (анг. Nobel Lectures, Physiology or Medicine 1942-1962), издавачка куќа „Елсевиер“, Амстердам, 1964.
  • Краток преглед на историјата на медицината“(анг. An Outline History of Medicine). Лондон: Батерворт, 1985. Род, Филип.
  • Илустрирана историја на медицината од Кембриџ“ (анг. The Cambridge Illustrated History of Medicine). Кембриџ, Англија: издавачка куќа на Универзитетот „Кембриџ“, 1996. Издание, Портер, Рој.
  • Човекот на пеницилинот: Александар Флеминг и антибиотичката револуција“ (анг. Penicillin Man: Alexander Fleming and the Antibiotic Revolution), Страуд, Сатон, 2004. Браун, Кевин.
  • Александар Флеминг: Човекот и митот“ (анг. Alexander Fleming: The Man and the Myth), издавачка куќа на Универзитетот „Оксфорд“, Оксфорд, 1984. Мекфарлејн, Гвин

Наводи[уреди]

  1. „Alexander Fleming Biography“. „Les Prix Nobel“. The Nobel Foundation. 1945. http://nobelprize.org/nobel_prizes/medicine/laureates/1945/fleming.html. конс. 27 март 2011. 
  2. „Alexander Fleming Biography“. http://www.nndb.com/people/696/000091423/. конс. 11 април 2010. 
  3. Haven, Kendall F. (1994). „Marvels of Science : 50 Fascinating 5-Minute Reads“. Littleton, Colo: Libraries Unlimited. стр. 182. ISBN 1-56308-159-8. 
  4. Hare, R. The Birth of Penicillin, Allen & Unwin, London, 1970
  5. Fleming, Alexander (1980). „On the antibacterial action of cultures of a penicillium, with special reference to their use in the isolation of B. influenzae. 1929“. „Rev. Infect. Dis.“ 2 (1): 129–39. doi:10.1093/clinids/2.1.129. PMID 6994200. 
  6. Keith Bernard Ros, who worked with Fleming, was treated with penicillin during their research.
  7. Lowe, Gordon. „Obituary: Sir Edward Abraham“, „The Independent“, 13 мај 1999.
  8. Henry Harris, Howard Florey and the development of penicillin, a lecture given on 29 September 1998, at the Florey Centenary, 1898–1998, Sir William Dunn School of Pathology, Oxford University (sound recording) [1]
  9. eg, Philadelphia Enquirer, 17 July 1945: Brown, Penicillin Man, note 43 to Chapter 2
  10. 14 November 1945; British Library Additional Manuscripts 56115: Brown, Penicillin Man, note 44 to Chapter 2
  11. see Wikipedia Discovery of penicillin article entry for 1920
  12. A History of May & Baker 1834–1984, Alden Press 1984.
  13. „"Sir Alexander Fleming - Biography“. Nobelprize.org. http://www.nobelprize.org/nobel_prizes/medicine/laureates/1945/fleming-bio.html. конс. 25 октомври 2011. 
  14. Michael, Roberts, Neil, Ingram (2001). „Biology“. Edition: 2, illustrated. Springer-Verlag. ISBN 0-7487-6238-8. http://books.google.com/?id=juiDySqWVYkC&printsec=frontcover#PPT112,M1. 
  15. Banknote designs mark Homecoming“, BBC News, 14 јануари 2008 (конс. 20 јануари 2009).