Парикутин (вулкан)

Координати: 19°29′34.8″N 102°15′3.6″W / 19.493000° СГШ; 102.251000° ЗГД / 19.493000; -102.251000
Од Википедија — слободната енциклопедија
Парикутин
Parícutin
Парикутин во 1994 година
Највисока точка
Надм. вис.2,808 м [1]
Истакнатост208 м
Координати19°29′34.8″N 102°15′3.6″W / 19.493000° СГШ; 102.251000° ЗГД / 19.493000; -102.251000
Географија
Парикутин
Parícutin на карта

Карта

МестоУруапан, Мичоакан, Мексико
Геологија
Старост на карпата1941-1952
Вулкански лак/појасТрансмексикански Вулкански Појас
Последен избувод 1943 до 1952
Искачување
Прво освојување1943
Најлесен патпланинарење

Парикутин — најпознат вулкан во Мексико кој се наоѓа во мексиканската држава Мичоакан, близу до градот Уруапан и 332 километри западно од Град Мексико во вулканско поле со околу 1,000 вулкански средишта. Вулканот е згуреста купа а ерупциите започнале во 1943 година на местото што пред тоа било поле со пченка и кое за една година се подигнало на 336 метри. Ерупциите продолжиле до 1952 година, така што конусот се извишил уште 88 метри. По примерот на Парикутин, вулканолозите имале можност да бидат сведоци и да го документираат создавањето, извишувањето и гаснењето на еден вулкан.

Парикутин во 1997

Значење[уреди | уреди извор]

Паракутин за првпат ѝ дал можност на модерната наука да документира животен циклус на ваков тип ерупција. Во тек на неговата деветгодишна активност, научниците направиле скици, го мапирале и го фотографирале вулканот. До 1952, ерупцијата направила конус во височина од 424 метрии значително го оштетила подрачјето исфрлувајќи камен, пепел и лава. Тројца погинале, два града комплетно биле евакуирани и закопани под лавата а три други градови биле позначително оштетени од ерупциите. Илјадници жители биле трајно преселени од нивните домови и два нови града биле создадени за да ги прифатат раселените лица. Иако поширокиот регион сè уште останува вулкански активен, Парикутин сега е во хибернација и станал туристичка атракција. Во 1997, телевизијата Си-ен-ен го вклучила Парикутин во нивниот список на Седумте природни светски чуда.[2]

Поставеност на Трансмексиканскиот Вулкански Појас

Опис[уреди | уреди извор]

Парикутин се наоѓа во мексиканската општина Нуево Парангарикутиро, Мичоакан, 29 километри западно од градот Уруапан и околу 322 км западно од Град Мексико.[3][4] Вулканот е сместен на северната падина на Танкитаро, кој пак се наоѓа на врвот на стар штитест вулкан издигнат на 3170 метри надморска височина и 424 метри над долината Кицочо-Кијусуру,[5] опкружена со стари вулкански планински синџири и со мали вулкански конуси и долини со мали обработливи површини, овоштарници или мали населби.[5][6]

Парикутин, Мексико. Ерупција на Парикутин во 1943 со пирокластични фрагменти кои ја прикажуваат конусна форма на вулканот.

Вулканот лежи и е производ на Трансмексиканскиот Вулкански Појас, кој се движи 900 км од запад кон исток преку централниот дел на Мексико. Тој ја вклучува планината Сиера Невада (збир угасени вулкани) како и илјадници згурести купи и вулкански активности. Вулканската активност ја создала Централната Мексиканска Висорамнина со карпести депозити до длабочина 1.8 километри. Таа исто така создала и плодна почва преку талозите пепел а со тоа и поголемиот дел на продуктивното мексиканско обработливо земјиште.[7] Вулканската активност тука е резултат на субдукцијата на Риверската и Кокосовата тектонска плоча долж Централноамериканскиот жлеб.[8] Поспецифично, вулканот е најмладиот од приближно 1,400 вулкански отвори на мичоаканското вулканско поле, 40000 квадратни километри базалтска висорамнина исполнета со згурести купи налик на Парикутин, како и мали штитести вулкани, мар, туф прстени и лавини куполи.[8][9] Згурестите купи се најтипични за вулканите во Мексико, кои наеднаш се појавуваат и градат планини во конусен облик со стрмни падини пред да бидат угаснати. Таков вулкан, претходник на Парикутин, бил и вулканот Ел Хорујо (Мичоакан) кој еруптирал во 1759.[7][10]

Поглед на вулканот од градот Ангахуан.

Денес вулканот изнесува околу 200 метри попречно и може да се искачи или да се обиколи.[6] Иако класифициран како угасен од страна на научниците, Парикутин уште содржи топлина па при реакција со дождови кратерот испушта пареа.[6][11][12] Силите кои го создале вулканот сè уште се активни. Во 1997 имало силен рој од 230 земјотреси во околината на Парикутин поради тектонските поместувања од кои 5 биле со магнитуда од над 3.9.[8] Имало извештај за татнежи во 1995 и за црн чад со татнежи во 1998.[12] Летото 2006 имало забележано поголем рој вулкански земјотреси, со 300 сместени близу до вулканот,кои покажувале магматско движење но без ерупција на Парикутин или на некој друг вулкан.[8]

Формирање[уреди | уреди извор]

Парикутин, Мексико. Овој слајд го прикажува конусот од пепел веднаш по неговото раѓање во 1943 година во пченкарно поле. За време на краткиот деветгодишен животен век (1943-1952), вулканот изградил конус од 410 метри со екстензивни лавини полиња околу основата на конусот. Повеќе од 2 км3 од еруптивниот производ (пепел, згура и лава) биле произведени во првите неколку години. Пепелни конуси како овој најчесто се формирани од една ерупција. Секоја последователна ерупција во истата област формира свој сопствен конус.

Парикутин избувнал во 1943 и бил активен до 1952, невообичаено долго за ваков тип вулкани.Тој поминал низ неколку еруптивни фази.[13] Неколку недели пред ерупцијата жителите пријавувале дека слушаат звуци налик на грмотевици.[14] Таквиот звук одговарал на длабоки земјотреси предизвикани од движење на магмата. Подоцнежна студија покажала дека пред ерупцијата се случиле 21 земјотрес со интензитет над 3.2, пет недели пред вулканот да еруптира.[14] Една недела пред ерупција на вулканот, весниците пишувале за 25-30 земјотреси на ден. Ден пред ерупцијата, бројот се проценува на 300.[15]

Ерупцијата почнала на 20 февруари 1943, во околу 16:00 по месно време. Центарот на вулканската активност бил во поле со пченка, во сопственост на Дионизио Пулидо. Дента, тој и неговото семејство работеле на полето, расчистувајќи го за новата пролетна сеидба.[16] Наеднаш земјата на која работеле се подигнала и формирала попречна пукнатина од 2-2,5 метри. Тие пријавиле дека забележале звуци и чад што мирисал на скапани јајца, што укажува на присуство на водороден сулфид. За неколку часа, пукнатината се развила во мал кратер.[3]

На тој прв ден, вулканот имал стромболска пирокластична активност и во рок од 24 часа се создал згурест конус висок 50 метри, создаден од исфрлање фрагменти лапили со големина на орев и нешто поголеми полустопени вулкански бомби.[17] До крајот на неделата, според извештаите,конусот достигнал височина од 100-150 метри.[3][9] Наскоро, долината била покриена со чад и со пепел. Деветгодишната активност е поделена на четири фази со имиња кои потекнуваат од пурепечкиот јазик.

  • Црковното ѕвоно во градот Сан Хуан Парангарикутиро, закопан во лавата на вулканот Парикутин
    Прва фаза наречена Quitzocho (од 22 февруари до 18 октомври 1943) била сконцентрирана на пукнатините кои се формирале во долината Кујусуро и формирањето на почетниот конус. Во тек на оваа фаза, исфрлениот вулкански материјал во најголем дел бил лапили и бомби. Во март ерупцијата се засилила со еруптивни столбови кои достигнувале по неколку километри. За четири месеци, конусот достигнал 200 метри а за осум месеци достигнал до 365. На 12 јуни 1943 лавата почнала да тече кон селото Парикутин со што жителите морале да бидат евакуирани уште следниот ден.
  • Втора фаза наречена Sapichi, со значење "дете" (од 18 октомври 1943 до 8 јануари 1944) се однесува на страничниот отвор и други отвори на вулканот на северната страна на конусот.[9] Пепел и бомби продолжиле да бидат исфрлани но од новиот отвор лавата потекла кон градот Сан Хуан Парангарикутиро, од каде луѓето трајно биле раселени. До август, градот бил комплетно покриен со лава и пепел, и каде денес се видливи само горните делови на главната градска црква.[9] Евакуациите на населените места Парикутин и Сан Хуан биле успешно спроведени без фатални последици поради спорото движење на лавата.

Овие две фази траеле една година но во текот на кои бил исфрлен 90% од вкупниот исфрлен материјал од конусот а воедно и биле создадени 4/5 (330 метри) од крајната височина на вулканот од 424 метри над долината. Пепелта од вулканот стигнала и до Град Мексико.[7][9]

  • Третата фаза (Taqué-Ahuan) (од 8 јануари 1944 до 12 јануари 1945) се фокусира на серија пукнатини на јужната страна на конусот како и зголемување на вулканската активност во центарот. Лавата во оваа фаза главно течела во правец запад - северозапад. Во тек на овој период на југ се формиралa маса денес наречена Лос Хорнитос.[13]

Следните 7 години вулканот не бил многу активен. Имало исфрлање на пепел, камења и лава но спорадично, со периоди кога не покажувал никаква активност. Професионалните геолози се повлекле од подрачјето во 1948 година а единствен кој останал да го набљудува вулканот бил геологот Каледони Гутиерез. Последната посилна активност била забележана од него помеѓу јануари и февруари 1952 година кога се случиле неколку последователни ерупции со столб од чад од три километри.[13]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. https://www.britannica.com/place/Paricutin
  2. Alonso, Nathalie. „7 Natural Wonders of the World Today“. USA Today Travel Tips. Посетено на 13 April 2017.
  3. 3,0 3,1 3,2 „Parícutin: The Birth of a Volcano“. Smithsonian National Museum of Natural History. Архивирано од изворникот на 2013-01-03. Посетено на April 8, 2015.
  4. „Tips viajero Volcán Paricutín (Michoacán)“. Mexico City: Mexico Desconocio magazine. Посетено на April 8, 2015.
  5. 5,0 5,1 Nolan, Mary Lee (1972). The towns of the volcano: A study of the human consequences of the eruption of Parícutin Volcano (PhD). Texas A&M University. OCLC 7312281.
  6. 6,0 6,1 6,2 Juan Guillermo Ordóñez (February 3, 2013). „Desafío Extremo / Aventura inolvidable en el Paricutín“. El Norte. Monterrey. стр. 2.
  7. 7,0 7,1 7,2 „Paricutin: The Volcano in a Cornfield“. The Museum of Unnatural History. Посетено на April 8, 2015.
  8. 8,0 8,1 8,2 8,3 Gardine, Matt; West, Michael E.; Cox, Tiffany (March 2011). „Dike emplacement near Paricutin volcano, Mexico in 2006“. Bulletin of Volcanology. 73 (2): 123–132. doi:10.1007/s00445-010-0437-9.
  9. 9,0 9,1 9,2 9,3 9,4 „The eruption of Parícutin (1943–1952)“. How Volcanos Work. San Diego State University. Архивирано од изворникот на 2007-06-04. Посетено на April 8, 2015.
  10. Antimio Cruz (February 20, 2003). „Niegan en Paricutin una nueva erupcion“. Reforma. Mexico City. стр. 4.
  11. „Volcán Paricutín“. Lonely Planet guides.
  12. 12,0 12,1 Adán García (December 5, 1998). „Chocan versiones sobre El Paricutin“. Mural. Guadalajara. стр. 10.
  13. 13,0 13,1 13,2 „Volcanes Nombre del volcán: Paricutín“. Instituto Latinoamericano de Comunicación Educativo. Посетено на April 8, 2015.
  14. 14,0 14,1 "The eruption of Parícutin (1943–1952)" Архивирано на 4 јуни 2007 г.How Volcanos Work. San Diego State University.
  15. Gardine, Matt; West, Michael E.; Cox, Tiffany (2011-03-01). „Dike emplacement near Parícutin volcano, Mexico in 2006“. Bulletin of Volcanology (англиски). 73 (2): 123–132. doi:10.1007/s00445-010-0437-9. ISSN 0258-8900.
  16. "Paricutin: The Volcano in a Cornfield". The Museum of Unnatural History. 
  17. "Volcanes Nombre del volcán: Paricutín". Instituto Latinoamericano de Comunicación Educativo