Штитест вулкан

Од Википедија — слободната енциклопедија
Дијаграм на штитест вулкан
Мауна Кеја на Хаваите, штитест вулкан

Штитест вулкан – вид вулкан кој е скоро целосно изграден од флуидни текови на лава. Името го добиле по своите големи димензии, нискиот профил, што потсетува на војнички штит[1]. Ваквиот изглед на штитестиот вулкан е предизвикан од ниската вискозност на лавата која излегува од вулканот, што ѝ овозможува да тече многу подалеку од лавата која излегува од експлозивните вулкани. Ова резултира со големи акумулации на широки пакети на лава кои го градат штитестиот вулкан.

Геологија[уреди | уреди извор]

Штитестите вулкани спаѓаат во еден од трите вида вулкани. Издвоени се од останатите два вида вулкани, стратовулкани и шлакести конуси, спрема јасните разлики во структурата и составот. Стратовулканите се изградени од дебели наслаги вискозна лава, додека шлакестите конуси се изградени од пирокластичен материјал исфрлен од експлозивните ерупции. За разлика од нив, штитестите вулкани се изградени од релативно слабо вискозна базалтна лава која се исфрла во подолги циклуси, отколку во случајот на стратовулканите.[2]. Штитестите вулкани се производи на вулканизмот на жешка точкажешките точки, но исто така може да се формираат во зоните на расед, како и во субдукциските зони[3].

Ерупцијата која се случува на штитестиот вулкан како вид се нарекува хавајска ерупција, според хавајската верига каде ваквите вулкани се најчести. Хавајските ерупции се одликуваат со ефузивна емисија на флуидни лави [4]. Заради подвижната природа на овие лави, истите поминуваат многу поголеми далечини во однос на другите видови вулкани, а резултатот е поголеми и потенки сливови на лавата [1], обично со дебелина од само 1 метар [2]. Во текот на долг период, бавното таложењето на илјадници вакви текови на лава, формира карактеристично низок, но широк профил на штитест вулкан [1].

Заради својот градациски раст и скоро континуални еруптивни одлики, штитестите вулкани многу варираат по големина со годините на постоење [2]. Старите штитести вулкани се најголеми вулкани на Земјата [3]. Штитестите вулкани обично имаат пречник меѓу 5 и 6 километри и висина од 460 до 610 метри. Најголем штитест вулкан (и најголем активен вулкан) на светот е Мауна Лоа на Хаваите, кој достигнува надморска висина од 4.169 м[1], а широк е 97 км[2]. Се смета дека вулканот содржи 80.000 км3 базалта[5], што е толку голема маса така што „пропаднала“ во Земјината кора[6]. Висината на штитестиот вулкан обично е 1/20 од неговата ширина [2].

Хавајските и галапагоските штитести вулкани се единствени заради тоа што не се наоѓаат блиску некоја граница на тектонските плочи. Овие две вериги настануваат со поместување на океанската плоча преку изворот на магма познат како жешка точка. Во текот на милиони години, тектонските движења кои ги поместуваат континентите исто така формираат долги вулкански „траги“ на морското дно. Хавајските и галапагоските штитести вулкани, како и други штитести вулкани над жешките точки се направени од базалт од океанските острови. Оваа лава се одликува со висока содржина на натриум, калиум и алуминиум [7].

Во раседните зони преовладуваат штитестите вулкани. Големиот и децентрализиран облик на хавајските вулкани во споредба со многу помалите и симетрични исландски вулкани може да се објасни со раседните ерупции. Најголемиот број хавајски ерупции почнува со т.н. „огнен ѕид“, при што лавата се исфрла долж главната линија, пред да почне ерупција во неколку помали точки. За разлика од нив, исландските вулкани имаат централни ерупции кои предизвикуваат рамномерно исфрлање на лавата [1][2][4][6].

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 Topinka, Lyn (28 декември 2005). „Description: Shield Volcano“. USGS.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 „How Volcanoes Work: Shield Volcanoes“. San Diego State University. Архивирано од изворникот на 2014-01-02.
  3. 3,0 3,1 „Shield Volcanoes“. University of North Dakota. Архивирано од изворникот на 8 август 2007.
  4. 4,0 4,1 „How Volcanoes Work: Hawaiian eruptions“. San Diego State University. Архивирано од изворникот на 2001-03-03.
  5. „VHP Photo Glossary: Shield volcano“. USGS. 17 јули 2009.
  6. 6,0 6,1 World Book: U  • V  • 20. Chicago, Illinois: Scott Fetzer. 2009. стр. 454-. ISBN 978-0-7166-0109-8.
  7. Bill White and Bree Burdick. „Volcanic Galapagos: Formation of an Oceanic Archipelago“. University of Oregon.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]