Suns

Од Википедија — слободната енциклопедија
Suns
ПотеклоСкопје, Македонија
Жанровирокенрол, рок
Инструментибас-гитара
гитара
тапани
Период на активност1989-1994
Поранешни членови
Мирна Арсовска
Ѓокица Зафировски-Џоле
Саша Павловиќ-Фрешко
Александар Гулевски

Suns[1] - eден од најзначајните македонски бендови од првата половина на деведесеттите години бил формиран во летото 1989 година од страна на Ѓокица Зафировски-Џоле - гитарист (екс Вел Викторија) и Мирна Арсовска (екс Лук и Вода) на бас. Подоцна се приклучува Саша Павловиќ-Фрешко (екс Мама) да се приклучи на тапани и Александар Гулевски (екс Процес), кој свири на гитара. Тоа е официјално првата постава на бендот низ чија музика и текстови, од самите почетоци, бил забележан духот на една генерација млади луѓе која преживеела во тогашниот општествен систем пред распаѓање.

Почеток[уреди | уреди извор]

Првите проби бендот ги правел во Машинскиот факултет. Членовите ја соединувале својата опрема и ја делеле заедничката просторија со поискусниот бенд Александар Македонски(Aleksandar Makedonski). Само неколку месеци ги создале и првите десетина песни. На 8.4.1990, во клубот „Skorpion“ во Скопје, го одржале и својот прв, а и последен концерт во таа постава. Во октомври 1990 година, Let me make you understand, песна на Александар Гулевски, била првата снимена на Suns, во студиото „Јатаган“ на Тоше Поп-Симонов. Веќе наредниот месец се случиле и првите недоразбирања, па Гуле и Фрешко си заминале и го формирале бендот Fresh. Џоле продолжил да бара нови луѓе за нов бенд. За него приказната на Suns била завршена.

Нови членови[уреди | уреди извор]

Во тој период на потрага и себеиспитување, започнал да пишува на македонски јазик, па тогаш се создадени Мој и Брејкер. Пролетта во 1991 година, се запознал со Даниел Димитровски и Maртин Тасевски, кои дотогаш го имаат експерименталното панк-дуо Hram Hiberfrenia Kids On Acid и кои сакале да вклучат и гитарист во бендот. Идејата била да се даде ново име на бендот, но на Даниел и Мартин им се допаѓало Suns, па продолжуваат така. Во меѓувреме се откажала и Мирна, па Џоле одлучил да продолжат како трио, со тоа што Мартин, иако по вокација е гитарист, овде свирел на басгитара. При првите проби се создала Карпа и уште една што подоцна се појавила на деби-албумот.

Историја[уреди | уреди извор]

1991-1992 година[уреди | уреди извор]

Првиот концертен настап бил на хуманитарен концерт, организиран кон крајот на пролетта 1991 година од Црвен крст, во салата „Кале“. Нешто подоцна, бендот направил и самостоен концерт во клубот „Nippon“ во Трговскиот центар Мавровка. Нешто што бендот го практикувал цела таа година бил наизменично свирење во само неколкуте функционални рокпростори низ Скопје. Најголема свирка пред најмногу публика била таа кога бендот се појавил како предгрупа на Мизар во МКЦ. Но и оваа постава не траела долго. Квалификациската вечер на 10 јануари на „Поп-Рок Фест ’92“ ќе биде последен заеднички настап на бендот. Мартин се откажал и излегол со намера да го заврши факултетот, но подоцна се вратил на музиката како гитарист на Cyborg. Поради заминувањето на Дани во Лондон, Ѓоле го повикува поранешниот тапанар, Саша Павловиќ-Фрешко, а како тапанар бил поканет Андреј Анастасов-Еди (Bloody George). На првата и единствена проба пред финалната вечер, Фрешко ја понудил единствената песна што била снимена под името Fresh, нумерата Revolution. Песната била снимена во април 1991 година со Даниел Димитровски на тапани и станала еден од препознатливите белези на тој нов SünS. Финалето се случило во клубот „Hard Rock“, на 21.2.1992 година. Таму Suns ги отсвирил: Revolution, Белег и Мој. Fresh утредента го имале својот прв и последен концерт, на првиот македонски панк-хардкор фестивал, во клубот „Codex“. Како награда за учеството во финалето на „ПопРок Фест ’92“, во студиото „М-2“ на МРТВ, во февруари 1992 година била снимена Брејкер во продукција на Мики Јовановски-Џафер. Песната поминала две недели на врвот на топ-листата на белградското радио „B92“. Започнуваат концертите, многу низ Скопје, па во Штип и Прилеп, како тој на 30.4.1992 во клубот „Џовани“. Но најзначаен концерт од тој период бил заедничкиот со Архангел. Како вистински колеџ-бенд, групата ја прифатиле понудата од Дејан Аргировски-Ушко – кој во тој период повеќе не бил басист на Архангел туку ја преземал улогата на менаџер – на 21.3.1992 да одржи заеднички концерт со Архангел во една од црталните на Архитектонскиот факултет. Во ноември 1992 година, бендот заминал на турнеја, „Деблокада ‘92“, единствената што во тој период ја направил некој македонски бенд. Настапиле во: „KST“ во Белград на 4 ноември, во Смедеревска Паланка на 6 ноември, во Суботица на 8 ноември, па повторно во Белград во „Dom Omladine“ на 11 ноември, во Горњи Милановац на 12 ноември, во Ниш на 14 ноември и во Скопје во клубот „Rock Out“ на 15 ноември. Престојувајќи во Белград, членовите на бендот се појавиле и на „ТВ Политика“, каде што бил направен студиски ТВ-спот за песната Брејкер. Во текот на турнејата, во Крагуевац, во студиото на Саша Вујиќ-Вуја (КБО!) направиле демо-снимка на песната Send it away, која никогаш не била објавена.

1993-1994 година[уреди | уреди извор]

Со почетокот на 1993 година, започнула стагнација во бендот, со само повремени концерти. Бендот долго размислувал за следниот потег и се одлучувал за голем исчекор. Кон крајот на мај, каде што членовите вежбале, снимиле демо-материјал со 14 песни, како проверка пред вистинското снимање. Биле снимени: Say it, Белег, Треба обид, Коприва, Луѓе други. Во ноември 1993 година заминале на снимање во студиото „Go-Go“. Кратко по снимањето, на 17.12.1993, бендот имал настап на „Festival Underground Bendova Sa Prostora Ex Yugoslavije“ во Белград, заедно со групата Хип(The Hip). Во снимените материјали во траење од околу 74 минути, била вклучена и обработка на Сите обични луѓе на Бадмингтонс (Badmingtons), што веројатно претставувало првото оддавање почест од еден на друг македонски рок-бенд. Уште една обработка била вклучена во тој материјал, нивната Гајле како преработка на темата „Careless“ од „The Replacements“. Сите песни имале едноставни имиња со по еден збор: Зборувам, Врне, Белег, Обид, Талог. Во меѓувреме Џоле ја направил првата легална независна издавачка куќа во Македонија, „Коприва Рекордс“ и 12-те песни биле ставени на касета со име Мојот Сон Е Само Мој, како прво издание на новата издавачка куќа. Во траење од 83 минути, што бил најдолгиот музички материјал што еден македонски бенд до тој период го има ставено на носач на звук. Она што низ музиката (заеднички труд на бендот) и низ текстот (освен Двајца, заедно со Фрешко и Мисли заедно со Еди, сите останати се дело на Џоле) го направило Suns, било всушност директен опис на бруталниот сензибилитет на времето од првата половина на деведесеттите години, што ретко кој друг македонски рокенрол бенд така го имал пренесено на носач на звук. Издавањето во март 1994 година, било проследено со промотивен концерт, кој Suns го одржале на 1.4.1994, во МКЦ. На концертот кој самостојно го организираат, како гости на сцената се појавиле дувачката секција на Seth. И кога Suns стигнале до врвот, Фрешко си заминал. Продолжил со издавање на музичкото списание „Тротоар“ и со воздигнување на својата издавачка куќа „Трот Рекордс“. Токму на промоцијата на „Тротоар“, летото во 1994 година, во Старата Чаршија пред кафе-барот „Арарат“, се случило и првото појавување на Џоле без Suns. Најпрвин акустично ги отсвирил Врне, Брејкер и Талог, а потоа, во придружба на Горан Таневски (екс Мизар) отсвириле две теми од Мизар, и на крај завршиле со промотивно свирење на првата соло песна на Горан Ден. Бендот добиле покана за учество на познатиот „103 Skopje Urban Festival“ одржан на 18.6.1994, а организиран од страна на музичкото радио „Канал 103“. Ова било обид за реинкарнација на бендот , со нов басист, Павел Дробицки (екс Sors), и за првпат друг вокал, Жарко Пејковски-Ж’ба (екс Sors). На концертот, на бендот повторно му се придружила дувачката секција од Seth. Ова требало да биде последниот концерт на бендот, но по ненадејната смрт на Дејан Аргировски-Ушко, се случил уште еден настап, на најавениот концерт „Tribute To Ушко“ одржан на 27.10.1994 година. Suns партиципирале со Zboruvam!, а како кавер „Raven“ од „Stranglers“. Во процесот на снимањето, Џоле се откажал, а Фрешко ја снимил преработката со помош на Драган Гиновски (Архангел) на гитара и со Рубин Кантарџиоски (Don’t. Who? One!) како вокал. Проектот бил насловен како Moons – започнува како Suns, а завршува како Moons. Џоле уште еднаш се појавил на сцена, по една година, при објавувањето на касетниот албум на проектот Ракета Магазин, театарска музика работена за истоимената претстава на Васил Христов, во 1992 година. Во подготовката на музиката, односно концертната промоција на касетата во клубот „ZZ Top“, учествувале: Џоле на гитара, Мирослав ТодоровскиМирко (eкс Be Bop & Chuck Berry Band) како вокал, Васил Христов-Вуси на бас и Борис Ѓеоргиев-Бут (eкс Клержо) на тапани.

Крај на бендот[уреди | уреди извор]

Во 1999 година, Џоле ја напуштил Македонија. Денес живее и работи во Англија. Со почетокот на новиот милениум, вниманието на младите бендови во Македонија наеднаш почнало да се свртува кон македонското рок-наследство, особено кон Suns. Во 2004 година, „Lithium Records“ го овозможил нивниот материјал на цеде, со две песни помалку, Карпа и Мисли. Како најава за тој промотивен концерт била пуштена песната Праг, снимена во студиото „Тра Ла Ла“ и во продукција на Мите Димовски. Ова била прва заедничка снимка по 11 години. Изданијата според планот требало да бидат само најава за нивниот прв камбек, но поради неможноста сите да се соберат во ист период на исто место, промоцијата на изданието се одложила за наредната година.

Следно обединување[уреди | уреди извор]

На 23.12.2005, во киното „Фросина“ во МКЦ, повторно поради неможноста да се усогласат слободните термини на тројцата , при следното враќање од Англија, во август 2006 година, се соберале на Школка за да бидат дел од фестивалот „Plagij.atTurns1“, организиран од порталот „Plagij.at“. За овој настан басот го отсвирил Павел Дробицки (Seth). Следното обединување, за првпат по 1994 година во поставата што го снимиле албумот, на 27.8.2009 бендот одржил самостоен настап во МКЦ. Suns се покажале во вистинското светло, со гости на одделни песни: Васко (Bernays Propaganda), Сеад Хаџиќ-Сецко (Mooger Fooger) и тапанарот во една од старите формации, Даниел Димитровски (BushavaAzbuka). До денешен ден, официјално тоа е последниот концерт на Suns. Во 2015 година Џоле и се приклучил на идејата на Фрешко и на неговиот проект Демек, и ги снимил гитарските делници на каверот на Падот На Византија, Кога љубовта се претвора во омраза. Тоа ќе биде и последната меѓусебна соработка меѓу некои членови на Suns. Дани во годините што ги живее во Лондон, бил тапанар на тамошниот бенд „Plastic Venus“. По враќањето во Македонија, се приклучил на пуштање транс-музика како BushavaAzbuka, а повремено ќе биде и тапанар на D’Daltons. Мартин, по заминувањето од Suns, одреден период свирил со Cyborg и подоцна комплетно се повлекол од музиката. Мирна и Гуле веднаш по излегувањето од Suns ја оставиле музиката, односно нема да свират по бендови. Фрешко низ годините настапувал со својот проект Демек, а еден период бил бас-гитарист и на Bernays Propaganda и на Мизар. Во 2014 година, австралискиот бенд „Pop And The Clingwrap Killers“, на својот дигитално издаден албум „Misandry Drop Dead“, ја ставил и преработката на песната Мој.

Дискографија[уреди | уреди извор]

Албуми[уреди | уреди извор]

Наслов Носач на звук Издавачка куќа Година
Mojot Son E Samo Moj МС Kopriva Records 1994
Мојот Сон Е Само Мо CD Lithium Records 2004
Праг CD Lithium Records 2004
AcouSunStic DVD Lithium Records 2006

Компилации[уреди | уреди извор]

Наслов Носач на звук Издавачка куќа Година
V.A. – Поп Рок Фест ’92 / Брејкер МС МРТ 1992
V.A. - Dossier Page 1 / Breaker МС Corpus Delicti Records 1994
V.A. – Македонски Документ 1 / Dvajca CD Трот 1994
V.A. - 14 Песни За Ушко / Zboruvam CD Трот 1995
V.A. - Macedonian Punk/HC Part 1 - 1979-2001 / Гајле CD Corpus Delicti Records 2001
V.A. - Време Ритам 01 / Праг CD Време 2006

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Филиповски, Тошо (2018). Македонска Рок Енциклопедија. Скопје: Корпус Деликти Рекордс, Тошо Филиповски. стр. 344–346. ISBN 978-608-66200-0-4.