Чудо во Милано (филм)
„Чудо во Милано“ (италијански: Miracolo a Milano) е италијански филм од 1951 година, во режија на Виторио Де Сика (Vittorio De Sica). Сценариото е на Чезаре Ѕаватини (Cesare Zavattini), засновано врз неговиот роман „Добриот Тото“ од 1940 година. Главните улоги ги толкуваат: Ема Граматика (Emma Gramatica), Франческо Голизано (Francesco Golisano), Паоло Стопа (Paolo Stoppa), Гуљелмо Барнабо, Брунела Бово (Brunella Bovo), Ана Карена итн.[1] Филмот освоил четири награди, меѓу кои и Главната награда (претходникот на „Златната палма“) на Канскиот филмски фестивал.[2] Кога за првпат бил прикажан во киносалите во Италија, филмот предизвикал многу негативни реакции кај прогресивната маса, но и кај конзервативците. Првите го осудиле филмот како премногу „евангелски“ и помирувачки (во Советскиот Сојуз било забрането неговото прикажување), а другите го осудиле како субверзивен и прокомунистички.
Синопсис
[уреди | уреди извор]Лолота (ја игра Граматика) е старица која живее сама. Еден ден, таа наоѓа напуштено бебе во градината и го зема кај себе. По неколку години, таа умира, а детето, со име Тото го носат во дом за сираци. Кога станува полнолетен, Тото (го игра Голизано) го напушта домот и среќава еден скитник кому му се придружува. Така, Тото останува да живее во колонијата на скитници во предградието на Милано. Тото се истакнува со својата љубезност, ведар дух и со организаторските способности и на скитниците им помага да ја уредат населбата. Набргу, во населбата пристигнуав голема група скитници, меѓу кои и Едвиге (ја игра Бово) во која Тото веднаш се вљубува. При една веселба, скитниците откриваат нафта, а скитникот Рапи (го игра Стопа) веднаш го известува богатиот сопственик на земјиштето Моби (го игра Барнабо). Моби се обидува да ги избрка скитниците, а Тото и неколку други скитници го посетуваат Моби во неговата канцеларија. Моби ги прима љубезно, но додека разговара со нив, полицијата веќе ги протерува скитниците. Кога се враќа назад, Тото ги организира скитниците, кои успеваат да ја одбранат населбата. Сепак, Моби повторно ја ангажира полицијата за да ги протера скитниците. Кога се чини дека нема повеќе надеж, духот на Лолота го посетува Тото и му дава гулаб кој ги исполнува сите негови желби. Со помош на гулабот, Тото успева да го спречи нападот на полицијата. Потоа, тој им ги исполнува желбите на скитниците, но набргу тие стануваат алчни и посакуваат големо богатство. Тогаш, два ангела му го крадат гулабот на Тото, а полицијата успева да ги натовари скитниците во камиони и да ги протера од населбата. Додека камионите ги носат скитниците, а Едвиге повторно му дава гулаб на Тото. Така, тој замислува желба и тогаш камионите се распаѓаат, а Тото и скитниците се качуваат на метли и полетуваат на небото.
Осврт кон филмот
[уреди | уреди извор]Филмот се одвива како бајка, а главниот лик е едно момче-сирак кое сонува за свет во кој „Добар ден навистина значи „добар ден!“. Во светот кој го опкружува, Тото е наивен и очекува дека сите имаат добро срце какво што има тој. Момчето ќе се спријатели со скитници и на крајот од филмот, токму тоа ќе ја предводи групата која на плоштадот пред Катедралата во Милано ќе им ги украде метлите на чистачите и ќе одлета кон толку посакуваната замислена земја.[3] Оваа сцена ја инспирирала познатата сцена со летечките велосипеди во „Е.Т.“ на Стивен Спилберг.
Филмот претставува социјална бајка за „лудите и сиромашни ангели“ кои живеат во бараките на периферијата од Милано. Соочени со еден алчен индустријалец кој се заканува дека ќе им ги сруши живеалиштата, тие организираат отпор, предводен од сиракот Тото. Филмот претставува делумно успешен обид на режисерот да се избега од неореалистичниот запис преку надреалистична гротеска.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]YouTube, Miracolo a Milano 1951 Vittorio de Sica
Галерија
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ IMDb, Miracle in Milan (1951) (пристапено на 29.9.2020)
- ↑ IMDb, Miracle in Milan (1951)Awards (пристапено на 19.9.2020)
- ↑ Антена, број 840, 1.8.2014, стр. 16.
- Италијански филмови
- Црно-бели филмови
- Филмови на италијански јазик
- Филмови засновани на романи
- Филмови од 1951 година
- Филмови на Виторио де Сика
- Филмови со Франческо Голизано
- Филмови со Ема Граматика
- Филмови со Паоло Стопа
- Филмови со Ана Карена
- Филмови со Брунела Бово
- Филмови со Гуљелмо Барнабо
- Филмови чие дејствие се одвива во Милано
- Неореализам
- Добитници на Златната палма