Црква „Воведение на Пресвета Богородица“ - Манастирско Доленци

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Coat of arms of the Macedonian Orthodox Church.png
Macedonian cross.svg
Воведение на Пресвета Богородица
Викиекспедиција во Копачка 310.jpg

Поглед на црквата

Македонска православна црква
Епархија Дебарско-кичевска
Архијерејско намесништво Кичевско
Парохија Четврта кичевска
Местоположба
Координати 41°27′32.51″N 20°56′7.36″E / 41.4590306° СГШ; 20.9353778° ИГД / 41.4590306; 20.9353778Координати: 41°27′32.51″N 20°56′7.36″E / 41.4590306° СГШ; 20.9353778° ИГД / 41.4590306; 20.9353778
Населено место Манастирско Доленци
Општина Кичево
Држава Македонија
Општи податоци
Покровител Пресвета Богородица
Изградба 1316
1846
Завршено ?
1848
Осветување ?
1849
Архитектонски опис
Портал „МПЦ“

Воведение на Пресвета Богородица — главна и една од двете манастирски цркви на средновековниот Кичевски манастир во селото Манастирско Доленци.[1]

Историја[уреди | уреди извор]

Се верува дека манастирската црква и самиот манастир бил подигнат во 1316 година, односно пред потпаѓањето на Македонија под отоманска власт.[2]

Во текот на XIX век, манастирската црква останала неоштетена, иако самиот манастир бил на два пати запален, во 1824 и во 1843 година.[2]

Црквата до XIX век била мала, одвај собирала стотина посетители. Поради тоа, истата била урната во 1846 година и на нејзиното место била изградена денешната монументална градба од страна на игуменот Теодосиј. Изградбата се одвивала доста брзо и во 1848 година била готова, а во 1849 година била осветена. Градбата била изградена од мајстори од селото Луково, Струшко.[2]

Архитектура[уреди | уреди извор]

Градба[уреди | уреди извор]

Иконостасот во црквата

Црквата е од типот на големи соборни цркви и е една од најголемите во Македонија. Во основа претставува базилика, со висока купола и осмостран тамбур. Ѕидовите се од камен варовник и бигор. Од надворешната страна камењата се делкани - приделкани во хоризонтални редови во вид на квадрати, завршувајќи со богато профилирани венци. По својата убавина посебно се истакнува источната фасада на црквата, бидејќи оттаму е главниот влез - капијата. Внатрешно ѕидовите се ојакнати со пиластри што меѓусебно се поврзани со полукружни лаци над кои се издига куполата, па се постигнува единствен простор во наосот.[2]

Иконостас[уреди | уреди извор]

Поглед кон куполата

Црквата поседува импозантен иконостас, кој бил направен за време на игуменот Стефан во 1864 година. Самата дрвена градба била изработена од мајсторот Дојчин Зулфа, додека украсувањето било извршено од неговиот син Добре, двајцата од селото Лазарополе. Иконите во самиот иконостас се дело на познатиот зограф Дичо Зограф од Тресонче.[2]

Дичо Зограф започнал да слика за иконостасот во црквата во 1853 година, по завршувањето на фрескоживописот во олтарот во 1852 година. Од некогашниот иконостас, единствено е зачувана престолната икона „Богородица Одигитрија“ од зографот Анастас Христов.[2]

Нема податоци кога е изработена олтарната преграда во плитка резба, но се посочува периодот помеѓу двете светски војни. Во тој период била извршена и измена на распоредот на иконите. Препознатлива е замената на иконата „Благовештение Богородично“ од 1856 година со истоимената икона од 1911 година на српскиот сликар Милислав Марковиќ, како и шест други икони од зографот Аврам Дичов од 1881 година.[2]

Дичо Зограф ги создал иконите за иконостасот во периодот 1848-1865 година и на повеќето од нив се има потпишано. Така, од 29 икони што се со натпис во црквата, на 19 од нив се наоѓа неговото име. Воедно, покрај иконите, по порачка на јеромонахот Симеон, во 1860 година Дичо Зограф изработил и плаштаница.[2]

Царските двери се од XIX век, но не се знае кој ги создал. Изработени се во длабока ажурна резба. Поради нивниот стил и мотиви, се претпоставува дека биле изработени од резбар од тајфата на Макарие Фрчковски.[2]

Најгоре на иконостасот се наоѓа голем крст изработен во резба. Изработен е како претставата „Распетие Христово“, а долу, над устите од резбаните аждаи, се насликани Богородица и Свети Јован.[2]

Покрај денешните царски двери, црквата ги чува и царските двери од XVI век. Од истиот период потекнува и владичкиот стол. Игуменскиот и архијерејскиот стол, пак, се изработени во резба и потекнуваат од XIX век.[2]

Најважна икона во целата црква претставува чудотворната икона. Од една страна на неа е Исус Христос, а од другата страна е Богородица во прегратка со Христос. Неа, во 1865 година ја ретуширал зографот Дичо Зограф, кој успеал целосно да ги дочува стилот и бојата. Во 2006 година, иконата повторно била конзервирана. Се наоѓа на западната страна од наосот, поставена на бигорен камен над изворот.[2]

Фрескоживопис[уреди | уреди извор]

Живописот во олтарниот простор е дело на тајфата на најголемиот зограф од XIX век во Македонија, Дичо Зограф, кој го завршил во 1852 година.[2]

Фрескоживописот во наосот и на куполата е изработен триесетина години по оној на олтарот. За него нема податоци кој е автор, но сепак врз основа на споредбени анализи, со голема сигурност, се посочува синот на Дичо Зограф, Аврам Дичов.[2]

Живописот е значително оштетен поради влагата, која навлегувала од покривот, кој век и пол бил со камени плочи. Поради тоа, во 1988 и во 1989 година биле извршени конзерваторски интервенции на оштетениот фрескоживопис.[2]

Внатрешност[уреди | уреди извор]

Подот на црквата е со камени и мермерни плочи. На средината од наосот се наоѓа осумзрачно сонце со диск од мермерни плочи. Осумаголникот концентрично се шири во наосот преку наизменично менување на камени и мермерни редови на плочи.[2]

Галерија[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска. уред (на македонски). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7. 
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 2,12 2,13 2,14 2,15 „Дебарско-кичевска епархија“. web.archive.org. 2014-03-22. конс. 2019-02-08. 

Надворешни врски[уреди | уреди извор]