Хроничен замор

Од Википедија — слободната енциклопедија

Синдромот на хроничен замор е комплексно нарушување на општата состојба на организмот, кое се состои во постојан и необјаснив замор што трае подолго од шест месеци, а се случува при добро здравје, не е последица на напор и не поминува по одмор.

Особености[уреди | уреди извор]

Вообичаено, заморот се јавува како последица на тешка или долготрајна психичка или физичка активност и се манифестира како намален квалитет на психофизичкото функционирање. Сепак, по соодветен одмор, симптомите на замор исчезнуваат и организмот продолжува да функционира на вообичаениот начин. Но, во средината на XX век, во развиените земји била забележана масовна, речиси епидемиска, појава на долготраен, повеќемесечен замор со бројни симптоми и со сериозни последици врз здравјето на луѓето. Оттогаш, ваквата состојба започната да се групира како невролошко и инфективно заболување и неколкупати била означувана со различни имиња, како: „атипичен полиомиелитис“ и „доброќуден мијалгичен енцефаломиелитис“. Конечно, во 1988 година бил предложен називот „синдром на хроничен замор“, а Американскиот медицински институт предложил синдромот на хроничен замор да се преименува во болест, наречена „системска нетолеранција на стрес“. Хроничниот замор најчесто се јавува на возраст меѓу 40 и 50 години, и тоа почесто кај жените, а се проценува дека во САД од оваа болест страдаат четири промили од населението.[1]

Причини и симптоми[уреди | уреди извор]

И покрај бројните истражувања, не се познати причините кои водат до хроничниот замор. Сепак, постојат разни теории, кои како причини ги наведуваат: инфекциите, имунолошките болести, стресот, траумата, токсините, несоодветната исхрана, итн. Синдромот на хроничен замор вклучува најмалку четири од следниве осум симптоми:[1]

  • општа лоша состојба што трае 24 часа по одморот
  • сон што не води до одмор
  • намалено паметење или послаба концентрација
  • болки во мускулите
  • болки во зглобовите без отоци и без црвенило
  • воспаление на грлото што често се повторува
  • болно чувствителни лимфни јазли на вратот и под пазувите
  • главоболки од нов вид или интензитет

Покрај овие симптоми, кај некои лица може да се појават и болки во градниот кош, болки во стомакот, мачнина, дијареа, вртоглавица, утринска вкочанетост, чувство на недостиг на воздух, слабеење, апатија, психичка или физичка изнемоштеност итн.

Дијагноза[уреди | уреди извор]

Дијагностицирањето на хроничниот замор е многу тешко, зашто пациентите обично ги опишуваат симптомите на стереотипен начин, со недоволно информации, а освен тоа, не постојат тестови за дијагностицирање. Сепак, она што е важно за дијагнозата е дали заморот трае подолго од шест месеци и дали пациентот има четири од типичните симптоми. Исто така, поради сличните симптоми, важно е најпрвин да се исклучат другите болести. Имено, слични симптоми се јавуваат и кај други заболувања, како: мултиплекс склероза, ревматоиден артритис, инфективна мононуклеоза, неурастенија, хипотиреоза, алкохолизам, карцином, итн. Според некои истражувања, помалку од 20% од претпоставениот број лица со хроничен замор се дијагностицирани.[2]

Лекување[уреди | уреди извор]

Бидејќи вистинската причина на синдромот на хроничен замор е непозната, терапијата е поединечна и не постои лекување по протокол. Притоа, лекувањето обично опфаќа: физикална терапија, нутриционистичка терапија и лекување со антидепресиви. Според бројни истражувања, најголем ефект имаат когнитивната бихејвиорална терапија, како и терапијата со дозирано вежбање. Исто така, се смета дека самопомошта е важна во превенцијата на хроничниот замор при што се препорачува да не се поставуваат преголеми цели, да се има позитивно размислување и однесување, намалување на ритамот во работата и во секојдневните активности, здрава исхрана, избегнување на стресот, уреден одмор и добар сон, земање витамини итн.[3]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Јелена Биџиќ, „Хроничен замор - Кога после сонот не сте одморни“, Betty магазин, година IV, број 37, март 2017, стр. 14.
  2. Јелена Биџиќ, „Хроничен замор - Кога после сонот не сте одморни“, Betty магазин, година IV, број 37, март 2017, стр. 14-15.
  3. Јелена Биџиќ, „Хроничен замор - Кога после сонот не сте одморни“, Betty магазин, година IV, број 37, март 2017, стр. 15.