Хималајски тар
Хималајски тар | |
---|---|
Научна класификација | |
Царство: | Животни |
Колено: | Хордови |
Класа: | Цицачи |
Ред: | Парнокопитни |
Семејство: | Шуплороги |
Потсемејство: | Кози |
Род: | Тар |
Вид: | Хималајски тар |
Научен назив | |
Hemitragus jemlahicus (Смит, 1826) | |
Распространетост |
Хималајски тар (науч. Hemitragus jemlahicus) — копитар од Хималаите во јужен Тибет, северна Индија и Непал. Меѓународниот сојуз за заштита на природата (МСЗП/IUCN) го смета за речиси загрозен поради надолното движење на нивниот што се должи на ловот и загубата на живеалиштата.[1]
Филогенетската анализа покажува дека хималајскиот тар е сроден на козите и овците, а родот тар (Hemitragus) е едновиден.[2] Му припаѓа на редот парнокопитни (Artiodactyla).[3]
Хималајскиот тар е доведен во Нов Зеланд и ЈАР.[4] Животното може да се види во Зоолошката градина во Скопје.[5]
Таксономија
[уреди | уреди извор]Тарите припаѓаат на потсемејството кози во редот парнокопитни. Нивните најблиски роднини во потсемејството кози се овците и козите.[3] Подвидот источнохималајски тар или шапи, бил опишан во 1944 година.[6] Оваа класификација повеќе не се смета за валидна и во моментов не се признава ниеден подвид.[1]
Етимологија
[уреди | уреди извор]Зборот тар е непалски збор и првпат бил употребен во англиските списи (tahr) во 1835 година.[7]
Родното името на Hemitragus потекнува од грчките зборови хеми што значи половина и трагос што значи коза.[8][9]
Изглед
[уреди | уреди извор]Ова животно има мала глава, мали шилести уши, големи очи и различни рогови кај мажјаците и женките.[3] Роговите достигнуваат должина од 46 см. Телесно се одликува со полов диморфизам, при што женките се помали од мажјаците и имаат помали рогови. Роговите се свиени наназад, спречувајќи повреди за време на сезоната за парење, кога мажјаците се удираат со нив. Просечниот мажјак тежи околу 73 кг, а просечната женка само 36 кг, и има помала во висина отколку во должина[10] По надворешноста, тарот е добро приспособен за суровите животни услови на Хималаите. Имаат дебело црвенкасто крзно и дебело поткрзно, со цел да се заштитат од студот и ветриштата. Кон крајот на зимата, крзното им се проретчува (познато како митарење) и добива посветла боја, што претставува начин на прилагодување на телесната температура според условите.[11]
Како копитар , тарот има парен број на ножни прсти на копитото. Имаат особена способност за искачување и по мазни и по груби површини, потребна за движење по планинскиот терен на којшто живеат. Копитата имаат гуменеста внатрешност, што им овозможува фат на мазни камења и карпи, додека пак кератинот околу неа им дава трајност и издржливост, важна за сигурно одење по нерамни предели.[11]
Хималајскиот тар просечно живее 14-15 години, при што женките се подолговечни од мажјаците. Најстарата позната единка достигнала возраст од 22 години, живеејќи во заробеништво.[12]
Размножување
[уреди | уреди извор]Таровите се многуженци, а межјаците покажуваат висок степен на меѓусебно соперништво кога треба да се придобијат женки. Младите полово зрели мажјаци талкаат по пределите и се парат во првата поволна прилика (кога наоколу нема поголеми мажјаци), додека пак повозрасните (постари од 4 години) влегуваат во обредни борби за женки. За време на сезоната за парење, плодните мажјаци губат голем дел од масните резерви, додека пак женките и неплодните мажјаци остануваат исти, што значи дека ова поведение има значаен издаток.[13] Доминантноста на мажјаците зависи од големината, тежината и нивото на тестостерон. Интересно е тоа што мажјаците со посветло крзно имаат полесен пристап до женки.[14] Бременоста кај женките трае 180–242 дена и се раѓа по едно јаре.[13][15] Ова укажува на крајната важност на половата селекција за физичката сила и способност на мажјаците.
Исхрана
[уреди | уреди извор]Бидејќи се растителнојадни, таровите го поминуваат најголемито дел од денот во пасење треви и брстење на листови и некои плодови.[15] Кратките нозе им даваат рамнотежа кога посегаат по лисјата на грмушките и малите дрвца.[11] Тарот јаде повеќе дрвенести отколку билни растенија,[16] а дури 75% треви.[17] Како и останатите шуплороги, ова животно е преживар и има сложен систем за варење. Повеќекоморниот стомак му овозможува повеќепати да ја враќа храната, да ја преџвакува и така да добива хранливи состојки од инаку несварлив растителен материјал.
Екологија и живеалиште
[уреди | уреди извор]Хималајскиот тар е прилагоден на живот во студени карпести предели по планините. На Хималаите живее на надморска височина од 2.500 до 5.000 м. Се храни со голем број разновидни растенија и често живее на места кајшто растителноста е изложена и погодна за пасење или брстење. Зиме, снегот ги прекрива растенијата на повисоките места, па затоа тарот се симнува да живее на пониско.[18]
Непријатели
[уреди | уреди извор]Значаен непријател на хималајскиот тар е снежниот леопард,[19] кој воедно лови и други копитари, поради што се јавува привидна конкуренција помеѓу тарот и други тревопасни видови. Привидната конкуренција се јавва кога два вида имаат ист непријател. Во вакви околности, зголемувањето на бројноста на еден вид го зголемува и бројот на непријателот, што потоа се претвора во зголемување на жртвите кај другиот вид.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ 1,0 1,1 1,2 Bhatnagar, Y. V. & Lovari, S. (2008). „Hemitragus jemlahicus“. IUCN Red List. Version 2014.3. International Union for Conservation of Nature.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
- ↑ Ropiquet, A. & Hassanin, A. (2005). Molecular evidence for the polyphyly of the genus Hemitragus (Mammalia, Bovidae). Molecular Phylogenetics and Evolution 36 (1): 154–168.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 Theodor, J. M. (2001). „Artiodactyla (Even-Toed Ungulates Including Sheep and Camels)“. Encyclopedia of Life Sciences. doi:10.1038/npg.els.0001570. ISBN 978-0470016176.
- ↑ Grubb, P. (2005). Wilson, D.E.; Reeder, D.M. (уред.). Mammal Species of the World: A Taxonomic and Geographic Reference (3rd. изд.). Johns Hopkins University Press. ISBN 978-0-8018-8221-0. OCLC 62265494.
- ↑ „Тар“. Зоо Скопје. Архивирано од изворникот на 2015-05-03. Посетено на 27 јули 2015.
- ↑ Pohle, H. (1944). „Hemitragus jemlahicus schaeferi sp. n., die östliche Form des Thars“. Zoologischer Anzeiger. 144 (9/10): 184–191.
- ↑ Simpson, J. A., & Weiner, E. S. C. (1989). Oxford English Dictionary (Второ изд.). New York: Oxford University Press.
- ↑ Liddell, H.G.; Scott, R. (1940). „ἡμῐ-“. A Greek–English Lexicon (Ninth. изд.). Oxford: Clarendon Press.
- ↑ Liddell, H.G.; Scott, R. (1940). „τράγος“. A Greek–English Lexicon (Ninth. изд.). Oxford: Clarendon Press.
- ↑ http://animaldiversity.ummz.umich.edu/accounts/Hemitragus_jemlahicus/
- ↑ 11,0 11,1 11,2 "Himalayan tahr", http://www.ultimateungulate.com/tahrhim.html Архивирано на 12 февруари 2004 г., (Nov. 2001).
- ↑ Smith, A. T., Yan Xie, Hoffman, R., Lunde, D., MacKinnon, J., Wilson, D. E. and Wozencraft, W. C. 2008. A Guide to the Mammals of China. Princeton University Press, Princeton, New Jersey.
- ↑ 13,0 13,1 Forsyth, David M., Richard P. Duncan, Ken G. Tustin, and Jean-Michel Gaillard. “A Substantial Energetic Cost to Male Reproduction in a Sexually Dimorphic Ungulate.” Ecology 86, no. 8 (August 1, 2005): 2154–2163. doi:10.1890/03-0738.
- ↑ Lovari, S., B. Pellizzi, R. Boesi, and L. Fusani. “Mating Dominance Amongst Male Himalayan Tahr: Blonds Do Better.” Behavioural Processes 81, no. 1 (May 2009): 20–25. doi:10.1016/j.beproc.2008.12.008.
- ↑ 15,0 15,1 UCN 2012. IUCN Red List of Threatened Species: Hemitragus Jemlahicus (Himalayan Tahr). Version 2012.2 http://www.iucnredlist.org/details/9919/0.
- ↑ Watson, Michael(2007). “Aspects of the feeding ecology of Himalayan tahr (Hemitragus jemlacicus), some comparisons with chamois (Rupicapra rupicapra rupicapra) and implications for tahr management in New Zealand” . Lincoln University.
- ↑ Clauss, M., Hummel, J., Vercammen, F., Streich, W. J., (30 June 2005) Observations on the Macroscopic Digestive Anatomy of the Himalayan Tahr (hemitragus jemlahicus). Anatomia, Histologia, Embryologia.
- ↑ Himalayan tahr (Hemitragus jemlahicus). Arkive. http://www.arkive.org/himalayan-tahr/hemitragus-jemlahicus/ Архивирано на 14 јули 2012 г.
- ↑ Ale, Som B. “Ecology of the Snow Leopard and the Himalayan Tahr in Sagarmatha (Mt. Everest) National Park, Nepal.” University of Illinois, 2007. http://www.carnivoreconservation.org/files/thesis/ale_2007_phd.pdf.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]„Хималајски тар“ на Ризницата ? |
- Хималајски тар на Викивидовите ?
- „Хималајски тар“ — Енциклопедија на живиот свет
- Преглед на факти за хималајскиот тар (англиски)