Сонгајско Царство

Од Википедија — слободната енциклопедија
Сонгајско Царство
Царство
ок. 1464–1591
Местоположба на Сонгај
Територијата на Сонгајското Царство околу 1500 г.
Главен град Гао[1]
Вероисповед
Уредување Царство
Историски период Ран нов век
 -  Независност од Царството Мали ок. 1430
 -  Почеток на династијата Суни 1468
 -  Почеток на Аскијската династија 1493
 -  Саадска инвазија на Сонгајското Царство 1591
 -  Благородниците се преселиле во денешен Нигер и основале повеќе мали кралства 1591
 -  Французите го собориле последниот преставник од Аскијската династија 1901
Површина
 -  1550[2] 800000 км²

Сонгајско Царство ― поранешна држава која во текот на 15-тиот и 16-тиот век го зафаќала западниот дел од Сахел. Тоа било едно од најголемите африкански царства во историјата.

Името на царството потекнува од неговата доминантна етничка група и владејачка елита, народот Сонгај. Главен град на царството бил Гао, а други важни градови во кралството биле Тимбукту и Џене. Аканската држава Бономан се наоѓала на југ од царството.[3] Со царството Сонгај прво владеела династијата Сони ( ок. 1464 ), а подоцна била заменета од династијата Аскија (1493-1901).

Во втората половина од 13 век, Гао и околниот регион прераснале во важен трговски центар и го привлекол интересот на Царството Мали. Мали го освоил Гао кон крајот на 13 век, и градот останал под владение на Мали до крајот на 14 век. По распаѓањето на Царството Мали, Сонгај повторно воспоставил контролата врз Гао. Владетелите на Сонгај потоа го искористиле ослабеното Царство Мали за да ја прошират територијата на Сонгај.

Под власта на Сони Али, Сонгајите ја надминаа Царството Мали по површина, богатство и моќ, апсорбирајќи огромни региони на царството Мали. Неговиот син и наследник, Сони Бару, бил соборен од Мухамед Туре, еден од генералите на неговиот татко. Туре, попознат како Аскија Велики, вовел политички и економски реформи низ целата империја.

Низа заговори и преврати од наследниците на Аскија ја принудија царството во период на опаѓање и нестабилност. Роднините на Аскија се обидоа да управуваат со кралството, но политичкиот хаос и неколкуте граѓански војни во царството обезбедија континуиран пад на царството, особено за време на владеењето на Аскија Исхак I. царството доживеала период на стабилност и низа воени успеси за време на владеењето на Аскија Дауд .

Аскија Исхак II, последниот владетел на Сонгајското Царство, дошол на власт по долга династичка борба. Во 1590 година, Ал-Мансур ја искористил неодамнешната граѓанска војна во царството и испратил војска за да го освои Сонгај. Сонгајското Царство пропаднало по поразот во битката кај Тондиби во 1591 година.

Историја[уреди | уреди извор]

Гао и Мали[уреди | уреди извор]

Малку е познато за раната историја на Сонгај, кој ги асимилирал воено послабите народи Сорко, Гов и До кои живееле по течението на реката Нигер. За првата Сонгајска династија информации можат да се добијат само од неколку надгробни споменици во селото Санеи во близина на Гао. Натписите од гробовите покажуваат дека оваа династија владеела кон крајот на 11 и почетокот на 12 век и дека нејзините владетели ја имале титулата Малик (арапски: „Крал“). Други надгробни споменици споменуваат втора династија чии владетели ја носеле титулата зува. За оваа династија информации се добиваат од Тарих ал-Судан (Историја на Судан), напишана на арапски околу 1655 година според усни преданија. Според таа книга, основачот на династијата За се викал За Алајаман (понекогаш се користи името Дијалијаман), кој по потекло бил од Јемен и се доселил во градот Кукија.[4] :60[5] Според легендата, За Алајаман ја убил светата риба обожувана од народите Сорко и Габиби.

Во 10 век, поглаварите на Сонгај го основале Гао како мало кралство и владееле со народите кои живееле долж трговските патишта. Во 11 век, месниот владетел Косои го примил исламот, а во текот на следните 300 години неговите наследници успеале да го прошират кралството врз поголемиот дел од територијата на денешно Мали. Околу 1300 година, Гао бил многу просперитетен и го привлекол вниманието на Царството Мали. Мали го освоил градот, заработувал од трговијата во Гао и собирал даноци од неговите кралеви до околу 1430-тите. Мали, поради граѓанската војна таму, ја загубил контролата врз Гао.[4] :50–51Ибн Батута го посетил Гао во 1353 година кога градот сè уште бил дел од царството Мали.

За време на владеењето на царот од Мали, Сулејман Мар, Гао се стекнал со независност, но продолжил да плаќа надомест на Мали до 1430.[6] Во тоа време, династијата Зува во Гао била заменета со нова, династијата Сони. Сони Сулејман Дама околу 1460 година го освоил регионот Мема, кој долго време се сметал за дел од Царството Мали[4][се бара страница]

Сони Али[уреди | уреди извор]

По смртта на Сулејман Дама, на чело на државата дошол Сони Али кој владеел од 1464 до 1492 година. Како и претходните кралеви на Сонгај, Али бил муслиман. Во доцните 1460-ти, тој освоил многу соседни држави наСонгајско Царство, како и преостанатиот дел од Царството Мали.[се бара извор]

За време на неговите освојувачки походи, Али освоил многу земји, ги одбил нападите од Мосиските Кралства на југ, а на север го освоил народот Догон. Во 1468 година, го анектирал Тимбукту откако претходно исламските водачи од градот од него побарале да им помогне во соборувањето на Туарезите, кои го зазеле градот по падот на Царството Мали.[7] Кога се обидел да го освои трговскиот град Џене, жителите на градот му се спротивставиле. По седумгодишна опсада, тој успеал да ги натера да се предадат. Џене станал дело од царството во 1473 година.

Нападот на Сони Али негативно влијаел на Тимбукту. Многу муслимански записи го опишале како тиранин.

Ракописите од Тимбукту, со арапски списи за математиката и астрономијата

Сони Али имал репресивна политика кон научниците од Тимбукту, а особено кон научниците од регионот Санкоре кои биле во тесни врски со Туарезите. По воспоставувањето контрола врз критичните трговски патишта и градови како Тимбукту, Сони Али го зголемил богатството на Сонгајското Царство, кое при својот врв ќе го надмине богатството на Мали.[8]

Аскија Велики[уреди | уреди извор]

Гробот на Аскија во Гао

Аскија Велики го наследил Сони Али. Тој ја зацврстил власта врз териториите кои ги освоил неговиот претходник и ја проширил својата моќ на југ и на исток. За време на неговото владеење, сонгајската војска имала еден корпус со војници со полно работно време. Се вели дека Аскија со потсмев гледал кон кралствата кои немале професионални војници. [9]

Тој отворил верски училишта, изградил џамии и неговиот двор бил отворен за научници и поети од целиот муслимански свет. Аскија отишол на хаџ во Мека, а со себе понел голема количина злато. Дел од парите ги донирал во добротворни цели, а со остатокот купил подароци за жителите на Мека за да го покаже богатството на неговата царство. Историчарите од Каиро пишуваат дека на аџилак тргнал со „придружба од 500 коњаници и 1000 пешадијци, а со него носел 300.000 парчиња злато“.[10]

Исламот му бил многу важен и по неговото враќање основал повеќе центри за изучување на религијата низ царството и донел верски учители од Египет и Мароко за да предаваат во џамијата Санкоре во Тимбукту.

Тој се интересирал за астрономијата, поради што во главниот град се зголемил бројот на астрономи и опсерватории.[11]

За време на неговото владеење, исламот се вкоренил во државата, транссахарската трговија доживеала процут, а територијата на царството тогаш ги вклучило и рудниците за сол во Тагаза.

Падот и Саадската инвазија[уреди | уреди извор]

Во 1528 година, децата на Аскија се побуниле против него, и за цар го прогласиле неговиот син Муса. По соборувањето на Муса во 1531 година, Царството Сонгај почнало да слебее. По смртта на царот Аскија Дауд во 1583 година, борбата за наследство го ослабнала Сонгајското Царство кое било поделено на две спротивставени фракции.[12]

За време на овој период, мароканските војски им нанеле тежок пораз на Португалците во битката кај Ксар ел-Кебир, но биле економско исцрпени и на раб на банкрот, затоа што требало да им платат на Османлиите за помошта во одбраната на градот. Поради ова, султанот Ахмад I ал-Мансур од династијата Саади во 1591 година под водство на евнухот Јудар-паша го нападнал Сонгајското Царство.[13] Првенствена цел на мароканската инвазија на Сонгај била преземањето на контрола врз транссахарската трговија со сол и злато, а исто така да земе робови за шеќерната индустрија која била во педем.[14] :300 За време на владеењето на Аскија Велики, сонгајската војска имала војници со полно работно време, но царот не ја модернизирал својата војска. Од друга страна, мароканска војска имала илјадници аркебузи и осум англиски топови.

Јудар Паша бил Шпанец, но како дете бил заробен и се школувал на дворот Саади. По маршот преку Сахара, војските на Јудар ги зазеле, ги ограбиле и ги уништиле рудниците за сол во Тагаза и се упатиле кон Гао. Кога царот Аскија Исхак II (р. 1588–1591) се судрил со Јудар во битката кај Тондиби во 1591 година, силите на Сонгај, и покрај тоа што биле помногубројни, биле разбиени од стампедо од говеда кои се исплашиле од барутното оружје на Саади.[13] Јудар ги завзел Гао, Тимбукту и Џене, и Царството Сонгај престанало да постои. Управувањето со толку големо царство се покажало многу тешко за династијата Саади. Наскоро тие се откажале од контролата врз регионот, и таму се појавиле десетици помали кралства.[14] :308

Западна Африка по мароканската инвазија

По поразот на царството, благородниците се преселиле на југ во областа денес позната како Сонгај (во денешен Нигер), каде што претходно веќе се населила династијата Сони. Тие основале помали кралства како: Ванзарбе, Ајеру Готеје, Даргол, Тера, Сикие, Кокору, Горуол, Карма, Намаро и Денди.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Bethwell A. Ogot, Africa from the Sixteenth to the Eighteenth Century, (UNESCO Publishing, 2000), 303.
  2. Taagepera 1979, стр. 497.
  3. Hunwick, John O. (2003-01-01). Timbuktu and the Songhay Empire: Al-Saʿdi's Taʾrīkh Al-Sūdān Down to 1613, and Other Contemporary Documents (англиски). BRILL. ISBN 978-90-04-12822-4.
  4. 4,0 4,1 4,2 David C. Conrad (2009). Empires of Medieval West Africa.
  5. Timbuktu and the Songhay Empire: Al-Sadi's Tarikh al-Sudan down to 1613 and other contemporary documents | John Hunwick | Page 35 (xxxv)
  6. Stride, G.T & C. Ifeka: "Peoples and Empires of West Africa: West Africa in History 1000–1800". Nelson, 1971
  7. Sonni ʿAlī.(2007). Encyclopædia Britannica. Ultimate Reference Suite. Chicago: Encyclopædia Britannica.
  8. Daniel, McCall; Norman, Bennett (1971). Aspects of West African Islam. Boston University, African Studies Center. стр. 42–45.
  9. Thornton, John K.. Warfare in Atlantic Africa, 1500-1800 (Warfare and History) (Kindle Locations 871-872). Taylor and Francis. Kindle Edition.
  10. Willard, Alice (1993-04-01). „Gold, Islam and Camels: The Transformative Effects of Trade and Ideology“. Comparative Civilizations Review. 28 (28): 88–89. ISSN 0733-4540.
  11. Meri, Josef W. (2006). Medieval Islamic Civilization: L-Z, index. Taylor & Francis. ISBN 9780415966924.
  12. Loimeier, Roman (2013). Muslim Societies in Africa: A Historical Anthropology. Bloomington, Indiana: Indiana University Press. стр. 69. ISBN 9780253007971. Посетено на 7 April 2022.
  13. 13,0 13,1 „Kingdoms of Africa - Niger“. www.historyfiles.co.uk. Посетено на 2020-01-23. Грешка во наводот: Неважечка ознака <ref>; називот „historyfiles.co.uk“ е зададен повеќепати со различна содржина.
  14. 14,0 14,1 Abitbol, M. (1992). „The end of the Songhay empire“. Во Ogot, B. A. (уред.). General History of Africa vol. V: Africa from the Sixteenth to the Eighteenth Century. UNESCO. Посетено на 16 September 2023. Грешка во наводот: Неважечка ознака <ref>; називот „GHA5“ е зададен повеќепати со различна содржина.

Извори[уреди | уреди извор]

 


Понатамошно читање[уреди | уреди извор]

  • Isichei, Elizabeth. A History of African Societies to 1870. Cambridge: Cambridge University Press, 1997. Print.
  • Shillington, Kevin. History of Africa . 2nd . NY: Macmillan, 2005. Print.
  • Cissoko, S. M., Timbouctou et l'empire songhay, Paris 1975.
  • Lange, D., Ancient Kingdoms of West Africa, Dettelbach 2004 (the book has a chapter titled "The Mande factor in Gao history", pp. 409–544).
  • Gomez, Michael A., African Dominion: A New History of Empire in Early and Medieval West Africa. Princeton University Press, 2018.


Надворешни врски[уреди | уреди извор]