Свети Кипријан Слепченски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Свети маченик Кипријан Слепченски
Роден(а) околу 1720,
Починал(а) 30 април 1780, Слепче
Почитуван(а) во Источната православна црква
Слава 30 април

Свети маченик Кипријан Слепченскимакедонски православен светител од времето на турското владеење во Македонија. Според досегашните научни сознанија се знае дека Кипријан служел во манастирот „Св. Јован Претеча“ кај Слепче, и дека маченички се упокоил на Велигден во 1780 година. Се претпоставува дека бил на возраст од околу 60 години. Игуменот Кипријан бил погребан во дворот на црквата во Слепче. Во рамките на подготовките за кантонизација на игуменот, се испитува дали овој новомаченик водел потекло од слепченскиот крај. Досега не постои пишан документ за неговото место на раѓање. Во тек е изработката на неговата икона што се изработува во сестринското ателје на манастирот Слепче.[1]

Житие[уреди | уреди извор]

За маченичката смрт на Кипријан има вреден запис на македонски народен говор, зачуван од 1780 година. Непознат автор овој текст го допишал во многу постаро евангелие, поточно во „Четвороевангелие“ од 1548 година на познатиот македонски книжевник Висарион Дебарски. Во вметнатиот запис на непознатиот автор пишува дека во 1780 година „среде лето се стори скапија, пченицата помина килото дванаисет гроша, а хршта помина килото осом гроша и раната за имајнето се стори скапа, сеното помина по три.“ Во записот понатаму е напишано дека Турци го ограбиле манастирот во Слепче и го спалиле игуменот. Записот наведува:

Во априли месец на ден Велики Четврток на вечерта влегоа харамии Турци колунци и фати игумена Купријана и го мачеа со оган го гориа за аспри и аспри немаше да мо дадит три дни бист на велик ден почина.


Запишано е дека арамиите при грабежот од манастирот украле и свети мошти со сребрена кутија, која чинела 120 гроша, три икони, бакар, руба и се што пронашле во храмот однеле во тогашниот Монастир (Битола). Записот е значаен не само од историски аспект, туку и од јазичен, зашто бил напишан на македонски народен говор од централно македонско наречје. Денес, Висарионово „Четвороевангелие“ се наоѓа во Народната библиотека во Белград, Србија под број Рс 102. Манастирот во Слепче бил познат книжевен и преведувачки центар. Овде книжевната дејност се појавила во 11 век и осум века се создавале вредни ракописи. За жал, овој вреден скрипториум бил разграбан во 19 век и ракописите однесени во Русија, Србија, Бугарија и на други места.

Канонизација[уреди | уреди извор]

Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква на редовна седница одржана на 24 февруари 2017 година донесе одлука за негова канонизација. Канонизацијата на Свети Кипријан Слепченски се одржала на 30 април 2017 година во манастирот „Свети Јован Претеча“ во Слепче, Демир Хисар[2]. На канонизација за прв пат беа изложени светите мошти на Свети Кипријан Слепчански кои се чуваат во овој манастир [3], како и иконата насликана од манастирското сестринство.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. МПЦ ОДЛУЧИ: Свети Кипријан Слепченски ќе биде прогласен за светец во април
  2. „Канонизиран Св. Мч. Кипријан Слепченски“. МАКЕДОНИЈА-БИБЛИСКА ЗЕМЈА. Посетено на 25 јануари 2022.
  3. „На канонизацијата, првпат ќе бидат изложени моштите на Кипријан Слепчански“. МАКЕДОНИЈА-БИБЛИСКА ЗЕМЈА. Посетено на 25 јануари 2022.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]