Ребека (роман)
Прво издание | |
Автор | Дафне ди Морие |
---|---|
Земја | Обединето Кралство |
Јазик | англиски |
Жанр | криминалистика, готика, мистерија, романтика |
Издавач | Victor Gollancz Ltd |
Издадена | 5 август 1938[1] |
Ребека (англ. Rebecca) ― роман од англиската писателка Дафне ди Морие објавен во 1938 година. Во романот една млада неименувана жена се мажи за богат вдовец, но потоа открива дека тој и неговиот замок се прогонувани од сеќавањето на неговата почината прва сопруга, Ребека.
Романот е бестселер кој никогаш не престанал да се публикува. Ребека бил продаден во 2,8 милиони примероци во периодот од неговото прво објавување во 1938 до 1965 година. Многупати бил адаптиран како театарска претстава и филм, вклучувајќи ги: драмата од 1939 година во режија на самата ду Морие, филмот Ребека (1940) во режија на Алфред Хичкок кој ја освоил наградата Оскар за најдобар филм и римејкот од 2020 година во режија на Бен Витли за Нетфликс. Исто така има и успешен мјузикл.
Романот е запаметен [2] по ликот г-ѓа Денверс, замокот Мандерли во Вест Кантри, и неговата прва реченица : „Синоќа сонував дека повторно бев во замокот Мандерли…“.
Содржина
[уреди | уреди извор]Додека работи како придружник на богата Американка на одмор во Монте Карло, неименуваниот наратор, наивна млада жена во раните 20-ти, се запознава со богатиот Англичанец Максим де Винтер, 42-годишен вдовец. По двонеделното додворување таа се согласува да се омажи за него и по свадбата и медениот месец заедно заминуваат во неговиот дворец во Корнвол, прекрасниот замок Мандерли.
Г-ѓа Денверс, злобна куќна помошничка, била многу приврзана за првата г-ѓа де Винтер, Ребека, која загинала во несреќа при едрење отприлика една година пред да се запознаат Максим и втората г-ѓа де Винтер. Таа постојано се обидува психолошки да го поткопа нараторот, суптилно укажувајќи ѝ дека никогаш нема да ја достигне убавината, градските манири и шармот кои ги поседувала Ребека. Секогаш кога раскажувачот се обидува да направи промени во Мандерли, г-ѓа Денверс и вели дека тоа биле работи на Ребека додека била жива. Заплашена од г-ѓа Данверс и почитта на другите членови на домаќинството кон Ребека, раскажувачот се изолира.
Раскажувачот смета дека Максим жали за неговата одлука да се ожени со неа и дека сè уште е длабоко вљубен во навидум совршената Ребека. Во обид да му угоди, таа со помош на г-ѓа Денверс повторно организира бал под костими во Мандерли, традиција што ја започнала Ребека. На предлог од г-ѓа Денверс, раскажувачот носи реплика на фустан прикажан на портрет на еден од поранешните жители на куќата, не знаејќи дека Ребека го носела истиот костим непосредно пред нејзината смрт. Кога раскажувачот влегува во салата и Максим го гледа фустанот, тој налутено ѝ наредува да се пресоблече.
Веднаш по балот, г-ѓа Данверс ѝ вели на раскажувачката дека ја презира, затоа што смета дека се обидува да ја замени Ребека и истовремено ја открива нејзината длабока, нездрава опсесија со мртвата жена. Г-ѓа Денверс се обидува да ја натера г-ѓа де Винтер да се самоубие поттикнувајќи ја да скокне од прозорецот. Но, пред да скокне таа е прекината од звуци предизвикани од бродолом во близина. Еден нуркач кој го истражува трупот од уништениот брод, ги открива и остатоците од едрилицата на Ребека, а нејзиното распаднато тело сè уште било на бродот, и покрај тоа што Максим идентификувал друго тело исфрлилено на брегот како Ребека кратко време по нејзината смрт.
По откривањето на телото, Максим ѝ признава на г-ѓа де Винтер дека неговиот брак со Ребека бил лажен. Ребека, открива Максим, била сурова и себична жена која ги манипулирала сите околу неа да веруваат дека е совршена сопруга и пример на доблест. Вечерта кога починала, таа му кажала на Максим дека е бремена со дете од друг маж, кое ќе го одгледа велејќи дека е од Максим, а тој ќе биде немоќен да ја спречи. Во бес Максим пукал и ја убил. Потоа нејзиното тело го ставил во нејзиниот чамец и го потонал во морето. На раскажувачот му олеснува кога слуша дека Максим отсекогаш ја сакал неа, а никогаш не ја сакал Ребека.
Бродот на Ребека е подигнат и се открива дека е намерно потопен. Истрагата заклучува дека се работи за самоубиство. Но, првиот братучед и љубовник на Ребека, Џек Фавел, се обидува да го уценува Максим, тврдејќи дека има доказ дека таа немала намера да се самоубие врз основа на белешката што му ја испратила ноќта кога умрела. Се открива дека Ребека непосредно пред смртта имала состанок со лекар во Лондон, најверојатно за да ја потврди бременоста. Кога го пронаоѓаат докторот, тој открива дека Ребека имала рак и дека би умрела за неколку месеци. Понатаму, поради малформацијата на нејзината матка, таа не можела да забремени. Максим претпоставува дека Ребека, знаејќи дека ќе умре, го манипулирала за брзо да ја убие. Г-ѓа Денверс вика дека Ребека најмногу се плашела да умре во долготрајна смрт.
Максим има лошо претчувство и инсистира да вози во ноќта за да се врати во Мандерли. Но, пред да ја види куќата, од сјајот на хоризонтот и пепелта која ја пренесува ветерот станува јасно дека замокот е во пламен.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „REBECCA the eagerly awaited novel by Daphne du Maurier COMING THIS FRIDAY“. Daily News (London). 2 August 1938. стр. 9.
- ↑ Charles L.P. Silet (22 June 2015). „Daphne DuMaurier's Rebecca“. The Strand Magazine.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Ребека Архивирано на 3 јуни 2023 г. во Британската библиотека
- Ребека (роман) на Семрежната филмска база на податоци (англиски)
- „Ребека“ (9 декември 1938) во „Кембел театар“, со Орсон Велс и Маргарет Салаван (Универзитет во Индијана, Блумингтон)
|