Ранци
Ранци | |
Шифра во ЕЛСТАТ | 1403020201 |
Ранци — село во Кајларско, Егејска Македонија, Република Грција.
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]Селото Ранци е чисто македонско село, кое денеска се наоѓа на грчка територија, на 20км. од градот Кајлари (Птолемаида), во југозападните падини на Каракамен, со надморска височина од 1057 метри. Селото е расположено на еден широк карпест рид,со вкупна површина на селското подрачје од 68 квадратни километри.
Постоењето на селото Ранци, според некои пишани документи од османлискиот период,се среќава уште од XV век. Во политичките и географските карти на завојувачите селото е запишано со различни туѓи имиња. Сепак, жителите на селото успеале да го сочуваат и пренесат на своите поколенија домашното име, дадено од првите предци, основачи на селото Ранци,а заедно со тоа, да ги пренесат народните преданија за неговиот постанок и вековен останок на ранчанскиот род. Од тука и денеска, во секојдневниот говор, не само месното население во селото туку и пошироко, во кајљарското подрачје,селото е именувано со Ранци,а неговите жители-Ранчани. Еден од најкарактеристичните белези на селото е неговиот прекрасен анфитеатрален изглед, поради што прилега на мала паланка.Карактеристичен белег е и земјиштето врз кое се простира атарот на селото-тоа е ридесто-планинско земјиште,разделено на многубројни пространи висорамнини и зарамнини, појаси на шуми, тревни површини погодни за пасишта, но и оплеменето со обилно водно богатство, со подземен истек на Каракамен Планина. Покрај природните богатства, планинската област на Каракамен Планина предначела и со стратегиската положба. Во прилог на ова говори и фактот на нејзината населеност уште од античко време. Каракамен Планина всушност ја претставува источната граница на античката населба Еордеа, формирана со старомакедонското племе Еордајци или Аргеади,при нивното продирање од Горна кон Долна Македонија. Интересен е и податокот дека низ неа поминувал и патот кој од Пелагонија (Битола) и Линкестида (Охрид) водел за Елимеја (најстаро седиште на македонските племиња) и Тесалија, како и римската Вија Егнација која од Линкестида (Охрид) се движела по северниот дел на Еордеја во правец на Едеса (Воден) и Тесалоники (Солун).Се’ до римскиот период, под Еордеја се подразбирала племенска територија односно комплекс од населби обединети со заедничка организација и управа. Историските траги на Еордеја и’ се губат уште во византискиот период, така што во периодот на словенската колонизација на Балканскиот Полуостров, поточно на Македонија, која тогаш била под византиска власт, таа станува составен дел на македонската Склавинија - Драговитија, која се простирала западно од Солун се’ до Бер. Со паѓањето на Македонија под турска власт Еордеја станува чисто турска населба, позната под името Кајљари. Во 1820 г. Ранци е чифлик на Али Паша Јанински. Во 1822год., за време на Негушкото востание,селото е до темел изгорено од Османлиите,а месното население многу настрадало. Со потпаѓање на дел од Македонија под грчка власт, Кајљари и понатаму го задржува статусот на седиште на околија и административен центар, познат под името Птолемаида. Областа Еордеја, археолошки е малку истражена, но постојните археолошки наоѓалишта со антички остатоци покажуваат дека во таа област постоеле помали или поголеми населби, по левата страна на патот Кожани-Бер. Во овој простор се наоѓа и населбата Ранци што не’ упатува на претпоставка дека под земјиштето врз кое се простира неговото подрачје, лежат остатоци од некогашна античка населба. На таква претпоставка не упатуваат и микротопонимите што означуваат населби од некогашни градби, како и легендите за името и постанокот на селото. Најголем доказ за постоење на археолошки докази е тврдењето на месното население дека на нив се наидувало речиси секојдневно додека се обработувало земјиштето, особено во наоѓалиштата Градишче,Новоградишче и Грамуради.Посебно најубедлив доказ за постоење на остатоци од некогашна античка градба, според месното население биле остатоците од некогашни гробишта (надгробни плочи, коски од човечки костури, златници) на кои наидувале при обработка на земјиштето, во непосредна близина на локалитето Градишче, поради што и месноста со овие гробни остатоци ја нарекувале грубувајче (вадење на гробови). Овие податоци ги потврдува и тогашниот селски учител. Што се однесува до остстоците од другите населби на просторот на селото Ранци, грчката власт веднаш по нејзиното воспоставување се погрижи да ги отстрани. Така на пр. ги урна и ги збриша сите споменици од османлискиот период, џамијата, кулата, конаците, турските гробишта, откако го отстрани турското (муслиманското) население што живеело во селото. Меѓутоа задолжителната размена-како што беше наречена Лозанската конференција, која и’ ја наметна Турција на Грцијана 24 јули 1924 г., а со која се предвидуваше принудно иселување на сите муслимани од Грција во Турција, како и на сите христијани од Турција во Грција, не ги даде очекуваните резултати за грчката држава: промена на етничкиот состав на селото, како еден од методите за денационализација и асимилација на македонското население.Напротив, таквата мерка уште повеќе ја зацврсти македонската етничка заедница како и пред пет века,пред колонизацијата на турското население на селото,кое, ранчанските жители а и целото македонско население ги нарекува Маџири, дојденци,бегалско население, а не грчко. Од податоците што ги дава грчката власт во своите статистики за составот на населението во селото, во ниеден случај не регистрира доселеничко население, а населението од селото го именува како “ендопско”, во смисла на тукашно, староседелско население. Грчката власт во рушевини ги претворила и спомениците на ранчанското население: црквите, манастирите, за да подигне повторно некои од нив, но се разбира , со грчки белези и писмо на нивниот влез. И покрај новото именување на црквите и манастирите, месното население и понатаму продолжува да ги именува со своите месни називи:”Ста Петка” (Св.Петка) наместо Агија Параскевија, “Сти Никола” (Св. Никола) наместо Агиос Николаос,”Ста Мина”(Св. Мина) наместо Агиос Минас. Старото именување го задржува и срушениот манастир “Сти Илија” (Св.Илија) како и месноста каде што бил изграден манастирот. Грчката власт им забранила да вршат богослужби во црквите што ги изградило месното население.За таа цел грчката држава во 1874 г. ја изградила црквата Агиос Анастасиос, во која месното население ги вршело богослужбите.Меѓутоа и овој црковен објект во живиот говор месното население го именувало како “црквата”,а не со грчкиот атрибут “агиос”,за да го разликува од останатите црковни објекти што самите ги изградиле пред да биде изградена оваа црква. Фактот за рушењето на сите материјални докази за населбите, посебно за македонските населби, сам за себе зборува за стравот што го чувствувала грчката власт од постоењето на историско-етнички траги на териториите што ги имаше приграбено.Паралелно со овој процес течеше и процесот за преименување на населените места што ги имаше озаконето уште од 1918 г. па се’ до 1970год. Со забраната на македонските имиња на населените места, се забрани и употребата на македонскиот јазик. Ако го земеме предвид кажувањето на еден голем мислител Спиридон Ламбрас “имињата на местата ја откриваат нивната скриена историја”,со други зборови, тие се извори за историјата на еден народ, јасна е намерата на грчката власт со донесувањето на вакви закони. За името и постанокот на селото Ранци сочувани се две преданија.Паралелно со името Ранци постоело и друго име од туѓо јазично потекло: Франци, Франкоч, Франкофча и др.Според преданијата населбата Ранци е формирана од родот ранчани и тоа во месноста Брза, во подножјето на планинскиот предел Шапкара,која се наоѓа на 4-5км. оддалеченост од денешната населба. Тоа било привремено престојувалиште каде се чувале ранетите од борбите за да се населат во месноста Градишче(име дадено од месното население). По неуспехот да се населат во постојната населба, се вратиле во месноста Брза и тука формирале своја населба.Подоцна и неа ја напуштиле за што говори второто предание. Тоа се случило за време на крстоносните војни, кога една единица од крстоносните војници, именувана од народот како Франци или Франки, во својот поход за Цариград,поминувале односно логорувале во месноста каде што е денешната населба.По нивното заминување, жителите од првобитната населба во месноста Брза, се населиле во напуштенета месност од Франците, бидејќи била по на југ и позаветна од видикот на минувачите, затоа што било време на војни и походи.Од тука произлегло и второто име на селото - Франци, како основачи на таа населба. Меѓутоа на ранчанското население не му сметало тоа име, бидејќи го содржело и името на нивното село Ранци. Подоцна кога Османлиите ги зазеле овие преостори, нивната населба ја нарекле Франкоч, а грците ја изговарале како Франгоци. Ранчани својата прва населба ја нарекувале Новоградишче, за да ја разликуваат од постојната-Градишче. Семантичкото значење на името Ранци,народниот етимолог го доведува во врска со раното доселување на првите доселеници (рано-ранци како што вели), во споредба на подоцнежното доселување на други доселеници. Според грчката легенда, денешното село Ранци е изградено врз урнатините на стариот антички град Франгосија (од времето на Александар Македонски), од каде го добило и името Франгоци.Контрадикторноста на оваа легенда е воочлива уште на прв поглед. Името Франг не е ниту грчко, ниту старомакедонско, туку германско, односно името Франг означува човек од германско племе, кој ја освоил Франција.Подоцна ова име се употребува за човек-тугинец, од западна Европа, Европеец, небалканец.Можеби има врска и со крстоносните војници-Франките. Најпосле, ако името на селото Франгосија(Ранци), беше од грчко потекло, тогаш грчката власт не ќе имаше потреба тоа “грчко” име да го замени со ново-“Ермаќа”, особено затоа што зборот “еримос” во превод значи “пусто”-израз кој најчесто се употребува како апелатив за клетва (пустелија да фатиш). Законскиот акт со кој селото се преименува беше донесен на 20 јануари 1927год.Интересен е и податокот дека при преименувањето на селото имало вистинска караница.Жителите на селото не сакале да го сменат името Ранци и дека името Франгоци е само грчки изговор. Државниот службеник тврдел дека името на селото е грчко и дека е добиено по некој роднина на Александар Македонски Франгосија. Тогаш најстариот од жителите, кмет на селото, рекол “па нели и ние сме потомци на Александар Македонски?”.Во тој момент државниот службеник толку многу се изнервирал што почнал да вика “охи македонас”(не е Македонец), ”Алехандрос мегалос”(Александар Велики), “вие сте без корен, пусто да остане вашето село и вашето варварско племе,затоа вашето село ќе се вика Ермаќа”.Се добило впечаток дека ова име баш во тој момент му паднало на памет на државниот службеник. Вистинитоста на кажувањата на жителите на селото Ранци се потврдуваат и со фактот што грчкото Министерство за внатрешни работи во 1926 г. издава “Упатство за преименување на општините и населбите кои имаат турско или словенско потекло”. Покрај сите закони донесени со цел да се изврши притисок на населението да се откажат од својот национален идентитиет и својот јазик, не успеале. Напротив,чувството дека тие не се ни грци,ни срби, ни бугари, туку Македонци со свој јазик, култура, традиција, сè повеќе се зацврстувал и се пренесувал на своите потомци. Жителите на селото Ранци учествувале во сите војни кои ги водела Грција, секогаш како лојални граѓани,надевајќи се дека по завршувањето на истите, ќе ги остварат своите основни човекови права.За жал тоа не успеале да го остварат ни со Балканските војни, ни со I и II светска војна,ниту со граѓанската војна 1948-49 г. Сите тие војни придонеле Грција да ја оствари својата цел: денационализација,асимилација, а за оние непокорните-масовно иселување од родното место, забрана за повторно враќање и одземање на нивните имоти.Се разбира, за ова Грција беше силно помогната од Големите Сили. Денеска повеќе од две третини од жителите на селото Ранци се раселени низ целиот свет, не земајќи ги предвид жртвите дадени во војните. Овие неколку реда ги пишувам исклучиво со цел да не се заборави дека селото Ранци е старо македонско село, во кое живееле Македонци со свој македонски јазик, култура, обичаи и традиција. Тоа го потврдувам и со фактот дека ниту мојата прабаба, ниту мојата баба, не го зборуваше ни грчкиот, ни бугарскиот, ни српскиот јазик, туку македонскиот со специфичности и дијалект на ранчанскиот крај. Посебно сакам да искажам пофалба и благодарност на авторот на книгата ”Ономастичка разгледница на селото Ранци (Кајљарско)” Елица Георгиевска-Тошевска, која многу студиозно и научно пристапила при обработката на постанокот и опстанокот на селото, притоа користејќи писмени и научни трудови од многу автори, домашни и странски,како и искажувања на најстарите жители од селото, од чија книга и јас користев голем дел од презентираните податоци. Исто така сакам да истакнам дека дел од нејзините искажувања (преданија, легенди) запишани во книгава, во потполност се сложуваат со тоа што ми го раскажуваше мојата баба и мојата мајка. На крајот сакам да им порачам на моите потомци и на сите оние кои по некоја линија влечат потекло од старото македонско село Ранци, да го сочуваат од заборав споменот за селото, за достоинствениот, горд и трудољубив ранчански род и да претставуваат вечна стража на македонското име и родот што остана во нивната родна земја, таткова, од која беа присилно прогонети.
Стопанство
[уреди | уреди извор]Демографија
[уреди | уреди извор]Селото Ранци е чисто македонско село, кое денеска се наоѓа на грчка територија.
Општествени установи
[уреди | уреди извор]Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]- Цркви и манастири
- Црква Св. Атанасиј од 1874 г.
Редовни настани
[уреди | уреди извор]Личности
[уреди | уреди извор]- Марко Антонов (10 јули 1872 - ?) — просветен деец;[1] и работел како бугарски учител во Воден[2]
- Методија Тошевски (1941 – 2015 ) — економист и писател;
- Филип Ташев (1886 - ?) — македонско-одрински добровец;[3]
- Ѓорѓе Васиќ (Џина Папас Џокси) — македонски музичар и водител (мајка му е од Ранци);
Култура и спорт
[уреди | уреди извор]Иселеништво
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Кандиларовъ, Георги Ст (1930). Българскитѣ гимназии и основни училища въ Солунъ (по случай на 50-годишнината на солунскитѣ български гимназии). София: Македонски Наученъ Институтъ, печатница П. Глушковъ. стр. 110.
- ↑ Каратанасов, Златко. Черковно-училищната борба (1868 - 1903), Материяли из миналото на Костурско, Костурско благотворително братство, София, 1935, стр. 25.
- ↑ „Македоно-одринското опълчение 1912-1913 г. Личен състав“, Главно управление на архивите, 2006, стр.545.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]
|