Прејди на содржината

РЕК „Битола“

Координати: 41°03′50″N 21°29′39″E / 41.06389° СГШ; 21.49417° ИГД / 41.06389; 21.49417
Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од РЕК Битола)
Поглед на РЕК „Битола“

Рударско-енергетски комбинат „Битола“ (скратено РЕК „Битола“) — најголема подружница во составот на АД Електрани на Македонија и се наоѓа на периферијата на Пелагонија, во близина на градот Битола. Комбинатот, чија основна дејност е производство на електрична енергија и јаглен, е најголем во системот на македонското електростопанство. Комбинатот е составен од единиците ПЕ Рудници, односно рудникот „Суводол“ и рудникот „Брод-Гнеотино“, и ПЕ Термоелектрана, односно ТЕЦ „Битола“.[1]

Историја

[уреди | уреди извор]

Производството во комбинатот започнало во 1980 година со ископ на јаловина од првиот БТО-систем (багер, трака, одлагач), а првите киловат-часови електрична енергија биле произведени во 1982 година кога во работа бил пуштен првиот од трите блока на електраната. Производството го овозможуваат три блока чија моќност со реконструкцијата во 1994 година е зголемена за дополнителни 15 мегавати по блок или за вкупно 45 мегавати. По 2010 година, сите три агрегати биле осовременети и моќноста била подигната на 233 мегавати по агрегат, па вкупната моќност на РЕК „Битола“ денес изнесува 700 мегавати.[2]

Во 2007 година, во употреба бил пуштен главниот превозен систем за јаглен во должина од 10 км од рудникот „Брод-Гнеотино“ до рудникот „Суводол“ со превозен капацитет од 3.800 т/ч.[3]

Во периодот 2011-2012 година, ЕЛЕМ во соработка со надворешен советодавец изработиле студија за изградба на постројка за десулфурисзација. Студијата ја обработува технологијата за десулфурисзација позната како „влажна постапка“. Сепак, поради високата цена на обработуваната технологија и појавата на нови технологии, ЕЛЕМ во соработка со словенечкото препријатие „Рудис“ во 2016 година изработиле нова студија на изводливост којашто опфатила параметри кои се однесуваат на исплатливоста на постапката за намалување на SOx и прашина, како и оценка за влијанието на сите штетни материи од производствениот процес.[2]

Организација

[уреди | уреди извор]

ТЕЦ „Битола“

[уреди | уреди извор]

Термоелектричната централа „Битола“ се наоѓа на периферијата на Пелагонија, околу 12 км источно од Битола и околу 15 км северно од границата со Грција. Централата располага со три агрегати чијашто збирна моќност изнесува 700 мегавати. Сиот овој потенцијал му овозможува на комбинатот учество од над 70% во вкупното производство на електрична енергија во електроенергетскиот систем на Македонија.[2]

Во периодот 2011-2012 година била изработена студија за изградба на постројка за десулфурисзација. Студијата ја обработува технологијата за десулфурисзација позната како „влажна постапка“. Сепак, поради високите трошоци за изработка

Рудник „Суводол“

[уреди | уреди извор]

Рудникот за јаглен „Суводол“ започнал со работа во 1977 година на површина од околу 9 км2.[4] Продуктивната јагленосна образба е поделена на подински јагленосен комплекс и продуктивен јагленов слој. Според квалитативните параметри, јагленовата материја во наоѓалиштето ги поседува својствата на меките кафеави јаглени — лигнити. Вкупните геолошки резерви на јаглен во наоѓалиштето Суводол изнесуваат 224.000.000 т јаглен, од кои 144.000.000 т му припаѓаат на главниот јагленов слој којшто постојано се исцрпува, а 80.000.000 тони отпаѓаат на подинскиот јагленосен комплекс.[5]

Рудник „Брод-Гнеотино“

[уреди | уреди извор]

Рудникот за јаглен „Брод-Гнеотино“ бил отворен во 2009 година.[1] Неговите резерви коишто се предмет за исцрпување изнесуваат 34.000.000 т, а определениот капацитет на рудникот изнесува 2.000.000 т годишно. Откопувањето на јаловината се врши со примена на постојаната технологија на БТО-системи, а откопувањето на јагленот и меѓуслојната јаловина се врши со примена на непостојаната технологија на кружна механизација.[6]

Галерија

[уреди | уреди извор]
  1. 1,0 1,1 РЕК Битола“. ЕСМ.
  2. 2,0 2,1 2,2 ТЕ Битола“. ЕСМ.
  3. Пуштен во употреба главниот транспортен систем за јаглен од рудникот „Брод – Гнеотино“ до рудникот “Суводол”“. ЕСМ. 21 јули 2012.
  4. Енергетика Архивирано на 2 декември 2021 г.“. Стопанска комора на Македонија.
  5. Андреевски, Б. (1995). „Јаглени. Генетски и квалитативни одлики, наоѓалишта на јаглен и заштита на животната средина“, РГФ, Штип.
  6. Подинска јагленова серија“. ЕСМ.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]

41°03′50″N 21°29′39″E / 41.06389° СГШ; 21.49417° ИГД / 41.06389; 21.49417