Премин (астрономија)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Премин на Месечината преку Сонцето од леталото СТЕРЕО. Месечината делува многу помала отколку што би изгледала ако се гледа од Земјата бидејќи леталото е неколкупати подалеку од Месечината.

Премин или транзит — појава во астрономијата каде едно небесно тело преминува преку друго и малку го затскрива од гледиштето на набљудувачот.

Дефиниција[уреди | уреди извор]

Ија како преминува преку Јупитер гледана од Земјата во февруари 2009 г. (симулација).

Поимот „премин“ се однесува на случаите каде поблиското тело делува значително помало од подалечното. Случаите каде поблиското тело изгледа поголемо и целосно го затскрива подалечното се нарекуваат затскривања (окултации).

Еден пример за премин е движењето на една планета помеѓу земскиот набљудувач и Сонцето. Ова се случува само кај повнатрешните планети, т.е. Меркур и Венера (поблиску до него). Гледајќи од подалечните планети како Марс може да се забележи истиот случај со самата Земја.

Диона како преминува преку Титан, гледана од Леталото „Касини“; во заднината, малата месечина Прометеј е затскриена од Сатурновите прстени.

Поимот може да се однесува и на движењето на една месечина преку нејзината планета, како да речеме една од галилеевските месечини (Ија, Европа, Ганимед, Калиста) преку Јупитер, гледано од Земјата.

За да има премин, потребно е да се порамнат три тела во една права линија. Во поретки случаи се порамнуваат четири тела. Последниот таков случај бил во 27 јуни 1586 г.

Во поново време, преминот преку ѕвезди игра важна улога во откривањето на нови планети. Првата планета откриена со премин преку нејзината ѕвезда е HD 209458b.

Взаемен планетарен премин[уреди | уреди извор]

Во ретки случаи, една планета преминува преку друга. Ако поблиската се јавува како помала од подалечната, појавата се нарекува взаемен планетарен премин.

Допири[уреди | уреди извор]

Меркур како преминува преку Сонцето, гледан од возилото „Љубопитност“ на Марс (3 јуни 2014 г.).[1]

Во текот на преминот има четири „допири“, кога работ на малата кружница (дискот на малото тело) ќе се допре со работ на големата кружница (дискот на големото тело) во една точка. Историски, утврдувањето на точното време на допирните точки бил најточен начин да се утврдат положбите на небесните тела. Допирите се случуваат во следниов редослед:

  • Прв допир — помалото тело е целосно вон поголемото, движејќи се навнатре („надворешно пристигање“)
  • Втор допир — помалото тело е целосно во рамките на поголемото, движејќи се уште повнатре („внатрешно пристигање“)
  • Трет допир — помалото тело е целосно во рамките на поголемото, движејќи се нанадвор („внатрешно заминување“)
  • Четврти допир — помалото тело е целосно вон поголемото, движејќи се нанадвор („надворешно заминување“)[2]

Петта допирна точка е онаа на најголем премин, кога привидните средишта на двете тела се најблиску, во средината на преминот.[2]

Забележителни набљудувања[уреди | уреди извор]

На 21 декември 2012 г. леталото „Касини–Хајгенс“ кружејќи околу Сатурн го забележало преминувањето на Венера преку Сонцето.[3]

На 3 јуни 2014 г. марсовското возило „Љубопитност“ го забележало преминот на Меркур преку Сонцето, што претставува прво набљудување на премин направено од вонземско небесно тело.[1]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Webster, Guy (10 јуни 2014). „Mercury Passes in Front of the Sun, as Seen From Mars“. NASA. http://www.jpl.nasa.gov/news/news.php?release=2014-183. посет. 10 јуни 2014 г. 
  2. 2,0 2,1 „Transit of Venus – Safety“. University of Central Lancashire. архивирано од оригиналот на 25 септември 2006. https://web.archive.org/web/20060925140910/http://www.transit-of-venus.org.uk/safety.htm. посет. 21 септември 2006 г. 
  3. Cassini Spacecraft Tracks Venus Transit From Saturn, Space Coast Daily. Retrieved on 2016-02-08.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]