Портал:Уметност/Одбрана статија/септември, 2007

Од Википедија — слободната енциклопедија

Романтизмот е општокултурно, а според тоа и уметничко движење кое се јавува на крајот на XVIII век, а својата полна афирмација ја доживува во првите децении на XIX век. Раѓањето на романтизмот е условено од општествено-историските случувања. Романтизмот се јавува во време на големи општествени потреси и национални движења, во периодот на дотрајувањето и распаѓањето на феудалните општествени односи и зајакнувањето на граѓанството. Показатели на таа општествено-историска вознемиреност се значајните историски настани: Француската револуција во 1789, воздигнувањето на Наполеон и неговите освојувања, победата на реакцијата, како и востанието на декабристите во Русија во 1825.

Овие општествени потреси влијаеле и на животниот идеал. Оформувањето на новиот животен идеал се остварувало низ неколку фази: сентиментализмот и меланхолијата одговарале на расположението на буржоазијата во предреволуционерното време, песимизмот и малаксаноста ја зафаќа аристократијата по завршетокот на буржоаската револуција, а со падот на Наполеон, малаксаноста и разочарувањето добиваат општи размери.

Причинителите на разочарувањето и малаксаноста треба да се бараат во неусогласената граѓанска идеологија и граѓанската стварност. Имено, револуцијата не ги остварила прокламираните идеи - братство, еднаквост и слобода. Генерацијата на романтичарите не верува во усогласеноста на животот како што го предочил рационалистичкиот XVIII век. Тие се откажуваат од идеалот за главната власт на разумот и бараат утеха во емоциите и силниот индивидуализам.

Носител на романтичарското движење била граѓанската класа, па затоа во редовите на романтичарските создатели има голем број на племеници: Јозеф фон Ајхендорф (1788-1857), Џорџ Гордон Бајрон (1788-1824), Алфонс де Ламартин (1790-1869), Михаил Јурјевич Лермонтов (1814-1841), Алфред де Мисе (1810-1857), Александар Сергеевич Пушкин (1799-1837), Перси Биш Шели (1792-1822), Алфред де Вињи (1797-1863) и други.

Прочитајте повеќе...