Орце Николов (ансамбл)

Од Википедија — слободната енциклопедија
АНПО „Орце Николов“
Официјално лого.
Животописни податоци
ПотеклоСкопје, Македонија
ЖанровиМакедонска народна музика
Македонски ора
Период на активност1945 – денес
ИздавачиМакедонска радио-телевизија
ПГП-РТБ
Југотон
Мреж. местокон Facebook

Ансамблот за народни песни и ора „Орце Николов“, е културно-уметничко друштво основано во Скопје, 1945 година. Формирано е од Синдикатот на металските работници на аеродромот Скопје, со задача да ги афирмира македонските народни ора, песни, носии и обичаи.[1]

Историја[уреди | уреди извор]

При формирањето, било именувано како КУД „Металец“, но од 1948 година, го носи името на народниот херој од НОБ - Јордан (Орце) Николов. Уште од основањето, во неговиот состав работат музичка, играорна, драмска, рецитаторска и пејачка секција и голем мешан хор под диригентството на Илија Николовски - Луј и Ѓорѓи Димчевски. Поголем број од тие хористи подоцна стануваат членови на Скопската опера. Друштвото, веќе над 75 години е врвен репрезент на македонското народно творештво.[2] Со играта, песната, изворноста и светлината на македонскиот фолклор, се претставило на повеќе од 6,700 концерти одржани пред милионски аудиториуми во земјата и странство, и секаде предизвикувајќи воодушевување кај присутната публика, за што сведочат повеќе од 400-тини добиени награди и признанија на сите континенти. До досегашната дејност во него членувале над 10,000 членови, што ги следеле над 10,000,000 гледачи, а уште десетици милиони гледачи ги следеле настапите на телевизиските канали, како и во САД, Русија, Канада, Бразил, Куба, Северна Кореја, Англија, Белгија, Франција, Холандија, Швајцарија, Шпанија, Германија, Италија, Чешка, Словачка, Полска, Португалија, Романија, Кипар, Турција, Словенија, Хрватска, Црна Гора, Бугарија, Босна и Херцеговина.[3]

Културно влијание[уреди | уреди извор]

Ансамблот „Орце Николов“ во својот фундус има повеќе од 680 народни носии. За да ја приближи вистинската вредност и убавина на народната носија до современата публика, неопходно е да се користат современи форми за нивна презентација. За публиката во земјата и странство реализирани се голем број на ревии, работилници во кои, покрај другото, македонската носија е прикажана од естетски, етнолошки и географски аспект. Се наведува од Ансамблот:[4]

„Ако фолклорот е синтеза на културата на еден народ низ вековите, тогаш неговата современа презентација претставува момент на соочување со самите себе и со целиот свет. “Фолклорниот допир“ нашите сограѓани и во оваа пригода, на јубилејното, 40-то издание на “Скопско лето“, уште еднаш ќе имаат можност да го почувствуваат преку ревијалниот приказ на раскошот на македонските народни носии“.

Следејќи ги светските тенденции и искуства на фолклорот, Ансамблот „Орце Николов“ ги применува новите методи во изучувањето, обучувањето и зачувувањето на изворноста и автентичноста на фолклорното творештво применувајќи современ сценски приказ во презентацијата.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „1“. Архивирано од изворникот на 2020-10-09. Посетено на 2020-10-04.
  2. „2“. Архивирано од изворникот на 2020-10-09. Посетено на 2020-10-04.
  3. „3“. Архивирано од изворникот на 2020-10-30. Посетено на 2020-10-04.
  4. „4“. Архивирано од изворникот на 2020-10-30. Посетено на 2020-10-04.