Органско соединение
Органски соединенија се оние кои во својот состав содржат јаглерод (освен некои оксиди на јаглеродот, кои се неоргански соединенија, како и јаглеродната киселина). Органските соединенија се многубројни како резултат на појавата на изомерија во органските молекули. Обично секое органско соединение содржи еден карактеристичен негов дел во својата молекула по кое тоа се разликува од останатите органски соединенија. Тој дел од органската молекула се нарекува функционална група.
Органските соединенија, освен по видот на функционалната група, се делат и според видот на хетероатом кој е застапен во молекулата. На тој начин, постојат најразлични органски соединенија.
Начини на класификација
[уреди | уреди извор]Поради полесно изучување на органските соединенија, тие се поделени на класи. Притоа, класификацијата може да се врши на најразлични начини, па затоа едно исто соединение може да припаѓа на повеќе различни класи. Најчесто, класификацијата на органските соединенија се заснова врз составот, структурата и хемиското однесување.
Според составот, органските соединенија се поделени на:
- Јаглеводороди — содржат само јаглерод и водород
- Кислородни органски соединенија — покрај C и H, содржат и O
- Азотни органски соединенија — покрај C и H, содржат и N, а некои и O
- Сулфурни органски соединенија — покрај C и H, содржат и S, а може да содржат и O или N.
Според структурата на јаглеродната низа, има:
- Ациклични — во нив јаглеродните атоми се поврзани во отворена низа
- Циклични — во нив јаглеродните атоми се поврзани во затворена низа (прстен). Според тоа дали прстенот е изграден само од јаглеродни атоми или, пак, содржи и некој друг вид атоми, цикличните органски соединенија се делат на:
- Карбоциклични — составени само од јаглерод
- Хетероциклични — освен јаглерод, содржат и некој друг атом
- Според структурните одлики што влијаат на хемиското однесување, цикличните соединенија се делат и на:
- Алициклични
- Ароматични.
Според функционалната група, има:
- Единечна врска - алкани (заситени јаглеводороди)
- Двојна врска — алкени, диени, циклоалкени итн.
- Тројна врска — алкини, циклоалкини
- Хидроксилна група — алкохоли, феноли
- Карбонилна група — кетони
- Алдехидна група — алдехиди
- Карбоксилна група — карбоксилни киселини
- Аминогрупа — амини, аминокиселини, амиди.
|