Прејди на содржината

Махајана

Од Википедија — слободната енциклопедија

Махајана (санскрит: महायान mahāyāna - „големо возило“) е една од двете будистички школи (другата е теравада). Нејзината традиција, денес е поголема во споредба со онаа на теравада. Според учењата на оваа традиција, „махајана“, исто така, го означува патот на барањето на целосно просветлување за користа на сите свесни суштества, познат и како „бодисатвајана“ или „возило бодисатва“.[1][2] Се состои од два дела: сутра и тантра.

Историски, махајанскиот будизам од Индија се проширил во другите азиски земји како Кина, Кореја, Тајван, Виетнам, Јапонија и други земји, а познати облици се Чиста земја и Зен. Бројот на придржувачи кон махајана, на крајот на 20 век изнесувал околу 600 милиони.

Етимилогија

[уреди | уреди извор]

Како што пишува Јан Натје, поимот „махајана“ (во превод „големо возило“) за првпат бил употребен како почесен синоним за „бодисатвајана“ („возило бодисатва“)[3] Според тоа, поимот „махајана“ се јавува како синоним за патот и учењата на бодисатвите. Во врска со тоа, оваа особина претставува основа во махајаната и претставува значајна преломна точка во развојот на оваа традиција.[3]

Најраните текстови за махајаната го содржат поимот „махајана“, употребен како синоним за „бодисатвајана“, но затоа поимот „хинајана“ е споредбено редок во најраните извори. Претпоставената дихотомија меѓу „махајана“ и „хинајана“ може да биде лажна, бидејќи обата поима не биле создадени во однос еден кон друг во ист временски период.[4]

Историја

[уреди | уреди извор]

Времето на настанокот на махајана е меѓу 1 век п.н.е. и 1 век од новата ера.[5]. Махајана, како нов пат, се разликува од постариот огранок, кој се состоел од повеќе школи (теравада, сарвастивада итн.), кои махајанистите збирно го опишале како хинајана или „мало возило“ на спасението. Ова значело дека хинајанските школи изложуваат пат на спасението, кој не е универзален по својата цел и опсег.

Во рамките на махајана во 2. век, се развила школата мадјамика, која со својата доктрина на празнината (шуњата) ја основал филозофот Нагарџуна. По мадјамика, се појавила уште една нова школа, јогакара, основана од Асанга и Васубанду во 4. век и која со вежбањето на јога го создала патот кон поживото исполнување на махајана со хиндуизмот. Крајниот степен од развојот на махајна настанал со усвојувањето на мноштво небудистички елементи (мантри, симболи и култни и пракси), коешто започнало во 8. век и се нарекувало „мантрајана“, а подоцна „ваѓрајана“ или „тантра“. Ова учење, познато и како тантриски будизам, имало свој пандан во тантрискиот хиндуизам[5]

Махајанската школа се проширила на северозападот на Индија, во подрачјето кое било под влијание на хеленистичката култура. Тоа, исто така, во 1. век се проширило и на север, во средна Азија, од каде што во 2. век и во Кина. Преку Маниевото учење, овој облик на будизам извршил влијание на христијанството, а особено на неговите гностички струења.[5] Со тек на време, махајана станала преовладувачки облик на будизмот во Индија, а денес се практикува и во Кина, Кореја, Тајван, Виетнам и Јапонија, во кои има развиено нови облици преку Чиста земја и Зен.

Обележја

[уреди | уреди извор]
Махајанска тријада: бодисатва Маитреја, Буда и бодисатва Авалокитешвара; 2—3 век, Гандара.

Едно од обележјата на махајана е истакнувањето на сомилоста повеќе отколку во хинајанската школа, која се одликува со нагласување на мудроста. Следно обележје е истакнувањето на бодисатва како идеал, кон кого сите треба да се стремат, наместо нагласувањето на архат во хинајана. Освен тоа, важно е да се напомене дека махајанскиот будизам, всушност, е будизам, помешан со локалните верувања, за разлика од изворниот хинајански будизам, кој претставува изворно учење на Буда. Тоа е доказ дека будизмот станал само дел од традиционалните религии на државите, во кои се раширил и придонел за нивниот развој. Исто така, во махајанскиот будизам, особено во кинескиот будизам, постои мноштво на локални ликови на Буда, па и богови на кои им е доделено тоа звање, додека во хинајанските будисти за Буда го признаваат само Гаутама Сидарта, а сите останати како обични ученици.Ова прилагодување на будизмот на локалните религии, оди во прилог на мислењето дека будизмот, всушност, е само филозофија, но не и религија.

Во склад со отворениот пристап на школата, од самиот почеток била изразена подготвеност за вклучување во интелектуалните расправи и употребата на заеднички јазик на индиските учени од тоа време (санскрит). Така, настанала верзија на санскритот со која се служеле будистите, наречена пракрит), која меѓу современите јазичари е позната како „хибриден санскрит“. Сеопфатноста на махајана се огледува и во подготвеноста да се усвојат нови идеи, од кои некои се изведени од народната религија, додека други, веројатно, отсликуваат сиилно грчо-римско влијание во северозападна Индија.[а][5].

Некои следбеници тврдат дека махајана е изопбличување на учењето на Буда. Меѓутоа, махајанисттие укажуваат на тоа дека Гаутама Буда ја прифатил промената како една од основните вистини и дека нивното толкување на будизмот не е поголемо изобличување на дармата, одошто е дабот изобличување на желадот.

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  • а Како пример може да се спомене поимот „праџнапарамита“ (санскрит: प्रज्ञापारमिता), со значење „совршеност на мудроста“.
  1. Keown, Damien (2003), A Dictionary of Buddhism: стр. 38
  2. "The Mahayana, 'Great Vehicle' or 'Great Carriage' (for carrying all beings to nirvana), is also, and perhaps more correctly and accurately, known as the Bodhisattvayana, the bodhisattva's vehicle." - Warder, A.K. (3rd edn. 1999). Indian Buddhism: стр. 338
  3. 3,0 3,1 Nattier, Jan (2003), A few good men: the Bodhisattva path according to the Inquiry of Ugra: стр. 174
  4. Nattier, Jan (2003), A few good men: the Bodhisattva path according to the Inquiry of Ugra: стр. 172
  5. 5,0 5,1 5,2 5,3 Trevor O. Ling, Rečnik budizma, Geopoetika, Beograd 1998.