Летен дворец во Пекинг

Координати: 39°59′51.00″N 116°16′8.04″E / 39.9975000° СГШ; 116.2689000° ИГД / 39.9975000; 116.2689000
Од Википедија — слободната енциклопедија
Летен дворец
светско наследство на УНЕСКО
Летниот дворец во Пекинг
МестоХаидиан, Пекинг, Кина
КритериумКултурно: i, ii, iii
Навод880
Запис1998 (XXII заседание)
Површина297 хектари
Преоден појас5,595 хектари
Координати39°59′51.00″N 116°16′8.04″E / 39.9975000° СГШ; 116.2689000° ИГД / 39.9975000; 116.2689000

Летен дворец — огромен комплекс од езера, градини и дворци во Пекинг. Тој бил императорска градина во династијата Чјинг. Во него главно преовладуваат „Ридот на долговечноста“ (万寿山;萬壽山) и езерото „Кунминг“. Се простира на површина од 2,9 км2, од кои три четвртини се вода.

Ридот на долговечноста е висок околу 60 м и има многу градби распоредени во низа. Однапред, ридот е богат со прекрасни сали и павилјони, додека одзади, во остра спротивност, е тивок со природна убавина. Езерото Кунминг, се наоѓа во средишниот дел и се простира на површина од 2,2 км2. Целосно е вештачко, а ископаната земја била искористена за изградба на Ридот на долговечноста.

Во декември 1998 година, УНЕСКО го вклучил Летниот дворец во својот Список на светско наследство. Летниот дворец е прогласен за „ремек-дело на кинескиот строеж на пределни градини. Природниот крајолик на ридови и вода се спојува со вештачки особености како што се павилјони, сали, дворци, храмови и мостови за да создаде строен склоп со исклучителна естетска вредност“.

Значајно во поновата историја, тој е, исто така, крајна точка на трасата на проектот за пренос на вода југ-север, со должина од 1.267 километри, од акумулацијата Данџјиангкоу, Хубеи, за снабдување со вода на Пекинг.

Историја[уреди | уреди извор]

Предчјинговски династии[уреди | уреди извор]

Потеклото на Летниот дворец потекнува од династијата Џјин на народот Џјурчен во 1153 година, кога четвртиот владетел, Ванјанг Лианг, (1150 — 1161), го преселил главниот град на династијата од Североисточна Кина (денешен Аченг, Харбин, Хеилонгџјанг) во Јанџјинг (денешен Пекинг). Тој наредил изградба на дворец на Мирисната Планина и ридот Извор на жадот во северозападниот дел на Пекинг.

Околу 1271 година, откако династијата Јуан го воспоставила својот главен град во Ханбалик (денешен Пекинг), инженерот Гуо Шоуџјинг покренал водоводен проект за насочување на водата од изворот во селото Баифу, Чангпинг до Западното Езеро, кое подоцна ќе стане езеро Кунмин. Целта на Гуо била да создаде резервоар за вода што ќе обезбеди стабилно снабдување со вода во дворецот.

Во 1494 година, императорот Хонгџи (1487 — 1505) од династијата Минг го изградил храмот Јуанџјинг за својата доилка Луо, пред ридот Џјар, кој подоцна бил преименуван во Рид на долговечноста. Со текот на годините, храмот се распаднал и бил напуштен, а областа околу ридот станала обрасната со вегетација. Императорот Џенгде (1505 — 1521), кој го наследил императорот Хонгџи, изградил дворец на брегот на Западното Езеро и ја претворил областа во императорска градина. Го преименувал ридот Џјар брдо во „Златен Рид“, а езерото го нарекол „Златно Море“. Императорите уживале и во возење со чамец по езерото. За време на владеењето на императорот Тианчји (1620 — 1627), еден дворски евнух ја презел императорската градина како своја лична сопственост.

Династија Чјинг[уреди | уреди извор]

Во раната династија Чјинг, ридот Џјар служел како место за коњушници на императорскиот дворец. Евнусите што направиле престап биле испраќани таму да чистат плевел и да ја косат тревата.

На почетокот на владеењето на императорот Чјианлонг (1735 — 1796), многу императорски градини биле изградени околу денешниот пекиншки округ Хаидиан, и соодветно на тоа, потрошувачката на вода неверојатно се зголемила. Во тоа време, најголемиот дел од водата складирана во Западното Езеро доаѓал од изворот на свежа вода на ридот Извор на жадот, додека дел доаѓал од реката Ванчјуан. Какво било нарушување на протокот на вода од ридот Извор на жадот би влијаело на преносот на вода и системите за водоснабдување во главниот град.

Околу 1749, императорот Чјианлонг одлучил да изгради дворец во близина на ридот Џјар и Западното Езеро за да го прослави својот 60-ти роденден на својата мајка, императорката вдовица. За да се подобри водоводниот систем на главниот град, тој наредил Западното Езеро да се прошири уште на запад за да се создадат уште две езера. Трите езера служеле не само како резервоар за императорските градини, туку и како извор на вода за околните земјоделски области. Императорот Чјианлонг со заедничко име ги нарекол трите езера „Езеро Кунминг“ по резервоарот Кунминг изграден од императорот Ву (141–187 пр. н. е.) од династијата Хан за да ја обучи својата морнарица. Земјата ископана со проширувањето на езерото Кунминг била искористена за да се зголеми ридот Џјар, кој бил преименуван во „Рид на Долговечноста“.

Строежот на Летниот дворец е заснован на предание од кинеската митологија за три божествени планини во Источното Море. Трите острови во езерото Кунминг биле изградени за да ги претставуваат трите планини, додека самото езеро се засновало на планот на Западното Езеро во Хангџоу. Покрај тоа, многу архитектонски елементи во дворецот исто така биле изградени за да личат или подражаваат различни занимливости низ Кина. Средишниот дел на Летниот дворец бил „Големиот храм на благодарноста и долговечноста“. Постоел и Долг ходник, долг повеќе од 700 метри, кој бил опремен со уметнички украси. Бидејќи дворецот не бил опремен со објекти за долгорочен престој и секојдневно управување со државните работи, императорот Чјианлонг речиси и не живеел таму и престојувал таму само при посети.

Како што Империјата Чјинг почнало да пропаѓа по владеењето на императорот Даогуанг (1820 — 1850), Летниот дворец постепено бил запоставуван и архитектонските особености на трите острови било наредени да се уништат, бидејќи трошоците за одржување биле огромни.

Во 1860 година, Французите и Британците го ограбиле Летниот дворец на крајот на Втората опиумска војна, а на 18 октомври 1860 година Британците ја запалиле блискиот Стар летен дворец. Уништувањето на дворецот било наредено од лордот Елгин, британскиот висок комесар за Кина, а било преземено како одговор на мачењето и убиството на двајца британски пратеници, новинари на Тајмс и нивната придружба. Уништувањето на големи делови од Летниот дворец продолжува да предизвикува бес во Кина.[1] [2] [3]

Помеѓу 1884-1895 година, за време на владеењето на императорот Гуангшјуи (1875 — 1908), императорката вдовицата Цишји наредила 22 милиони сребрени таели[4] првично наменети за унапредување на морнарицата да се искористат за реконструкција и проширување на Летниот дворец за да се прослави нејзиниот 60-ти роденден. Бидејќи средствата биле ограничени, градежните работи биле сосредоточени на зградите пред Ридот на долговечноста и браната околу езерото Кунминг. Летниот дворец, исто така, го добил своето сегашно кинеско име, „Yiheyuan“ во 1888 година.

Во 1900 година, пред крајот на Боксерското востание, Летниот дворец повторно претрпел штета кога силите на Алијансата на осумте народи ги уништиле императорските градини и заплениле многу артефакти сместени во дворецот. Дворецот бил повторно изграден две години подоцна.

Постчјинговска династија[уреди | уреди извор]

Во 1912 година, по абдикацијата на Пу Ји, последниот император, Летниот дворец станал приватна сопственост на поранешното императорско семејство на Империјата Чјинг. Две години подоцна, Летниот дворец бил отворен за јавноста. Во 1924 година, откако Пу Ји бил протеран од Забранетиот Град, општинската влада во Пекинг ја презела контролата врз Летниот дворец и го претворила во јавен парк.

По 1949 година, во Летниот дворец накратко било сместено Централното партиско училиште на Комунистичката партија на Кина. Таму живееле и многу пријатели на Мао Ѕедунг и клучни фигури во Комунистичката партија, како Лиу Јаѕи и Џјианг Чјинг. Од 1953 година, во Летниот дворец, кој сега е отворен за јавноста како туристичка занимливост и парк, биле извршени многу реставраторски и реновирање.

Во ноември 1998 година, УНЕСКО го прогласил Летниот дворец за светско наследство. Кон крајот на 2006 година, кинеската влада започнала дистрибуција на пригодни монети за прослава на Летниот дворец како културна реликвија на светот.

План на Летниот дворец околу 1888.

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. E. W. R. Lumby, "Lord Elgin and the Burning of the Summer Palace." History Today (July 1960) 10#7 pp 479-48.
  2. The palace of shame that makes China angry
  3. Ringmar, Erik (2013). Liberal Barbarism: The European Destruction of the Palace of the Emperor of China. New York: Palgrave Macmillan.
  4. Zhu, Weizheng (Apr 23, 2015). Rereading Modern Chinese History. BRILL. стр. 351.