Климент Заров (архитект)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Климент Заров
Роден 7 април 1929
Охрид, Кралство Југославија
Починал 10 април 2018
Охрид, Македонија
Националност Македонец
Познат по изградба на:
Хотел „Горица“
Хотел „Силекс“
Реставрација на „Св. Јован Канео“, Охрид
Занимање архитект

Климент Заров (роден на 7 април 1929 година во Охрид – починал на 10 април 2018 година во Охрид) — македонски архитект и урбанист.[1]Заров спаѓа во редот на најдобрите современи македонски архитекти. Во своето долгогодишно делување се занимавал со повеќе сегменти од архитектонската професија, минувајќи ги сите скалила за целосно оспособување во широката палета на архитектурата. Подолг период бил водечки планер и проектант во Институтот за урбанизам и архитектура во Охрид, каде што ги истакнал своите творечки и организациски способности.

Биографија[уреди | уреди извор]

Заров се школувал на Техничкиот факултет во Загреб и на Архитектонскиот факултет при универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје.

Својот работен век го почнал во 1963 година во Заводот за заштита на спомениците во Охрид, каде меѓу петмината вработени само тој бил архитект. Тогаш црквата „Св. Јован Канео“ била во очајна состојба. Заров работил на нејзината реставрација, по што црквата била обновена и станала бренд на македонскиот туризам. Во Заводот работел и на снимање на целиот простор на стариот дел на Охрид, врз основа на која професорот Чипан направил документација која претставувала база за понатамошната ревитализација на Самоиловата тврдина. Во 1964 година преминал во тогашниот Завод, подоцна Институт за урбанизам и архитектура на Охрид, каде работел како проектант, а во 1970 година станал и директор на Институтот.

Кон крајот на 60-тите години на охридското крајбрежје бил изграден само хотелот „Палас“. Заров и неговите соработници добиле задача да го проектираат хотелот „Горица“. Објектот бил пуштен во употреба на 2 август 1970 година и до ден денес е еден од најубавите хотелски комплекси во Македонија. За овој објект најпрвин ја добил Наградата за архитектура на град Охрид, а потоа и наградата „11 Октомври“. Додека работел во Институтот покрај хотелот „Горица“ ги проектирал и хотелите „Силекс“, „Св. Илија“, скоро сите одморалишта, работел на реконструкција на поштата и аеродромот во Охрид. Архитектурата на Заров го напавил Охрид современ град кој држи чекор со светот. Таа го отсликува неговиот став дека секоја епоха има своја архитектура.

За Климент Заров може да се каже и дека е основоположник на Летната школа за архитектура. Во 1971 година тој на професорот Живко Поповски му предложил да се отвори Летната школа во Охрид. Школата била финансирана од Институтот за урбанизам и архитектура на Охрид и била посетена не само од Скопскиот Архитектонски факултет, туку и од факултетите од цела тогашна СФРЈ, а ментори биле професорите од тие факултети. На студентите им биле давани задачи за Охрид. Целта била да се види како другите го гледаат градот. Школата се одржувала три години, а поради немање доволно средства таа замрела. Но за тие три години направени се многу проекти за Охрид кои денеска се чуваат во Архивот.

Последен проект на Заров бил конкурсот за Плаошник. По пензионирањето Климент Заров ја продолжил својата борба за квалитетна архитектура. Заминал во Скопје и до 2002 бил директор на Јавното претпријатие за просторно и урбанистичко планирање. Климент Заров додека е директор на ЈП за просторно и урбанистичко планирање бил и организатор на Конкурсот за социјални станови.

Дела[уреди | уреди извор]

Позначајни негови реализирани проекти се:

  • 1964 Реставрација на црквата „Св. Јован Канео“, Охрид
  • 1964 Станбен објект за поштата, Охрид
  • 1964 Станбени објекти во низа на ул. „Галичица“, Охрид
  • 1970 Хотел „Горица“, Охрид
  • 1972 Станбен блок (П+3+Пк) и станбена кула (П+9) на ул. „Партизанска“ во Охрид
  • 1978 Зградата на Институтот за урбанизам и архитектура на Охрид
  • 1979 Хотел „Св. Илија“ кај месноста Св. Стефан, Охрид
  • 1983 Хотел „Силекс“ во Охрид (со арх. Р. Наумовска)
  • 1985 Реконструкција на поштата во Охрид
  • 1990 Реконструкција на охридскиот аеродром
  • 1995 Станбени блокови (П+М+4+Пк) на ул. „Партизанска“ во Охрид (со арх. В. Снегар)
  • 1996 Две станбени кули (П+М+6+Пк) на ул. „Партизанска“ во Охрид (со арх. П. Манев)

Награди[уреди | уреди извор]

Климент Заров е добитник на повеќе награди за својот труд:

  • 1970 „11 Октомври“ – за хотел „Горица“, Охрид
  • 1971 Награда на Град Скопје, за урбанистичко творештво
  • 1972 Признание на Сојузот на урбанистите на Југославија „СУЈ“
  • 1985 Специјална награда на „БИМАС“ за хотел „Горица“
  • 2009 „Андреја Дамјанов“, награда за животно дело, доделена од од ААМ

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Заров“. Македонска енциклопедија , книга I (А-Љ): стр. 557. (2009). Скопје: МАНУ.