Кацушика Хокусај

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Кацушика Хокусај
葛飾 北斎
Hokusai portrait.png
Автопортрет од 1839 г.
Роден(а) Токитаро
時太郎

31 октомври 1760 (точниот датум е спорен)
Едо (денес Токио), Јапонија
Починал(а) 10 мај 1849(1849-05-10) (aged 88)
Едо (денес Токио), Јапонија
Националност Јапонец
Познат(а) по сликарство и дрвен печат „укијо-е
Значајни дела „Големиот бран кај Канагава“

Кацушика Хокусај (јапонски: 葛飾北斎; 31 октомври? 1760 - 10 мај 1849) — еден од најзначајните јапонски уметници во стилот укијо-е. Со неговата уметност тој развил интерес во Јапонија. Во неговите слики тој ги прикажувал секојдневните убавини на Јапонија.

Неговото дело влијаело на многу европски уметници, особено Гоген, Винсент Ван Гог, Клод Моне и Алфред Сисли, односно на уметничкото движење наречено јапонизам.

Најпознат е по неговата збирка на „Триесет и шест погледи на планината Фуџи“ (1829–32), каде е сместено и влијателното дело „Големиот бран кај Канагава“ кое извршило огромно влијание врз развојот на импресионизмот. Јапонскиот сликар зад себе оставил скоро 30.000 цртежи.

Биографија[уреди | уреди извор]

Младоста и ликовното образование[уреди | уреди извор]

„Големиот бран кај Канагава“ од збирката „Триесет и шест погледи на планината Фуџи“ (1829–32)

Датумот на раѓање на Хокусај не се знае, но често се наведува како 23-тиот ден од 9-тиот месец од десеттата година од ерата Хореки (во стариот календар, 31 октомври 1760 година). Се родил во занаетчиско семејство, во округот Едо, во Јапонија.[1] Во детството го нарекувале Токитаро.[2] Се верува дека татко му бил изработувач на огледала за шогунот а дека мајка му била конкубина.[1] Во други извори се тврди дека Накаџима Исе кој бил изработувач на огледала бил чичко му кој го посвоил Хокусај на тригодишна или четиригодишна возраст.[3] Хокусај почнал да слика на шестгодишна возраст, веројатно учејќи од неговиот татко (или чичко), чија работа на огледалата вклучувала сликање и дизајн околу огледалата.[1]

Ичикава Ебицо како светецот Монкаку преправен во бандит, 1791 принт на кабуки актер од Хокусај, потпишан под името „Шунро".

Хокусај во тек на животот бил познат по најмалку триесет имиња. Додека користењето на повеќе имиња била вообичаена практика на јапонските уметници од тоа време, бројот на неговите псевдоними е поголем од оној на кој било друг голем јапонски уметник. Промените на името на Хокусај се толку чести и толку често поврзани со промените во неговото уметничко творештво и стил, така што се користат за означување на периодите во неговиот живот.[1]

На 12-годишна возраст неговиот татко го испратил да работи во книжарница и во јавна библиотека, популарна институција во јапонските градови, каде што читањето книги на дрвени парчиња била популарна забава на средната и горната класа.[1]

Во школата Кацукава[уреди | уреди извор]

На 14 години, работел како чирак кај дрворезач, сè до 18-годишна возраст, кога почнал да оди во студиото на Кацукава Шуншо. Шуншо бил раководител на школата Кацукава и уметник на укијо-е, стил на сликање на дрвени блокови и сликарство што ќе го совлада Хокусај.[2] Укијо-e, како што го практикувале уметници како Шуншо, се фокусирал на сликање куртизани и кабуки актери, кои биле популарни во јапонските градови во тоа време.[1] По една година, Хокусај за прв пат го променил името, нарекувајќи се Кацукава Шунро. Под ова име ги објавил неговите први отпечатоци, серија слики на кабуки актери објавени во 1779 година. Во текот на деценијата работел во студиото на Шуншо. Хокусај се оженил со неговата прва сопруга, за која многу малку се знае, освен дека умрела во раните 1790-ти. Во 1797 повторно се оженил но и неговата втора сопруга умрела по кусо време. Со овие две жени добил два сина и три ќерки од кои најмладата Еи, позната и како Ои, со тек на времето станала сликарка.[1][4]

По смртта на Шуншо во 1793 година, Хокусај започнал да истражува други стилови на уметност, вклучувајќи ги и европските стилови преку француските и холандските бакарни гравури до кои можел да допре.[1] Наскоро, главниот ученик на Шуншо, Шунко, го избркал од школата Кацукава најверојатно поради учењето во ривалската школа Кано. [б 1][5] Хокусај, ја сменил и тематиката на неговите дела, оддалечувајќи се од сликите на куртизаните и актерите кои се традиционалните теми на укијо-е. Наместо тоа, неговото дело се фокусирало на пејзажи и слики од секојдневниот живот на јапонскиот народ од различни општествени нивоа. Оваа промена на темата била пробив во укијо-е и во кариерата на Хокусај.[1]

Хокусај, од серијалот за Едо
Од Брзи лекции во поедноставен цртеж, Хокусај, 1823

Во школата Тавараја и како независен уметник[уреди | уреди извор]

Во наредниот период Хокусај бил поврзан со пколата Тавараја и го усвоил името Тавараја Сори. Во тој период изработил многу слики со четка, наречени суримоно и илустрации за кјока ехон (илустрирана книга на хумористични песни). Во 1798 година, Хокусај своето име го пренел на негов ученик и за прв пат почнал да твори како независен уметник, без да се поврзува со некаква школа, прифаќајќи го името Хокусај Томиса.

До 1800 година, Хокусај го развивал користењето на укијо-е за поинакви цели од портретирање. Тој, исто така, го усвоил името по кое најмногу ќе биде познат, Кацушика Хокусај, поранешно име кое се однесувало на делот од Едо, каде што бил роден, а вториот значел "северно студио". Таа година објавил две збирки пејзажи, Славните погледи на источната престолнина и Осум погледи на Едо. Тој, исто така, почнал и самиот да привлекува ученици, подучувајќи 50 ученици во текот на својот живот.[1]

Популарност[уреди | уреди извор]

Тој станал познат во текот на следната деценија, како поради неговите уметнички дела така и поради неговиот талент за самопромоција. За време на фестивалот во Токио во 1804 година, изработил портрет на будистички свештеник дарума, долг 180 метри со користење на метла и кофи полни со мастило. Во друга приказна се вели дека бил во дворот на шогунот Јенари, поканет таму да се натпреварува со друг уметник кој практикувал потрадиционално сликарство со четка. Сликата на Хокусај, изработена пред шогунот, била сина крива линија на хартија, а потоа врз неа претрчало пиле чии канџи биле потопени во црвена боја. Тој ја опишал сликата на шогунот како пејзаж со реката Татсута со црвени лисја од јавор што пловат по неа, и го освоил натпреварот.[1]

Во 1807 година, Хокусај соработувал со популарниот романописец Такизава Бакин на серија илустрирани книги. Двајцата не се согласувале добро поради уметнички недоразбирања, па нивната соработка завршила на четвртата книга. Издавачот, при изборот помеѓу Хокусај или Бакин за работа на проектот, се одлучил да го задржи Хокусај, истакнувајќи ја важноста на илустрациите во печатените дела од периодот.[1]

Манга[уреди | уреди извор]

Хокусај - Дарума (1817)

Во 1811 година, на 51-годишна возраст, Хокусај го сменил своето име во Таито и влегол во периодот во кога ја создал мангата на Хокусај и разни уметнички прирачници.[2] Овие прирачници, кои почнале во 1812 со Брзи лекции за поедноставено цртање, служеле како лесен начин да заработи пари и да привлече повеќе студенти. Мангата (што значи случајни цртежи) вклучувала студии на перспективата.[6] Првата книга манга, скици или карикатури на Хокусај, која влијаела врз модерната форма на стрипови познати под едно истото име, била објавена во 1814. Сè заедно, неговите 12 тома манга објавени пред 1820 година и уште три објавени постхумно, вклучува илјадници цртежи на животни, религиозни личности и секојдневни луѓе. Тие често имаат хумористичен тон и биле многу популарни во тоа време.[1]

Дарума Сенсеј[уреди | уреди извор]

На 5 октомври 1817 година, во Хонг-Џи Нагоја Бетсуин, во Нагоја, тој го насликал Големиот Дарума на хартија со димензии 18x10,8 метри, импресионирајќи многумина набљудувачи. Заради овој подвиг го добил името Дарусен (скратена форма на Дарума Сенсеј)[7] Иако оригиналот бил уништен во 1945 година, промотивните летоци од тоа време преживеале и се зачувани во Градскиот музеј во Нагоја. Врз основа на студиите, репродукција на големата слика била направена на голем јавен настан на 23 ноември 2017 година за да се одбележи 200-годишнината од сликата, користејќи ја истата големина и техники и материјали како оригиналот.[8][9][10]

Водопади од Хокусај во Националниот музеј за азиска уметност, музеј Гиме, Франција

Слава[уреди | уреди извор]

Во 1820 година, Хокусај повторно го сменил своето име, овојпат во Лицу, промена која го означила почетокот на периодот во кој си обезбедил слава како уметник низ цела Јапонија. Неговото најпознато дело, Триесет и шест погледи на планината Фуџи, вклучувајќи го и познатиот Голем бран на Канагава, било изработено во раните 1830-ти. Резултатите од проучувањето на перспективата во мангата можат да се видат овде во Големиот бран во Канагава, каде што тој го користи тоа што се смета за западна перспектива при претставувањето на длабочината и волуменот[6] Меѓу другите познати серии од овој период се Обиколка на водопадите на провинцијата, Океани на мудроста и Необични погледи на славните мостови во провинцијата.[1] Тој, исто така, почнал да слика бројни детални слики од цвеќиња и птици.

Старецот луд по уметноста[уреди | уреди извор]

Змеј од чадот кој излегува од планината Фуџи

Следниот период, кој започнал во 1834 година, Хокусај, работел под името Гакио Роџин Манџи (Старецот луд за уметноста).[11] Во тоа време Хокусај создал стотина пејзажи на планината Фуџи, уште една значајна пејзажна серија во неговото творештво.

Во поговорот на неговото дело, Хокусај напишал:

Од шестгодишна возраст, имав страст за копирање на обликот на нештата, а уште од педесеттата година објавив многу цртежи, но сепак се што нацртав до седумдесетата година од животот, не вреди да се земе во предвид. На седумдесет и три години јас делумно ја разбрав структурата на животните, птиците, инсектите и рибите, како и животот на тревите и растенијата. И така, на осумдесет и шест години ќе напредувам понатаму; на деведесет години уште повеќе ќе навлегувам во нивното тајно значење, а на сто сигурно ќе го достигнам нивото на чудесното и божественото. Кога ќе имам сто и десет, секоја точка, секоја линија ќе има свој живот.[12]

Во 1839 година, пожар го уништил студиото Хокусај и голем дел од неговата работа. Во тоа време, неговата кариера почнала да опаѓа за сметка на помлади уметници како Андо Хироши кои станале попопуларни.[13] Но, Хокусај никогаш не престанал да слика, и делото Патки во течение го изработил на 87-годишна возраст.[1]

Хокусај починал на 10 мај 1849 година (18-тиот ден од 4-тиот месец од втората година од ерата Каеј од стариот календар)[14] и бил погребан во Сеикио-џи во Токио.[б 2]

Шунга[уреди | уреди извор]

Сонот на жената на рибарот 1814

Хокусај, исто така, сликал и еротска уметност, на јапонски наречена Шунга. Повеќето шунга се тип на укијо-е, обично изработени во формат за отпечаток во дрво.[15]

Шунгата ја сакале подеднакво и мажите и жените од сите класи. Суеверието и обичаите околу шунгата сугерираат дека шунгата се сметала за среќна амајлија која самураите ја носеле против смртта, се сметала дека штити од пожари како дома така и на јавните места.[16] Шунгата можеби служела и како сексуален водич за синовите и ќерките на богатите семејства.[15]

Големиот бран од вториот том на серијата Сто погледи на планината Фуџи.

Творештво[уреди | уреди извор]

Хокусај имал долгогодишна кариера, но поголемиот дел од неговото значајно творештво го создал по 60-годишна возраст. Неговото најпопуларно дело е укијо-е серијата Триесет и шест погледи на планината Фуџи, кое било создадена помеѓу 1826 и 1833 година. Тоа всушност се состои од 46 принтови (10 од нив се додадени по првичната публикација). Освен тоа, негов труд е и Сто погледи на планината Фуџи (1834) (富嶽百景), дело кое "генерално се смета за ремек-дело меѓу неговите книги за пејзаж". Неговиот укијо-е ја трансформирал уметничката форма од стил на портрети фокусиран на гејши и актери популарни за време на периодот Едо во јапонските градови во еден многу поширок стил на уметност кој се фокусирал на пејзажи, растенија и животни. Најголемото творештво претставено во 15 томна колекција е мангата на Хокусај, книга со речиси 4000 цртежи, објавена во 1814.

Фуџи при ведро утро - дел од серијата Триесет и шест погледи на планината Фуџи бр. 33

Влијание на уметноста и културата[уреди | уреди извор]

Неговото влијание, освен во јапонија се проширило и на неговите западни современици во Европа од деветнаесеттиот век, чиј стил Арт Нуво или Југендстил како што се нарекувал во Германија бил под негово влијание и воопшто под влијание на јапонската уметност. Тоа било дел и од поголемото импресионистичко движење, каде слични теми на Хокусај се појавиле кај Клод Моне и Пјер Огист Реноар.

Хокусај го инспирирал расказот на научно-фантастичниот автор Роџер Зелазни, "24 погледи на планината Фуџи од Хокусај“, во кој протагонистот ја проучува областа околу планината Фуџи, застанувајќи на локациите насликани од Хокусај.

Одбрани дела[уреди | уреди извор]

Белешки[уреди | уреди извор]

  1. Овој настан, според неговите зборови, бил инспиративен: "Она што навистина го мотивираше развојот на мојот уметнички стил беше срамот што го доживеав во рацете на Шунко."
  2. На смртната постела ги изговорил овие последни зборови: "Ако небото ми даде уште десет години од животот, па дури и пет години, можев да станам вистински сликар".

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,00 1,01 1,02 1,03 1,04 1,05 1,06 1,07 1,08 1,09 1,10 1,11 1,12 1,13 1,14 1953-, Weston, Mark, (1999). Giants of Japan : the lives of Japan's greatest men and women. New York: Kodansha International. ISBN 1568362862. OCLC 40723611. https://www.worldcat.org/oclc/40723611. 
  2. 2,0 2,1 2,2 Nagata, Seiji (1995). Hokusai: Genius of the Japanese Ukiyo-e. Kodansha International, Tokyo.
  3. ...)., Nagata, Seiji, (1951-; ...)., Dalon, Laure, (1981-; (France), Établissement public de la Réunion des musées nationaux et du Grand Palais des Champs-Élysées (impr. 2014, cop. 2014). Hokusai Paris, Grand Palais, Galeries nationales, 1er octobre 2014-20 novembre 2014, 1er décembre 2014-18 janvier 2015. Paris: Réunion des musées nationaux - Grand Palais. ISBN 9782711861828. OCLC 892910363. https://www.worldcat.org/oclc/892910363. 
  4. „葛飾, 応為 カツシカ, オウイ“ (на japanese). CiNii. http://ci.nii.ac.jp/author/DA10315358?l=en. 
  5. Nagata, Seiji. Hokusai: Genius of the Japanese Ukiyo-e. Kodansha, Tokyo, 1999
  6. 6,0 6,1 Screech, Timon. Hokusai's Lines of Sight. „Mechademia“ том  7: 107. https://www.jstor.org/stable/41601844. 
  7. „特別展 北斎だるせん! | 中京テレビ“ (на ja-JP). 特別展 北斎だるせん! | 中京テレビ. http://www.ctv.co.jp/event/darusen/midokoro/. посет. 16 февруари 2018 г. 
  8. A Performance Recreation by Hokusai in 1817“, „Nagoya Like It Is“, 23 ноември 2017. (на en-US)
  9. 本願寺名古屋別院:これが北斎描いた大だるま 200年前 - 毎日新聞“, „毎日新聞“. (на ja-JP)
  10. 北斎だるまに大歓声 本願寺名古屋別院“, „中外日報ホームページ“. (на ja-JP)
  11. Hokusai Heaven retrieved March 27, 2009
  12. Calza, Gian Carlo. "Hokusau: a Universe" in Hokusai, p. 7. Phaidon
  13. 1953-, Weston, Mark, (1999). Giants of Japan : the lives of Japan's greatest men and women. New York: Kodansha International. ISBN 1568362862. OCLC 40723611. https://www.worldcat.org/oclc/40723611. 
  14. ...)., Nagata, Seiji, (1951-; ...)., Dalon, Laure, (1981-; (France), Établissement public de la Réunion des musées nationaux et du Grand Palais des Champs-Élysées (impr. 2014, cop. 2014). Hokusai Paris, Grand Palais, Galeries nationales, 1er octobre 2014-20 novembre 2014, 1er décembre 2014-18 janvier 2015. Paris: Réunion des musées nationaux - Grand Palais. ISBN 9782711861828. OCLC 892910363. https://www.worldcat.org/oclc/892910363. 
  15. 15,0 15,1 (на Finnish) Forbidden Images – Erotic art from Japan's Edo Period. Helsinki, Finland: Helsinki City Art Museum. 2002. стр. 23–28. ISBN 951-8965-53-6. 
  16. Kornicki, Peter F.. The Book in Japan: A Cultural History from the Beginnings to the Nineteenth Century. Honolulu: University of Hawaii Press. стр. 331–353. ISBN 0-8248-2337-0. 

Надворешни врски[уреди | уреди извор]