Историски архив (Тетово)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Зградата во која е сместен архивот во Тетово, кој е одделение на Државниот архив на Република Македонија.

Историскиот архив во Тетово работи како подрачно одделение во рамките на Државниот архив на Република Македонија, со адреса на ул. „Цветан Димов“ бр. 1 во Тетово.[1] Одделението Тетово е формирано како „Историски архив за општините Тетово и Гостивар” во 1961 година, а денес територијалната надлежност опфаќа девет општини: Гостивар, Тетово, Брвеница, Боговиње, Желино, Јегуновце, Теарце, Врапчиште, Маврово и Ростуше.

Работата на одделението[уреди | уреди извор]

Одделението работи во адаптирана зграда и води грижа за 183 иматели на архивски материјал. Во Одделение Тетово има вкупно 701 архивски фонд и збирки. Материјалот пред сè се однесува на периодот по 1944 година, а помал е бројот на документи пред овој период.

Во текот на работата на ова одделение, организирани се архивските изложби:

  • „АСНОМ“ 1944-1994, во Дом на културата во Тетово, 1994 година,
  • „Тито - мисла, збор и дело“, во Дом на културата во Тетово, 1981 година.

Одделението е добитник на неколку општествени признанија.

Поважни фондови[уреди | уреди извор]

Позначајни фондови и збирки се:

  • градските општини и управи (1918-1941 година);
  • народно-ослободителните, народните одбори и собранија (1944-1990);
  • трговската, занаетчиската, угостителската и земјоделската комора (1945-1965) и
  • првостепени, околиски и општински судови (1919-1972)
  • политичките организации и здруженија (1945-1990).

Фондовите на основните и средните училишта се застапени од сите општини за кои е надлежно Одделението (1913-1986). Верските фондови се од Православната црква (1887-1937) - архијерејски намесништва, црковни општини, цркви и манастири и од Исламската верска заедница (1930-1944) - вакафски поверенства и имамати. Најстариот документ се наоѓа во Збирката документи на турски јазик од Тетовската каза (1705/1924) и датира од 1705 година.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2015-10-03. Посетено на 2016-01-26.