Изгубената чест на Катарина Блум (филм)

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Изгубената чест на Катарина Блум“ (германски: Die verlorene Ehre der Katharina Blum) — германски филм од 1983 година, во режија на Фолкер Шлендорф (Volker Schlöndorff) и Маргарете фон Трота (Margarethe von Trotta) по сценариото на Фолкер Шлендорф, засновано врз истоимениот роман на Хајнрих Бел. Главните улоги ги толкуваат: Ангела Винклер (Angela Winkler), Марио Адорф (Mario Adorf), Дитер Лазер (Dieter Laser), Јирген Прохнов (Jürgen Prochnow), Хајнц Бенент (Heinz Bennent) и Карл Хајнц Фосгерау (Karl Heinz Vosgerau).[1]

Синопсис[уреди | уреди извор]

Во февруари 1975 година, на Поклади, една група луѓе се забавуваат, меѓу кои и анархистот Лудвиг Гетен (го игра Прохнов) кого го следи полицијата. Друштвото заминува во друг стан, каде Лудвиг се среќава со младата жена Катарина Блум (ја игра Винклер) и меѓу нив веднаш се раѓа љубов. Утредента, полицијата ја опколува зградата и насилно влегува во нејзиниот стан, барајќи го Лудвиг, но тој успеал да побегне. Катарина е обвинета за соработка со Лудвиг и полицијата ја сослушува, обидувајќи се така да го фати Лудвиг. Истовремено, новинарот Тетгес (го игра Лазер), кој е соработник на полицијата, започнува да објавува сензационалистички статии во кои ја оцрнува Катарина. Набргу, таа почнува да добива анонимни телефонски и писмени пораки со закани и навреди. За време на сослушувањето, Катарина се обидува да го прикрие идентитетот на Алојз (го игра Фосгерау), угледен човек, со кого се гледа одвреме-навреме. Додека Катарина е притисната од сите страни, единствено адвокатот Блорна (го игра Бенент) и неговата сопруга се обидуваат да ѝ помогнат. Најпосле, полицијата го открива Лудвиг, кој се крие во вилата на Алојз, и успева да го уапси. Откако Тетгес ќе влезе во болницата во која лежи мајката на Катарина и која набргу ќе умре, Катарина решава да му се одмазди на новинарот за нејзината нарушена чест. Затоа, таа му закажува состанок со намера да даде интервју, но тогаш го убива, а подоцна го убива и неговиот помошник. Така, таа е уапсена, а во затворот накратко го среќава Лудвиг при што успеваат да се бакнат. Филмот завршува со закопот на Тетгес.

Наводи[уреди | уреди извор]