Епикур

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Епикур
'
Epicurus bust2.jpg
Римска мермерна биста
Изворно име '
Роден(а) 341 п.н.е
Починал(а) 270 п.н.е
Период Античка философија
Подрачје Западна филозофија
Школа Епикуризам
Претежна дејност
Атомизам

Епикур (роден 341 п.н.е. на Самос - умрел 270 п.н.е. во Атина) бил старогрчки филозоф и основач на филозофското учење познато како епикурејство. Од неговата филозофија останати се само неколку фрагменти и писма од околу 300 напишани дела. Голем дел од она што се знае за епикурејската филозофија произлегува од неговите подоцнежни следбеници и коментатори.

За Епикур целта на филозофијата е достигнувањето среќен и мирен живот кој се одликува со атараксија - душевна непоматеност, ослободеност од страв и апонија - отсуство од болка, како и живеење на самостоен и независен живот опкружен со пријатели. Епикур подучувал дека задоволството и болката се мерила за доброто и лошото; дека смртта е крај на телото и на душата, па затоа човекот не треба да се плаши од боговите кои ниту ги наградуваат, а ниту пак ги казнуваат луѓето; универзумот е бесконечен и вечен, а настаните во светот се во крајна линија засновани на движењата и интеракциите на атомите движејќи се во празниот простор.

Биографија[уреди | уреди извор]

Неговите родители, Неокле и Херострата, двајцата родени Атињани, емигрирале во атинска населба на егејскиот остров Самос, околу 10 години пред раѓањето на Епикур во февруари 341 год. п.н.е.[1] Како младо момче, четири години учел филозофија кај платонистот Памфил. На возраст од 18 години заминал во Атина на двегодишна воена служба. По смртта на Александар Велики, Пердика ги протерува атинските доселеници од Самос во Колофон, на брегот на сегашна Турција. По завршувањето на воената служба, Епикур се придружува на неговото семејство. Таму учел кај Навсифан кој ги следел учењата на Демокрит. Во 311/310 г.п.н.е. Епикур започнал да учи во Митилена, но предизвикувајќи раздор тој е принуден да го напушти школувањето. Тогаш тој самиот основал училиште во Лампсак, пред да се врати во Атина во 306 г.п.н.е. каде што останал сѐ до својата смрт. Таму основал „Градина", школа именувана според градината која ја поседувал, а која служела како место за средби во училиштето, отприлика на половина пат меѓу други две филозофски школи, Стоата и Академијата. Иако голем број од неговите учења биле под силно влијание на претходните мислители, особено на Демокрит, тој значајно отстапувал од детерминизмот на Демокрит. Епикур често го негирал неговото влијание, критикувајќи ги другите филозофи за збунетост, тврдејќи дека е „самоук". Епикур никогаш не се оженил и немал деца. Тој, најверојатно, бил вегетаријанец. Страдал од заболување на камења во бубрезите, на кое конечно му подлегнал, во 270 г.п.н.е., на возраст од 72 години.

Епикурејската школа[уреди | уреди извор]

Епикурејската школа била сместена во дворот на неговата куќа, па поради тоа била наречена „Градина".[2] Школата имала мал број, но посветени следбеници. Главните членови на школата биле Хермах, покровителот Идоменеј, Леонтеј и неговата сопруга Темиста, сатиричарот Колот, математичарот Полинеј од Лампсак, Леонтиј и Метродор од Лампсак, најпознатиот промотор на епикурејството. Епикурејската школа е првата помеѓу античките старогрчки школи која по правило, а не по исклучок примала жени како ученици.[3] На портата на Градината бил напишан следниов текст кој бил пренесен од Сенека во XXI. писмо од Epistulae morales ad Lucilium (Морални писма до Лукиј):

Странецу, ќе сториш добро ако останеш тука; тука нашето највисоко добро е задоволството.

Епикур го истакнал пријателството како важен елемент на среќата, а школата во многу нешта личела на заедница од пријатели кои живеат заедно. Сепак, тој, исто така, вовел хиерархиски систем на нивоа меѓу неговите следбеници кои морале да положат заклетва кон неговите основни принципи.

Учење[уреди | уреди извор]

Етика[уреди | уреди извор]

Епикуровата филозофија тргнува од ставот дека се она што го нарекуваме добро или лошо всушност потекнува од чувството на задоволство или болка: она што е добро е пријатно, а она што е лошо е болно. Неговите идеи за задоволството и болката во крајна линија се основа за морално разликување помеѓу доброто и злото. Ако болката, во некои случаи, е избрана наместо задоволството, тоа е само затоа што тоа таа би довела до поголемо задоволство во иднина. Иако Епикур честопати погрешно се толкува дека застапува потрага по задоволство, неговото учење многу повеќе претставува стремеж кон отсуство на болка и страдање, како физичко така и писихичко, како и постигнување на состојба на ситост и спокојство, ослободеност од стравот од смртта и одмаздата на боговите. Епикур тврдел дека кога не страдаме од болка, не чувствуваме ниту потреба за задоволства, влегувајќи во состојба на атараксија или душевно спокојство.[4][5]

Учењата на Епикур биле воведени во медицинското учење и практиката на епикурејскиот лекар Асклепијад од Витинија, првиот лекар кој ја вовел грчката медицина во Рим. Асклепијад водел пријателски, сочувствителни, пријатни и безболни третмани на пациентите. Се залагал за хуман третман на менталните нарушувања, ослободувал ментално болни лица од притвор со цел да ги третира со природна терапија, односно со исхрана и масажи. Неговите учења се изненадувачко современи, затоа Асклепијад се смета за пионер лекар во психотерапијата, физикалната терапија и молекуларната медицина.[6]

Епикур експлицитно предупредувал против преголемо уживање бидејќи тоа често доведувало до страдање. На пример, Епикур предупредувал да не се води љубов премногу страсно.[7] Тој исто така верувал, за разлика од Аристотел,[8] дека не треба да се плашиме од смртта. Кога човекот умира, тој не ја чувствува болката на смртта, бидејќи тој повеќе не е жив и затоа не чувствува ништо. Затоа, Епикур, славно изјавува: „смртта е ништо за нас". Кога ние постоиме, тогаш смртта не е тука; а кога постои смртта, тогаш ние не постоиме. Сите чувства и свеста завршуваат со смртта и поради тоа во смртта нема ниту задоволство, ниту болка. Стравот од смртта произлегува од верувањето дека во смртта постои свест. Како етичко упатство, Епикур го истакнал минимизирањето на страдањето и максимизирањето на среќата за себе и за другите:

Невозможно е да се живее пријатен живот без да се живее мудро, добро, и праведно, а невозможно е да се живее мудро, добро и праведно без да се живее пријатно.[9]

Теорија на познанието[уреди | уреди извор]

Епикур ги истакнува сетилата во неговата теорија на познанието, а неговиот принцип на повеќе објаснувања („ако неколку теории се во согласност со набљудуваните податоци, задржете ги сите") е ран придонес во филозофијата на науката.

Постојат и такви нешта за кои не може да изречеме само една причина, туку неколку, но само една од нив е вистинита. Како на пример, ако видете безживотно тело подалеку од вас, би било исправно да ги наброите сите причини на смрт, за да може да се издвои една, единствена причина за оваа смрт. Не би можеле да заклучиме дека умрел од рана од меч, од настинка или пак од болест, или можеби од отров, но со сигурност можеме да заклучиме дека нешто од работите кои ги наведовме ја причинла смртта.[10][11]

Политика[уреди | уреди извор]

За разлика од Стоиците, Епикурејците покажале малку интерес за учество во политиката во тоа време, бидејќи тоа води до проблеми. Наместо тоа, тие се залагале за изолација. Овој принцип е сумиран со фразата λάθε βιώσας што значи „живеј во анонимност", т.е. „истуркај го животот без да привлечеш внимание на себе", односно, живеј без потрага по слава, богатство, или моќ, туку анонимно, уживајќи во малите нешта како храна, во друштво на пријатели, итн. Плутарх пишува на оваа тема во својот есеј „Дали поговорката ’живеј во тајност’ е вистинита?“

Но Епикурејците сепак имале иновативна теорија за правдноста како општествен договор. Праведноста, вели Епикур, е договор кој обезбедува да не наштетите некому, ниту да ви наштетат, а чија цел е целосно уживање во придобивките од заедничкото живеење во добро уредено општество. Потребни се закони и казни за да се стават во ред заведените будали, а кои инаку би го прекршиле договорот. А мудриот човек, ја гледа корисноста од праведноста и поради ограничените желби, тој нема потреба да се вклучи во однесувањето забрането со законите. Законите кои се корисни за промовирање на среќа се праведни, но оние кои не се корисни, не се праведни.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Apollodorus of Athens (reported by Diogenes Laertius, Lives of Eminent Philosophers, 10.14–15) gives his birth on the fourth day of the month February in the third year of the 109th Olympiad, in the archonship of Sosigenes
  2. Long, A. A. (1986). Hellenistic philosophy: Stoics, Epicureans, Sceptics. стр. 15. 
  3. Two women, Axiothea and Lastheneia, were known to have been admitted by Plato. See Hadot, Pierre. Qu'est-ce que la philosophie antique?, page 99, Gillimard 1995. Pythagoras is also believed to have inducted one woman, Theano, into his order.
  4. Folse, Henry (2005). How Epicurean Metaphysics leads to Epicurean Ethics. Department of Philosophy, Loyola University, New Orleans, LA. http://www.loyno.edu/~folse/Epicurus.html. 
  5. Konstan, David. Epicurus, The Stanford Encyclopedia of Philosophy (Fall 2013 Edition). http://plato.stanford.edu/entries/epicurus/. forthcoming URL = <http://plato.stanford.edu/archives/fall2013/entries/epicurus/>
  6. C, Yapijakis (2009). Hippocrates of Kos, the father of clinical medicine, and Asclepiades of Bithynia, the father of molecular medicine. Review. „In Vivo“ том  23 (4): 507–14. PMID 19567383. 
  7. Cicero, Marcus Tullius. „II.82“. De finibus bonorum et malorum. ISBN 3-519-01219-7. 
  8. Rosenbaum, Stephen. Appraising Death In Human Life: Two Modes Of Valuation, in French, Peter, and Wettstein, Howard (editors), Life And Death: Metaphysics And Ethics, Midwest Studies In Philosophy, volume XXIV. Blackwell Publishers, Inc., 2000, p.153 (Aristotle 'seems to have believed [in] fearing death ... . [But] his conclusion should be understood to be [merely] that the fact that a person dies is bad [because] nothing is any longer good or bad for him or her.') Books.Google.com (accessed 2011-Feb-04)
  9. „Epicurus Principal Doctrines 5 and 31 transl. by Robert Drew Hicks“. 1925. http://classics.mit.edu/Epicurus/princdoc.html. 
  10. Lucretius.Шаблон:Full citation needed
  11. The poem version can be found in: Carus, Titus Lucretius (Jul 2008). Of The Nature of Things. Project Gutenberg EBook. 785. William Ellery Leonard (translator). Project Gutenberg. http://www.gutenberg.org/cache/epub/785/pg785.txt.  Book VI, Section Extraordinary and Paradoxical Telluric Phenomena, Line 9549–9560

Надворешни врски[уреди | уреди извор]