Свети Евнувиј, Пајсиј и Аверикиј
Свети преподобномаченици Евнувиј, Пајсиј и Аверикиј | |
---|---|
Пречистански преподобномаченици | |
Починал(а) | 27 мај 1558, Кичево |
Почитуван(а) во | повеќе православни цркви[се бара извор] |
Канонизација | Илинден, Кичевски Манастир од Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан |
Слава | 27 мај и 2 август |
Свети преподобномаченици Евнувиј, Пајсиј и Аверикиј или Пречистанските преподобномаченици биле македонски православни монаси во манастирот Свeтa Богородица - Пречиста во Кичевско кои маченички пострадаа во 1558 година кога овај храм бил нападнат од турската војска. Тие претставууваат првите светци прогласени од возобновенатаМакедонска православна црква, канонизирани се на 2 август 2012 година во манастирот каде што ги изгубија животите. Нивниот спомен се чествува на 27 март (денот кога сите беа убиени) и на Илинден (денот кога се прогласени за светци).
Чинот на светците
[уреди | уреди извор]- За дополнителни информации за животот на светците видете го комплетното Житие за Пречистанските преподобномаченици на Wikisource.
Среде природните убавини на планината Цоцан во близина на Кичево, манастирот „Пречиста - Кичевска“ се издигнал како дом на Богородица, посветен на светото Благовештение. Кон средината на XVI век, монашкото братство од овој манастир станало вистинска утеха и крепост за напатениот народ кој страдал под тешкото османлиско ропство. Гласот за нивната слава и духовна сила допрел и до злонамерните Агарјани, па тие на 27от ден од месец март, 1558 лето Господово, со сета своја јарост се упатиле кон светата Богородична обител. Браќата заедно со присутните мирјани, биле собрани, како и обично, во храмот на заедничка Литургија. Во часот кога од певницата, со умилен молитвен глас, бавно прозвучила херувимската песна, отец Аверикиј, којшто морал да исполни некое послушание надвор, втрчал во храмот и известил дека кон манастирот се приближува многуброен, насилнички османлиски аскер. Тогаш преподобниот старец Евнувиј, заедно со уште еден монах Пајсиј, подготвени да примат маченички венец, останале во манастирот, а останатите монаси и мирјани заминале во шумата и таму пронашле безбедно место да ја довршат Литургијата. По службата, откако се увериле дека Агарјаните биле заминати, монасите се вратиле и тука затекнале страшна и тажна слика: сè било уништено, храмот бил во пламен, а на местото Γοсподинец близу манастирската чешма, лежеле телата на тројцата свети старци и духовни учители. Тие откако најрешително одбиле да се приклонат кон иноверното учење и пред разбеснетите Агарјани непоколебливо ја исповедале својата силна вера во Спасителот Христос, биле подложени на страшни измачувања и примиле маченички венец со отсекување на нивните глави. Сите селани од околните села се собрале за да ја споделат болката со осиротеното и обездомено братство. Притоа, со стравопочит и солзи во очите, тие им се поклонувале и ги целивале телата на светите преподобномаченици. Но тагата се преплетувала со радост заради стекнувањето на тројца нови застапници за народот пред Бога. Со силното молитвено застапништво на светите тројца преподобномаченици, и под покровителство на Пресвета Богородица, светата обител не се распуштила, туку продолжила со својата монашко – евангелска просветна дејност. За шест години бил изѕидан нов храм од камен.
Осветување
[уреди | уреди извор]Прославата на нивното осветување започна на 1 август 2012 година, со свечена Вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Брегалнички г. Иларион, во сослужение на архимандритите Нектариј и Партениј, игумен Дамаскин, протоереите Војне Ристески и Игор Никовски, еромонахот Доситеј, протоѓаконите Димко Миланов и Сашо Ристов и ѓаконот Николче Ѓурѓиноски. Во текот на Вечерната богослужба се направи и литија, а по завршувањето на вечерната, беше извршен парастос за новите пречистански преподобномаченици. На Парастосот чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на Митрополитите Агатангел и Иларион и спомнатите свештенослужители. Торжествата продолжија утредента, со света архиерејска литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение на Митрополитите Тимотеј, Петар, Наум, Агатангел, Пимен и Иларион, Епископот Климент, архимандритите Нектариј, Партениј и Јосиф, протоереј-ставрофорите Ѓорѓи Лапоски, Ацо Гиревски, Тоди Јован од Албанската православна црква, Ефтим Бетински и Никола Грамбозов, игуменот Дамаскин, протоерите Темелко Донески и Игор Никовски, еромонасите Доситеј, Макариј и Вартоломеј, свештениците Сашо Ристески, Никола Христоски и Владо Недески, протоѓаконите Димко Миланов, Антонио Дујовски, Сашо Ристов, Горан Кутлешоски и Влатко Стојменов и ѓаконите Дејан Борисов, Николче Ѓурѓиноски, Васко Голабоски и Антоние Попоски. По завршувањето на Малиот вход, Епископот Климент ја прочита Одлуката на САС на МПЦ-ОА за прогласување на новите светии, а Митрополитот Тимотеј го прочита нивното житие. Веднаш потоа Архиепископот Стефан ја освети новата икона на пречистанските новомаченици, дело на сестринството од манастирот „Св. вмч. Георгиј“ во Рајчица, и со неа го благослови многубројниот верен народ, кој беспоштедно и без двоумење дојде да се поклони на новите преоподобномаченици, но и да земе активно учество и да стане дел од преданието. Покрај верниот македонски народ, церемонијата беше збогатена и со присуството на група монахињи и монаси од Романската православна црква. По завршувањето на Литургијата беше извршен парастос за сите паднати борци за слободата на македонскиот народ и црква во предилинденскиот и поилинденскиот период. Прославата заврши со свечена литија околу манастирот, а на одреденото место се освети и камен-темелникот за новиот манастирски конак, каде ќе биде изградена и капела посветена на пречистанските преподобномаченици. Протоерејот Игор Никовски го прочита Илинденското послание, во кое Архиепископот, покрај другото, на верните чеда на Македонската православна црква им порача: „Националната и духовна слобода се меѓусебно поврзани. Секој што прави грев, роб му е на гревот“ (Јован 8,34).
Наводи
[уреди | уреди извор]- МПЦ испраќа докази за својата 45 годишна живост Архивирано на 1 јуни 2012 г.
- Тројца нови светци добија и нова икона (30.07.2012, 18:05)
- Илинден и прогласување на новите Пречистански преподобномаченици (03.08.2012 19:17)
- Житие за Пречистанските преподобномаченици