Прејди на содржината

Дневник за Чарноевиќ

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Дневник за Чарноевиќ“ (српски: Дневник о Чарнојевиһу) — краток роман на српскиот писател Милош Црњански, првобитно објавен во 1921 година.

Содржина

[уреди | уреди извор]

Во книгата, пишувана во прво лице еднина, главниот лик, Петар Раиќ (српски: Петар Рајиһ), на возраст од 23 години, ги изнесува своите сеќавања, почнувајќи од детството и животот во едно мало место во Банат, во близината на Бела Црква, преку заминувањето на студии во Виена, до крајот на Првата светска војна. Притоа, тој ги опишува страшните случувања на источниот фронт, каде како војник на Австроунгарската армија се бори против Руската војска во Галиција. Таму, тој е ранет и одредено време поминува во воената болница, а потоа се враќа дома, каде ја наоѓа својата мајка на смртната постела.

Набргу, мајка му умира и тој останува сам, често посетувајќи го нејзиниот гроб. Бидејќи потекнува од угледно и богато семејство, него го опсипуваат со брачни понуди од сите страни, а тој стапува во врска со убавата и сиромашна девојка Маца. Потоа, тие се венчаваат и водат здодевен брачен живот, во малото провинциско место.

Потоа следува делот од книгата во кој Петар се сеќава на својот престој во болницата во Краков каде тој се лекува од туберкулоза. Притоа, секој ден го посетува една жена, чиј маж е на фронтот, така што таа живее со својот мал син. Жената е вљубена во него и постојнао го опсипува со нежност и внимание. Додека престојува во болницата во Краков, тој се сеќава на еден пријател, Далматинец, морнар, кој често патувал низ светот. Неговата мајка била чистачка и самата го издржувала семејството. На едно од своите патувања, во Египет, Далматинецот запознал богата Американка, која се вљубила во него и потоа му испраќала писма, нудејќи му брак. Подоцна, Далматинецот дознал дека има син, по што започнал да скита, тагувајќи, а еден ден, ненадејно му се слошило и тој умрел во една кафеана.

Потоа, следува сеќавањето на Петар на еден престој на Јадранот, каде се лекува неговата болна мајка. На едно патување со брод, тој запознава две сестри, Марија и Изабела. Притоа, тој е заинтересиран за помладата сестра, Марија, но му пристапува мажената Изабела со која води љубов. Кога поминува зимата, Петар се опоравува и станува писмоносец, патувајќи насекаде низ царството, а во меѓувреме продолжува страшното крвопролевање. По некое време, мажот на Полјакињата се враќа и ѝ го одзема детето, а таа се бори да си го врати синчето. Тој доаѓа дома на отсуство. Кога се враќа во Краков, Полјакињата му се враќа и настојува да го задржи кај себе, но тој полека го губи интереот за неа и, најпосле, ја напушта. Најпрвин, тој оди во Сентендре, во Унгарија, каде ги посетува гробовите на своите дедовци, а потоа ја посетува жената која некогаш ја сакал татко му. Најпосле, Петар се враќа дома, каде сè е по старо и животот продолжува таму каде што запрел пред војната, а тој, по преживеаните кошмари за време на војната, постојано е тажен и празен во душата.[1]

  1. Милош Црњански, Дневник о Чарнојевиһу, Нолит, Београд, 1974.