Прејди на содржината

Градски трговски центар (Скопје)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Влезот во ГТЦ

Градски трговски центар (скратено ГТЦ) - трговски објект изграден покрај реката Вардар, во центарот на Скопје. Градскиот трговски центар претставува културна икона и еден од најпрепознатливите објекти за градот Скопје.

Изградбата била официјално започната на 11 октомври 1969 година, а на 27 април 1973 бил пуштен во официјална употреба.[1] Автори на проектот се архитектите Тихомир Арсовски, Живко Гелевски, Димитар Димитров, Благоја Колев, Радомир Лајовиќ, Лидија Маркова, Живко Поповски.

Објектот има две подземни, приземно и две надземни нивои исполнети со простори за трговски, угостителски, занаетчиски, банкарски и други услуги. Во комплексот на Градскиот трговски центар се интегрирани и петте постоечки станбени кули на кејот „13 Ноември“, изградени пред земјотресот во Скопје.

Историски развој

[уреди | уреди извор]
Спомен-плоча во ГТЦ на местото каде што се наоѓала куќата на првоборецот во НОБ Борис Боцевски - Боте

По завршувањето на Втората светска војна, Скопје станува главен град на СР Македонија, политички, економски и културен центар, со што се создаваат можности за негов општествен и стопански развој. Започнува период на интензивна обнова и изградба на Скопје, во кој со голем ентузијазам се извршуваат сите задачи кои ги поставувала младата Република.

Новосоздадените услови го запираат натамошното опаѓање на Скопје, а јасно определените насоки за развојот на општественото, економското и политичкото уредување, ги поставуваат темелите на социјалистичкиот сектор и воведување на нови производни односи. За подобро планско уредување, во 1948 година бил изработен првиот Урбанистички план, кој целосно ги вклучува стопанските планови за долгорочен развој. Се обезбедува комплексен развој на индустриските, станбените и централните зони, со определени содржини и димензии и квалитетни придружни функции.

Напоредно со другите стопански дејности, трговијата добива многу значајно место. Таа успешно ги надминува проблемите наметнати по војната. Започнува процес на создавање на трговски основи врз нови основи, преку изградбата на првите народни магазини и други популарни продавници во различни делови од градот. Овие први социјалистички претпријатија ја преземаат иницијативата за поинтензивен и поквалитетен развој, преоѓајќи ги сите фази, од планско рационално снабдување до широк асортиман и висок квалитет.

Според новиот Урбанистички план, новите површини наменети за трговски дејности, се распоредени во постојните трговски места во центарот на градот, Старата чаршија и новите станбени реони. На овој начин, трговијата сѐ повеќе ја развива својата дејност; стоковната размена и асортиманот континуирано се прошируваат, почнува окрупнување на трговската мрежа и нејзино вклучување во меѓународниот промет.

Трговијата во Скопје станува значајна гранка. Се градат големи трговски објекти, првата стоковна куќа, Скопскиот саем и други капацитети. Градот расте и сè повеќе се развива, а со тоа се проширува и неговата трговска мрежа со современи капацитети.

Скопски земјотрес

[уреди | уреди извор]

Земјотресот во Скопје на 26 јули 1963 година предизвикал големи човечки и материјални загуби. Стопанството и трговијата претрпеле значајни штети, биле разрушени или тешко оштетени повеќе од 80% од постојните капацитети, особено центарот на градот каде биле сместени големиот дел трговски, јавни и културни објекти.

Трговијата покажува значителни успеси во совладувањето на исклучително тешките последици. Таа не запира со својата дејност и продолжува со континуирано снабдување на градското население на голем број пунктови на отворено под импровизирани настрешници, шатори, дрвени бараки и во Старата скопска чаршија. Ангажирањето на југословенската заедница да се надмине тешката состојба по катастофата овозможиле обнова на ново Скопје и изградба според најсовремени сознанија.

Земјотресот бил особено катастрофален за станбените фондови кои требало да се обноват во исклучително краток рок. Со населувањето на новите населби, биле изградени и голем број на големи и мали трговски капацитети од монтажен тип.

Причини и развој на идејата

[уреди | уреди извор]

Значајните трансформации на градот, по земјотресот, иницирале потреба од изградба на регионален центар. Нагласената изградба на станбени реони, индустријата и другите функции, зголемениот број на населението, порастот на животниот стандард, а со тоа и зголемените куповни можности, се само дел од причините за актуелизација на изградбата на нови трговски простори, во услови на намалени капацитети по уривањето на објектите и расчистувањето на просторите поради реализацијата на новиот урбанистички план во централното градско подрачје. Вкупниот фонд на деловен простор изнесувал 60.560 m2, што било недоволно за задоволување на нараснатите потреби.

Анализата на состојбите на местото и улогата на централното градско подрачје, укажале на потребата од изградба на голем, повеќенаменски и современ трговски центар, кој ќе овозможи враќање на животните текови на тој простор. Географската положба и традиција, врзани за минатото, укажуаат на перманентен интерес на подрачјата во потесниот и поширокиот регион и посебно интересот на граѓаните од соседните и другите земји. Ваквата положба условила да се изгради регионален трговски центар што може да ги задоволи интересите и потребите на голем број потрошувачи.

Избраната локација за изградба на трговски центар со регионални одлики, според урбанистичките услови, обезбедува:

  • задоволување на меѓуградските и градските потреби
  • поволни сообраќајни услови во системот на централно градско јадро, градските и приградските населби
  • корелација со просторот на другите позначајни агломерации и централното градско подрачје
  • можност за подобра организација и технологија на работењето
  • можност на едно место да може да се види, запознае и купи повеќе стока од кој било друг градски простор преку понуда на поширок, побогат и поквалитетен асортиман
  • можност на нудење на повеќе видови услуги: лични, поштенски, банкарски, трговски, занаетчиски и др.
  • услови за меѓучовечки среќавња и одржување на богатите традиции на централното градско подрачје и
  • можност за современо и модерно тргување и однесување, со цел да се изменат навиките и да се создадат нови односи.

Првите иницијативи за изградбата на регионален трговски центар потекнале од Заводот за станбено-комунално стопанисување. Во согласност со ново усвоениот урбанистички план, Заводот спровел широка акција за подготовка за изработка на потребната програмска инвестиционо-техничка документација.

Во 1966 година била прифатена идејата за изградба на регионален трговски центар, со угостителски, трговски и занаетчиски дуќани, а веќе во 1967 бил објавен општ југословенски конкурс за идејно решение, со програма за потребите на постојната состојба на локацијата, но без градежни и урбанистички ограничувања.

Главен изведбен проект

[уреди | уреди извор]

Изработката на главните проекти со сите детални изведбени планови на одделни фази и друга документација, била завршена до средината на 1969, по што на 11 октомври 1969 година започнала изградбата на Градскиот трговски центар.

Изработката на проектната документација продолжила по завршувањето на изградбата на централниот дел на 29 ноември 1972 година.

Денес Градскиот трговски центар располага со комплетна техничка документација за сите свои делови и фази предвидени за непосредна реализација.

Според решенијата на главниот проект, комплексот на Градскиот трговски центар во оваа фаза е конципиран како една неделива урбанистичко-архитектонска целина со архитектонска проекција што остава впечаток на единствен објект и со самостојно оформени функционални групации од различни содржини на главната надолжна оска.

Композиција и форма

[уреди | уреди извор]

Архитектонскиот третман на објектот е во полна релација со просторниот концепт и зонскиот распоред на функционалните групи. Во формата на објектот е нагласена хоризонталата, со предодредена височина и големина на објектите. Следствено на хоризонталата, спроведено е и еднакво обликување на терасите со фасадни елементи, пасарели и зафатнински одвоени јадра. Односот помеѓу полните и празните површини на нагласените фасадни елементи од лесен бетон и стаклени површини е оригинален архитектонски израз и архитектонска форма, добиени со мултипликација на основните облици.

Композицијата на објектот се состои од шест идентични јадра, интегрирани со пасарели и тераси. Фасадните платна, со својата димензија и воедначените ритми на продорите со фасадните елементи на оградата, пасарелата и терасата се дел од идентитетот на Градскиот трговски центар, а воедно и на градот Скопје.

Конечното архитектонско решение во себе ги интегрира петте постоечки станбени кули. Единствениот простор е третиран со градација на просторни и висински вредности на функционалните површини и волумени. Архитектурата на Градскиот трговски центар не настојува да создаде неадекватен и предимензиониран простор, туку уникатност во изразот во релација и димензија на човекот.

Основните групации се решени во два подземни и три надземни нивоа (приземно ниво и два ката), со вертикални јадра функционално сврзани со магацинските простори и сообраќајно поврзани со пешачките пасарели и тераси во различни нивоа. Според тоа, пешачките пасарели и тераси стануваат врска помеѓу различните елементи на објектот и партерот. Начинот на вклопување на петте станбени кули на кејот „13 Ноември“ овозможува терасите на првиот кат да се водат во три правци до самиот кеј и до брегот на реката Вардар.

Во комплексот на Градскиот трговски центар, покрај основните шест групации со катност П+2 ката, предвидена е и групација на изложбен салон, угостителство и трговија, со висина од еден кат, како западно пристапен и врзен елемент на центарот, како и групација на катна гаража, кино сала, трговија, која претставува врзрн елемент на неговиот источен дел.

Комуникации

[уреди | уреди извор]

Функционалното решение на Градскиот трговски центар ја истакнува доследноста во одвивањето и нагласувањето на одделни просторни целини, со насочување на хоризонталните и вертикалните комуникации за дотур на стока и за пристап на посетители преку изградени пасарели, систем од ескалатори, столбишта и лифтови. Предвидени се четири групации со четири столбишта со по два ескалатора на еден кат, односно вкупно 28 ескалатори, од кои 6 ескалатори во стоковните куќи и 7 вертикални сервисни јадра со лифтови за дотур на стока.

Конструктивен систем

[уреди | уреди извор]

Основната конструкција на објектот е челична со столбови и греди покриени со монтажни носечни челични ТИСЕН – лимови. Оваа конструкција, покрај смалувањето на висината на објектот, овозможува и да се водат сите инсталации во профилите на челичните носачи, со создавање на отвори со потребни димензии. Конструкцијата на подрумот е армиранобетонска и претставува фундамент на основната конструкција, а воедно формира и голем гаражен простор.

Урбана уметност

[уреди | уреди извор]
Gradot ubav

Во рамките на проектите за ревитализација на ГТЦ, Градот Скопје и Младинскиот културен центар на 17 јуни 2018 година, во рамки на проектот „Градот Убав“,[2] во сутеренот на ГТЦ се одржа првата отворена галерија на урбана уметност во постоечки архитектонски контекст.

Во проектот „Градот Убав“, во чии рамки беа промовирани уметнички дела од артистите Антонио Илиевски, Блаже Атанасков, Давор Кешкец, Драган Китановски – Драш, Ермал Мусовиќ, Васил Димовски – Страјк, Цветан Неделковски, Ирина Цоневска, Иван Петрушевски – Флим, Марјан Димиќ, Миро Грчев, Младен Трендевски, Сали Ертунч, Сања Симоска, Селмир Алими – Есием, Зоки Мише – Шума, Трајче Павлов, Владимир Милиќ, Воскресија Андреевска, додека координатор на проектот е Филип Конески.

Проектот е дел програмата CreArt (Network of Cities for Artistic Creation), која претставува мрежа на 14 партнерски градови и институции (меѓу кои и Градот Скопје и МКЦ), на европското културно богатство и разноликост, чија цел е промоција на меѓународниот креативен сектор преку тренинзи, размени и изложби на визуелни артисти.

Поврзано

[уреди | уреди извор]

Користена литература

[уреди | уреди извор]
  • Арсовски, Тихомир; Гаврилски, Гаврил; Стојков, Трајко. „Градски трговски центар“. Македонска книга. Скопје, 1981.
  1. „„За ГТЦ". Архивирано од изворникот на 2019-01-10. Посетено на 2019-01-21.
  2. „„Градот Убав". Архивирано од изворникот на 2018-06-16. Посетено на 2018-06-19.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]