Варење (слатко)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Варење од јагоди

Варење или варења - слатко (руски: варенье, белоруски: варэнне/варэньне, украински: варення) е популарен начин на конзервирање на овошјето кој е широко распространет во Источна Европа (Русија, Украина, Белорусија), како и во Балтичкиот регион (литвански: uogienė, латвиски: ievārījums, естонски: moos) Се прави со готвење на бобинки или други овошја, или пак поретко ореви, зеленчук и цвеќиња во шеќерен сируп.[1][2] Во некои традиционални рецепти, наместо шеќер, како додаток се користат други засладувачи, како мед или меласа.

Варење е слично на џемот, само што овошјето не е мацерирано и не се додава згуснувач. Се одликува со густ, но проѕирен сируп кој има природна боја на овошјето.

Подготовка[уреди | уреди извор]

За да се направи варење, треба избалансирано да се готви и понекогаш да се додава смеса од жежок шеќер онолку колку што е доволно за да се извлече вкусот од овошјето, а шеќерот да навлезе во овошјето - доколку се готви предолго, овошјето ќе се распадне и варењето ќе стане течно. Некои овошја со цврста кожа бараат готвење многу часови, додека други се погодни за „петминутно варење“ (руски: варенье-пятиминутка, varenye-pyatiminutka). За подготовка на петминутното варење, сувиот шеќер се распределува преку свежо овошје во слоеви и се остава неколку часа да навлезе во овошјето. Добиената смеса се загрева само околу пет минути.

Најпопуларните видови варење се направени од локално достапни бобинки и овошја, како што се вишни, јагоди, малини, кајсии и јаболка. Во принцип, се користи секаков вид овошје, како и некои кулинарски зеленчуци, ореви, борови шишарки и ливчиња од роза.

Употреба[уреди | уреди извор]

Варењето се употребува како десерт и зачин, а особено се користи како додаток за палачинки (блини, оладји, сирники), како полнење за пити (пироги и пирошки), кнедли (вареники), торти и колачиња, а и како засладувач на чај. Исто така се користи како намаз за леб, иако поради неговата течна конзистентност не е наменето за тоа. Исто така, варењето може да се јаде самостојно, како слатко.

Етимологија, преводи и културни референци[уреди | уреди извор]

Владимир Маковски, „Изработка на варење“, 1876 година

Варење е стар словенски збор што се користи во источнословенските јазици во поопшта смисла и може да се однесува на кој било вид на конзервирање на слатко овошје. Зборот има заеднички етимолошки корени со зборовите што означуваат готвење или варење (руски: варить, белоруски: варыць, украински: варити).

Во преводи во литературата, особено на детските книги на руски јазик, овој термин често се користи за замена на поретки заемници, како што се џем, конфитур или мармалад . Примери се преводите на Авантурите на Алиса во земјата на чудата, Хари Потер, Авантурите на Том Соер и анимираните филмови за Карлсон на покривот.

Истото важи и кога се преведува од руски јазик. На пример, правењето варење од малина е опишано во романот на Лав Толстој - Ана Каренина (VI-2). Во нејзиниот класичен превод, Констанца Гарнет активноста ја опишува како „правење џем“.[3]

Во популарната советска книга за деца „Приказна за воената тајна“, за момчето Ципер-Пипер, и неговиот чесен збор од Аркадиј Гајдар, антихеројот Малиот Бадун ги издава своите пријатели за „лонец варење и корпа бисквити“ (руски: бочка варенья и корзина печенья; повторно, во англиски превод се користи џем наместо варење).[4] Оваа фраза стана идиоматски израз за предавство на руски јазик, слично на триесетте сребреници .

Поврзани специјалитети[уреди | уреди извор]

Слатко од сува круша на Киевски стил

Поопштата употреба на терминот варење на руски јазик вклучува голем број поврзани локални специјалитети.

Сирово варење[уреди | уреди извор]

Во подготовката на „сирово варење“ (руски: сырое варенье, syroye varenye) греењето е целосно изоставено. Во рецептите за овој вид на варење обично има рендање сирови бобинки или друго овошје и нивното мешање со шеќер.

Суво варење[уреди | уреди извор]

Во предреволуционерна Русија, „суво варење“ (руски: сухое варенье, sukhoe varenye) се однесувало на локални верзии на зашеќерени овошја (овошен конфит) добиени со вадење овошје од сирупот за слаткото и нивно сушење. Киев (денес главен град на Украина) бил особено познат по овој деликатес.[1][5]

Слични производи[уреди | уреди извор]

Слични слатки се прават и во Кавкаскиот регион и во некои региони на Централна и Јужна Азија, каде што се нарекуваат мураба.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Варенье, Энциклопедический словарь Брокгауза и Ефрона, СПб., 1890–1907 (Varenye in Brockhaus and Efron Encyclopedic Dictionary, St. Petersburg, 1890–1907)
  2. Russian cuisine: Preserve the summer with fruity varenye Архивирано на 6 октомври 2014 г. by Irakli Iosebashvili, Rossiyskaya Gazeta, 2009
  3. Tolstoy, Leo. „Anna Karenina“. gutenberg.org.
  4. Arkadi Gaidar, A Tale About a War secret, About the Boy nipper-pipper, and His Word of Honour. Translated from the Russian by Walter May. Progress Publishers, Moscow, 1975
  5. Anne Volokh, The Art of Russian Cuisine, Macmillan, 1983, p. 458