Белорак гибон

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Белорак гибон
Hylobates lar - Kaeng Krachan WB.jpg
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Цицачи
Ред: Примати
Семејство: Гибони
Род: Гибон
Вид: Белорак гибон
Биномен назив
Hylobates lar
(Linnaeus, 1771)
Распространетост на белоракиот гибон

Белорак гибон или лар (науч. Hylobates lar) — примат од семејството на гибоните (Hylobatidae). Ова е еден од попознатите видови гибони, кој често се среќава во зоолошките градини, меѓу кои и онаа во Скопје.[2]

Таксономија[уреди | уреди извор]

Постојат пет подвидови на белоракиот гибон:[3][4]

  • малезиски белорак гибон (Hylobates lar lar)
  • Карпентеров белорак гибон (H. l. carpenteri)
  • централен белорак гибон (H. l. entelloides)
  • суматрански белорак гибон (H. l. vestitus)
  • јинански белорак гибон (H. l. yunnanensis) (може да е изумрен)

Физички опис[уреди | уреди извор]

Крзното на белоракиот гибон се движи од црно и темнокафеаво до светлокафеаво и песокливо. Рацете и стапалата им се бели, а околу лицето исто така имаат бело крзно. Обата пола можат да бидат од разни бојни варијанти и не се разликуваат по големина. Живеат по шумските дрва и се движат бесејќи се со рацете по гранки. Поради ова, имаат закривени прсти, и многу многу долги раце во однос на нозете (меѓучленски показател 129,7 — меѓу најголемите меѓу приматите).[5] Како и сите други човеколики мајмуни, бројот на прешлени е драстично намален, па со тоа и губиток на функционалната опашка. На задникот имаат цврсти коскести подлошки, наречени седални задебелувања.

Распространетост и живеалиште[уреди | уреди извор]

Белорак гибон со потемно крзно

Белоракиот гибон има најголема распространетост во праевц север-југ од сите гибони.[6] Живеат во Индонезија, Лаос, Малезија, Бурма и Тајланд.[7] ВО минатото ареалот им се протегал од југозападна Кина до Тајланд и Бурма, па јужно преку целиот Малајски Полуостров во првични и вторични дождовни шуми. Присутни се и во северозападниот дел на островот Суматра. Во последниве децении ареалот им е намален и расцепкан. Белоракот гибон веројатно е веќе исчезнат во Кина, а ако сè уште го има, веројатно живее во југоисточниот дел на покраината Јинан.[8]

Обично живеат во низинска, ридска и повисока шума од двокрилоплодни дрва, вклучувајќи првични низински и подножни дождовни шуми, мешани листопадно-бамбусови, како и сезонски зимзелени шуми. Не живеат на надморска височина поголема од 1.200 метри.[9] Родот гибон е мошне алопатрички, обично одделен со големи реки. Поради ова, живеалиштето им се протега низ јужна и источна Бурма, но само источно од реката Салуен. Застапни се ширум Малајскиот Полуостров, како и западно од реката Меконг во северозападен Лаос и северна Суматра.[10] Се среќава и во симпатрија со неколку други примати и човеколики мајмуни, како што се орангутанот (Pongo pygmaeus), сијамангот (S. syndactylus), капчестиот гибон (Hylobates pileatus), белобрадиот лангур (Trachypithecus spp.), Томасовиот лангур (Presbytis thomasi), бавното лори (Nycticebus coucang) и неколку макакија (Macaca spp.)[11] Само во Тајланд веројатно живеат од 15.000 до 20.000 белораки гибони.[12]

Исхрана[уреди | уреди извор]

Белораки гибони

Овие мајмуни важат за плодојади поради тоа што 50% од исхраната им се состои од плодови. Сепак, цели 29% од исхранат аотпаѓаат на лисја, 13% на инсекти и 9% на цветови.[5] Во дивината, белораките гибони се хранат многу разновидно: смокви и други мали слатки плодови, плодови од лијани, плодови од дрва, бобинки, како и млади листови, пупки и цветови, изданоци, ползавци и нивните фиданки, иксекти како богомолки и оси, па дури и птичји јајца.[13] Имаат забна формула 2.1.2.3/2.1.2.3, која е воопштената формула на старосветските и човеколиките мајмуни. Забите им се во распоред на буквата U, а катниците им се тенки и лесни. Секачите им се широки и зарамнети, додека пак катниците имаат ниски заоблени завршетоци со дебела глеѓ. Најзабележливо е присуството на големи остри очници на горната и долната вилица. Овие очници не се полово диморфични.

Поведение[уреди | уреди извор]

Белоракиот гибон е дневно животно кое живее по дрвата во дождовните шуми. Активен е просечно по 8,7 часа дневно. Во просек, 32,6% од денот е посветен на исхрана, (26,2%) на одмор, 24,2% на патување, 11,3% на друштвени активности, 4,0% на огласување и 1,9% на средби со други групи, иако овој сооднос се разликува зависно од годишното време.[14] Ретко се симнуваат на земја, и го проведуваат речиси сиот живот бесејќи се по дрвата. Рацете им се свиени како куки за да се движат брзо и со голем залет од гранка на гранка. Иако ретко се симнуваат од гранките, кога се на земја, одат на две нозе држејќи ги рацете над главата за рамнотежа. Живеат во моногамни парови со својот пород. Кога младото ќе достигне полова зрелост, родителите го истеруваат од семејството. Меѓутоа, оваа претстава е оспорена со долгорочните проучувања спроведени во Тајланд, каде се утврдени полови односи вон брачната заедница, смена на партнерите и полиандрични групирања.[15]

Огласување[уреди | уреди извор]

Огласување на пар белораки гибони

Семејните групи имаат цврсто утврдена територија, која ја штитат од други гибони со огласувања. Секое утро семејството се собира на границата од својата територија и брачните другари испуштаат крици својствени на тој пар. Ово ј двогласен извик се одликува со употреба на кратки завивања, со посложени завивања, при што почетокот и завршетокот се потрепетни.[16] Овие огласувања се еден од начините на разликување меѓу разните видови гибони.[4]

Разможување[уреди | уреди извор]

Белораките гибони ги имаат истите навики на парење како другите гибони. Парењето се одвива секој месец од годината, но највеќето зачнувања се случуваат во сувиот период во март, а највеќе мајмунчиња се раѓаат во подоцнежниот дел од влажната сезона во октомври.[17] Во просек, женките почнуваат со парење на возраст од 11 години во дивина, што е многу подоцна отколку во заробеништво.[18] Бременоста трае во просек 6 месеци и се раѓа по едно младо. Мајмунчињата се со мајката две години, а достигнуваат целосна зрелост на возраст од 8 години. Во дивина живеат околу 25 години.[19]

Заштита[уреди | уреди извор]

Белорак гибон во кафез како гледа низ решетките

Овие животни се загрозени на повеќе начини: некогаш ги ловат за месо, а некогаш ловците го убиваат родителот за да можат да ги продадат младите како миленици. Веројатно најприсутна закана е губитокот на живеалиштето, односно сеча на дрва, изградба на патишта, земјоделски активности, екотуризам домашни животни и слонови, шумски пожари, неконтролирана сеча, изградба на нови села и насади на маслодајни палми.[20]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Brockelman, W. & Geissmann, T. (2008). „Hylobates lar“. Црвен список на МСЗП - загрозени видови во 2008 година. МСЗП 2008. Вчитано на 4 January 2009.
  2. „Белорак гибон“. Зоо Скопје. http://www.zooskopje.com.mk/gibon.html. посет. 15 мај 2015 г. 
  3. Groves, C. P. (2005). „Order Primates“. Wilson, D. E.; Reeder, D. M. Mammal Species of the World (III издание). Johns Hopkins University Press. стр. 179-180. ISBN 978-0-8018-8221-0. OCLC 62265494. http://www.bucknell.edu/msw3/browse.asp?id=12100761. 
  4. 4,0 4,1 Geissmann, Thomas. „Gibbon Systematics and Species Identification“. http://gibbons.de/main/system/intro.html. посет. 13 април 2006 г.  Грешка во наводот: Неважечка ознака <ref>; називот „Geissmann“ е зададен повеќепати со различна содржина.
  5. 5,0 5,1 Rowe, Noel. Pictorial Guide to the Living Primates. East Hampton, N.Y. : Pogonias Press, 1996.
  6. Barlett, T.Q. (2003). Intragroup and intergroup social interactions in white-handed gibbons.. Int J Primatol. стр. 239–59.. 
  7. Brandon-Jones, D (2004). Asian primate classification. Int J Primatol. стр. 97–164.. 
  8. Brandon-Jones D, Eudey AA, Geissmann T Groves CP, Melnick DJ, Morales JC, Shekelle M, Stewart (2004). Asian primate classification. Int J Primatol. стр. 97–164.. 
  9. Chivers DJ (1972). The siamang and the gibbon in the Malay Peninsula.. Gibb Siam 1. стр. 103–35.. 
  10. Brockelman WY, Reichard U, Treesucon U, Raemaekers JJ. (1998). Dispersal, pair formation and social structure in gibbons (Hylobates lar).. Behav Ecol Sociobiol 42. стр. 329–39.. 
  11. Ellefson JO (1974). A natural history of white-handed gibbons in the Malayan peninsula.. Gibb Siam 3. стр. 1–136.. 
  12. Geissmann T. (2007). Status reassessment of the gibbons: results of the Asian primate red list workshop 2006. Gibb J 3. стр. 5–15.. 
  13. Carpenter CR. (1940). A field study in Siam of the behavior and social relations of the gibbon (Hylobates lar).. Comp Psychol Mono 16. стр. 1–212.. 
  14. Bartlett TQ. (2009). The gibbons of Khao Yai: seasonal variation in behavior and ecology. Upper Saddle River. Pearson Prentice Hall.. стр. 170. 
  15. Sommer, V. & Reichard, U. (2000). „Rethinking Monogamy: The Gibbon Case“. P. Kappeler, ed.. Primate Males. Cambridge: Cambridge University Press. стр. 159–168. 
  16. Geissmann, Thomas. „Sound Gallery: Hylobates lar“. http://gibbons.de/main/sound/03lar.html. посет. 29 април 2009 г. 
  17. Barelli C, Heistermann M, Boesch C, Reichard UH. (2008). Mating patterns and sexual swellings in pair-living and multimale groups of wild white-handed gibbons, Hylobates lar.. Anim Behav 75(3). стр. 991–1001.. 
  18. Barelli C, Boesch C, Heistermann M, Reichard UH. (2008). Female white-handed gibbons (Hylobates lar) lead group movements and have priority of access to food resources.. Behaviour 145. стр. 965–81.. 
  19. Barelli C, Heistermann M, Boesch C, Reichard UH. (2007). Sexual swellings in wild white-handed gibbon females (Hylobates lar) indicate the probability of ovulation.. Horm Behav 51. стр. 221–30.. 
  20. Yimkao P, Srikosamatara S. (2006). Ecology and site-based conservation of the white-handed gibbon (Hylobates lar L.) in human-use forests in Mae Hong Son province, northern Thailand.. Nat Hist Bull Siam Soc 54. стр. 109–38.. 

Надворешни врски[уреди | уреди извор]