Базел II

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Базел II (англиски: Basel II) или Нова базелска спогодба, е наследник на првата Базелска спогодба за капиталот. Новата базелска капитална спогодба претставувала еден од најголемите предизвици пред кои се наоѓала банкарската супервизија на меѓународно ниво. Станува збор за комплексна методологија за утврдување на адекватноста на капиталот, којашто во голема мера одговара и произлегува од тековните состојби на меѓународните финансиски пазари. Имено, појавата и развојот на новите банкарски производи и инструменти и новите методи за управување со банкарските ризици наметнале потреба за сериозни промени во постојната Капитална спогодба од 1988 година, со која се воспоставуваат основните принципи за утврдување на потребниот износ на капитал за покривање на ризиците на кои е изложена една банка во своето работење. Како резултат на ваквите движења и промени, Базелскиот комитет за банкарска супервизија во 1999 година го започнал процесот на ревизија на Капиталната спогодба, заради развивање на нова рамка за утврдување на капиталната база. Во 2004 година, Базелскиот комитет го усвоил конечниот текст на Новата капитална спогодба, Базел II, а нејзината целосна примена во развиените земји била предвидена да започне кон крајот на 2007 година. По нејзиното донесување, во голем број земји од светот започнале активности за воведување и примена на одредбите на новата спогодба.[1]

Цели на Базел II[уреди | уреди извор]

Новата капитална спогодба, Базел II, пред себе ги поставила следните цели:

И покрај настојувањата да се следат овие цели, сепак постојат одредени отстапувања во поглед на потребната големината на капиталот.

Структура на Базел II[уреди | уреди извор]

Структурата на Базел II ја сочинуваат три столба, дефинирани како: минимум потребен капитал, супервизија и пазарна дисциплина.[2] [3]

Прв столб: Минимален потребен капитал[уреди | уреди извор]

Во првиот столб се дефинираат основните компонетите кои што се користат за утврдување на адекватноста на капиталот: гарантниот капитал и активата пондерирана според ризикот. Новата капитална рамка предвидува промени во начинот на утврдување на ризично-пондерираната актива, додека начинот на утврдување на гарантниот капитал останува ист како и во постојната капитална рамка. Промените во утврдувањето на ризично-пондерираната актива се однесуваат на промени во третманот на кредитниот ризик и на вклучувањето на оперативниот ризик.

За пресметка на капиталот потребен за покривање на кредитниот ризик, Базел II предлага три пристапи:[4]

  • Стандардизиран пристап (Standardized Approach)
  • Основен пристап заснован врз внатрешен рејтинг (Foundation Internal Ratings-based Approach) и
  • Напреден пристап заснован врз внатрешен рејтинг (Advanced Internal Ratings-based Approach)

Стандардизираниот пристап претставува варијанта на пристапот од Базел I, меѓутоа предвидува поширока лепеза на пондери за кредитниот ризик, во зависност од видот на кредитната изложеност (држави, банки, фирми, итн.), а притоа пондерите зависат од кредитниот рејтинг на должниците. Двата пристапа засновани врз внатрешниот рејтинг им дозволува на банките самите да го пресметаат кредитниот ризик со употреба на нивните внатрешни модели. Притоа, овие два пристапа вклучуваат пресметка на неколку елементи: веројатноста за неплаќање (Probability of default, PD), загубата во случај на неплаќање (Loss given default, LGD), изложеноста во случај на неплаќање (Exposure at default, EAD) и ефективната рочност (Maturity). Притоа, во основниот пристап, банките сами ја пресметуваат само веројатноста за неплаќање врз основа на податоците за најмалку пет година, додека другите елементи се зададени од страна на супервизорот. Во напредниот пристап, банките ги пресметуваат сите елементи врз основа на податоците за најмалку седум години. За да ги применат двата напредни пристапа, банките мора да исполнат определени услови, зададени од страна на супервизорот.[5]

Вклучувањето на оперативниот ризик во основата за пресметка на капиталната база, претставува една од најзначајните новини на Базел II. Оперативниот ризик е многу значаен ризик на кој што се изложени банките, поради што тие треба да имаат соодветна заштита од евентуалните загуби кои што би можеле да настанат како резултат на овој ризик. Оттука, предвидена е примена на три различни методологии за вклучување на оперативниот ризик во утврдувањето на капиталната база:

  1. базичен индикатор;
  2. стандарден пристап; и
  3. напреден пристап за мерење.

Во однос на пресметката на регулаторниот капитал, Базел II прави разлика меѓу три нивоа на капитал:[6]

  • Капитал од нивото 1 (Tier 1 Capital): Тој го претставува најважниот и најквалитетниот дел од капиталот, а негов основен дел е акционерскиот капитал, а под одредени услови, кон него се додаваат и некои хибридни форми на капитал.
  • Капитал од нивото 2 (Tier 2 Capital): Тој се состои од општите резерви на банката заедно со субординираниот долг. Притоа, овој капитал не може да биде поголем од капиталот од нивото 1.
  • Капитал од нивото 3 (Tier 3 Capital): Овој капитал содржи разни облици на субординиран долг (кои не се вклучени во капиталот од нивото 2), кон кои може да се вклучи и добивката од трговските активности. Меѓутоа, капиталот од ова ниво може да се користи само за покривање на пазарниот ризик.

Во продолжение, при пресметката на регулаторниот капитал, некои ставки се одбиваат од горниет три нивоа на капитал. На пример, такви ставки се: гудвилот, вложувањата на банката во подружници (под одредени услови), вложувањата во капиталот на други банки, итн.[7]

Втор столб: Надзор над адекватноста на капиталот[уреди | уреди извор]

Вториот столб се однесува на процесот на супервизија на адекватноста на капиталот, како и на моделите и методите кои банките ги користат за управување со ризиците. Институциите за супервизија треба да утврдат дали банките формираат адекватен капитал во согласност со прописите. Овие институции ги контролираат и интерните методи кои банките сами ги креирале и усвоиле. Тие обично очекуваат од банките да ја одржуваат адекватноста на капиталот на ниво повисоко од пропишаното, минималното, односно на ниво кое одговара на ризиците на кои е изложена конкретната банка. Така, супервизорите треба да ги поттикнат банките самостојно да ги мерат и контролираат ризиците, преку изградба на внатрешни системи, процедури и стратегии.

Исто така, вториот столб разработува некои прашања што не се опфатени со првиот столб, како:

  • Каматниот ризик на банкарската сметка. Базелскиот комитет го смета каматниот ризик за исклучително важен при што националните супервизори имаат право да им наметнат обврска на банките да го намалат нивото на изложеност или да издвојат соодветен капитал за покривање на овој ризик.
  • Стрес-тестирање. Банките што ги применуваат пристапите за пресметка на кредитниот ризик засновани врз внатрешните модели треба да спроведуваат стрес-тестирање и да обезбедат дополнителен капитал ако овие тестови ја покажат потребата за тоа.
  • Дефиниција за неплаќање на обврските (Deafult). Базелскиот комитет го дефинира неплаќањето на обврските како настан што ги исполнува еден од следниве два услова: прво, банката утврдила дека должникот не ќе може целосно да ги исплати своите обврски кон неа, без таа преземе мерки за присилна наплата на своето побарување (на пример, преку активирање на обезбедувањето) или второ, должникот доцни во исплатата на која и да било обврска повеќе од 90 дена. Притоа, банките мора да ја користат оваа дефиниција за неплаќање во нивните внатрешни пресметки на веројатноста за неплаќање, загубата при неплаќање и изложеноста при неплаќање.
  • Резидуален ризик (Residual risk). Првиот столб на Базел II им дава можност на банките да го намалат кредитниот ризик со примена на соодветни инструменти (обезбедување, кредитни деривати, итн.), но и покрај тоа, може да постои резидуален ризик, т.е. поголема изложеност на ризик од првобитно пресметаната. Оттука, супервизорите мора да проверат дали кредитните политики на банките овозможуваат тие целосно да го покријат кредитниот ризик или пак останува некаков резидуален ризик.
  • Ризик од концентрација (Concentration risk). Бидејќи овој ризик не е покриен со првиот столб, супервизорите треба да проверат дали постои преголема концентрација на кредитниот ризик кон еден поединечен должник или кон група поврзани должници, кон една географска област, итн.
  • Оперативниот ризик. Во два од методите за мерење на оперативниот ризик се користи бруто-приходот како груба мерка на изложеноста на банката. Оттука, супервизорите треба да проверат дали постојат специфични активности на банките кои носат дополнителен оперативен ризик.
  • Секјуритизацијата. Супервизорите треба да проверат дали секјуритизацијата што ја применуваат банките навистина го отстранила кредитниот ризик или пак и понатаму останал некој резидуален ризик во банката, а во тој случај, банката треба да обезбеди соодветен капитал.

Понатаму, во овој столб се дефинира процената на исполнетоста на условите за примена на напредните методи за мерење на потребниот капитал. Најпосле, вториот столб дефинира четири клучни супервизорски принципи:[8]

  1. Банките треба да воспостават процес за оцена на нивната вкупна адекватност на капиталот според ризиците со кои се соочуваат, како и стратегија за одржување на потребното ниво на капитал. Во тој поглед, клучно значење имаат следниве прашања: врвниот менаџмент има централна улога во управувањето со ризиците; потребниот капитал треба да биде јасно врзан за нивото на ризикот и да биде вклучен во стратегискиот план; банката треба да врши целосна процена на сите видови ризици; банката треба да воспостави систем на следење и известување за ризиците; и банката треба да воспостави систем на внатрешна контрола и ревизија.
  2. Супервизорот треба да го оцени внатрешниот систем на банката за мерење на потребниот капитал и да преземе соодветни мерки, ако не е задоволен со тој процес. Супервизорскиот процес вклучува: теренска контрола, вонтеренска контрола и средби со менаџментот. Притоа, супервизорите треба да посветат посебно внимание на: пресметката на изложеноста на ризиците и врската меѓу неа и пресметаниот потребен капитал, квалитетот на внатрешната контрола, квалитетот на структурата на капиталот, следењето на пресметката на капиталот од страна на менаџментот, влијанието на надворешните и екстремните ефекти врз капиталот, слабостите во пресметката на потребниот капитал, итн.
  3. Супервизорот треба да бара од банките да имаат капитал над минималното ниво. Во праксата, од банките се очекува да го одржуваат потребниот капитал над минималното ниво определено ос Базел II, поради повеќе причини, како: ризиците кои не се соодветно опфатени во првито стол, специфичните околности во кои работи банката, состојбата на националниот пазар, потребата за повисок кредитен рејтинг на банката, итн.
  4. Супервизорот треба да интервенира во раната фаза во случај банката да не поседува доволно капитал за покривање на ризиците. Притоа, супервизорот треба да преземе мерки за итно зголемување на капиталот, како: суспендирање на исплатата на дивиденда, итно прибирање нов капитал, итн. Во тој поглед, супервизорот треба да бара од банката да поднесе план за зголемување на нејзиниот капитал до безбедното ниво.

Трет столб: Пазарна дисциплина[уреди | уреди извор]

Третиот столб ја истакнува големата улога на пазарот во контролата на профилот на ризичност на банките. Тој се однесува на принципите на пазарна дисциплина, кои ги обврзуваат банките да ги објавуваат во јавноста сите релевантни информации за ризиците на банката. Овие информации им даваат можност на останатите учесници на пазарот да имаат увид и оценка за управувањето со ризиците и капиталот на банката. Утврдена е и обврска ваквите информации да се обелоденуваат годишно или полугодишно, а некои банки тоа го прават и квартално, преку објавување на соодветните политики кои ги води банката, целите, управувањето со ризикот и слично. Финансиските извештаи што ги објавуваат банките мора да бидат потпишани од надворешните ревизори и да бидат составени според меѓународно прифатените сметководствени стандарди. Банките што котираат на берзата треба да објавуваат и дополнителни информации во согласност со барањата на самата берза. Во однос на објавувањето информации, третиот столб го насочува вниманието кон структурата на капиталот, изложеноста на ризиците и адекватноста на капиталот на банката. Притоа, третиот стол бара овие информации да бидат „материјални“, т.е. оние информации „чие необјавување или погрешно објавување може да ја промени или да влијае врз процената или врз одлуката на корисникот што се потпира врз тие информации во економското одлучување“. Според третиот столб, повеќето банки треба да ги објавуваат информациите шестмесечно, со три исклучоци: малите банки со стабилен профил на риизчност може да ги објавуваат информациите еднаш годишно, големите меѓународни банки треба квартално да ги објавуваат информациите за адекватноста на капиталот и за капиталот од нивото 1, додека општите информации за политиките и процедурите може да се објавуваат еднаш годишно.[9]

Базел II препорачува банките посебно да ги објавуваат годишните извештаи и извештаите за супервизорските органи. Третиот столб се однесува како на квантитативните така и на квалитативните информации, а тие треба да ги опфатат бакарските групи и подружниците, структурата на капиталот и адекватноста на капиталот. Квалитативните информации за профилот на риизчноста треба да ги опфатат целите и политиките за управување со ризиците, организацијата на функцијата за управување со ризиците и употребата на техниките за заштита од ризиците. Квантитативните информации за профилот на ризичноста треба да ги опфатат следниве прашања: кредитната изложеност според главните производи; географската, секторската и рочната распределба на кредитната изложеност според главните производи; како и кредитите, резервациите и отписите според секторите, географските области и клиентите. Најпосле, банките со изложеност на каматен ризик во банкарската сметка треба да објават информации за моделите со кои ја вршеле пресметката.[10]

Стапка на адекватност на капиталот[уреди | уреди извор]

Во однос на пресметката на стапката на адекватност на капиталот, Базел II бара, покрај кредитниот и пазарниот ризик, банките да обезбедат соодветно ниво на капитал и за покривање на оперативниот ризик. На тој начин, стапката на адекватност на капиталот според Базел II се пресметува така што капиталот на ниво 1, 2 и 3 се дели со збирот на кредитниот, пазарниот и оперативниот ризик. Минималната стапка на потребниот капитал за покривање на ризиците е утврдена на 8%.[11]

Базел II и глобалната финансиска криза[уреди | уреди извор]

Улогата на Базел II, пред и по глобалната финансиска криза, била предмет на постојана дискусија. Како резултат на глобалната финансиска криза којашто започнала во 2007 година некои истакнувале дека таа всушност ги покажува недостатоците на рамката на Базел II, а други, пак, ја критикувале за зголемување на ефектите од кризата. Во претходните неколку години националните финансиски регулатори и меѓународните финансиски организации преземале значајни активности за зајакнување на финансискиот систем и зголемување на неговата отпорност. Како дел од тие активности, од особено значење се активностите на Базелскиот комитет за банкарска супервизија. Од појавата на кризата до денес, Комитетот изработил повеќе предлози за унапредување на постојната капитална рамка и зајакнување на прудентните стандарди и направил измени во различни делови од спогодбата. Во таа насока се и последните измени на Базелската капитална спогодба, познати како Базел III, коишто ги усвоил највисокиот орган на Базелскиот комитет во август и септември 2010 година. Комитетот тврдел дека новите стандарди ќе водат кон подобар квалитет на капиталот, зголемена покриеност на ризикот и зголемена ликвидност покрај останатите придобивки.[1]

Ноут Велинк, поранешен претседател на Комитетот, во 2009 година напишал статија во која ги истакнал стратешките активности кои треба да ги преземе Комитетот како одговор на настанатата криза. Тој предложил поцврста регулаторна рамка која се состои од пет клучни компоненти:

  • подобар квалитет на регулаторниот капитал;
  • подобро управување и супервизија на ликвидноста;
  • подобро управување со ризикот и супервизијата, вклучувајќи подобрени насоки во вториот столб;
  • подобрување на транспарентноста, која е најважен елемент на третиот столб, а се однесува особено на секјуритизацијата, вонбилансните изложувања и активностите поврзани со тргувањето; и
  • поголема прекугранична супервизорска соработка.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Нова капитална спогодба (Базел II), НБРМ.
  2. Горан Петревски, Управување со банките - второ издание, Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 275.
  3. Richard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went (2009), Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, стр. 72 и 203.
  4. Richard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went (2009), Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, стр. 139-142.
  5. Richard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went (2009), Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, стр. 139-142.
  6. Richard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went (2009), Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, стр. 204-205.
  7. Richard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went (2009), Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, стр. 205.
  8. Richard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went (2009), Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, стр. 209-212.
  9. Richard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went (2009), Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, стр. 215-212.
  10. Richard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went (2009), Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, стр. 217-218.
  11. Горан Петревски, Управување со банките - второ издание, Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 276.