Кредитен дериват

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Кредитни деривати)

Кредитни деривати (англиски: credit derivatives) претставуваат инструменти за заштита од кредитниот ризик. Тие спаѓаат во групата на финансиски деривати, т.е. нивната вредност е изведена од некој друг финансиски инструмент кој носи кредитен ризик. Овие инструменти немаат стандардни одлики и затоа со нив не се тргува на берзите, туку само на шалтерскиот пазар (over-the counter-market).

Одлики и развој[уреди | уреди извор]

Кредитните деривати се нова појава во светот на финансиите и тие за кусо време доживеа невиден подем. Тие се појавија во почетокот на 1990-тите и набрзина забележаа огромен растеж. Така, вкупната договорна вредност на овие инструменти порасна од 0 во 1996 година на 2 трилиони долари во 2002 година, во следните две години оваа вредност се удвои, а веќе во 2006 година, таа достигна 29 трилиони долари. Инаку, слично на другите деривати со кои се тргува на шалтерскиот пазар, над 95% од вкупната активност на пазарот на кредитни деривати отпаѓа на неколку големи банки.[1]

Најважната придобивка од кредитните деривати е тоа што кредитите што ги одобрила банката остануваат во нејзиниот биланс на состојбата, додека таа се ослободува од кредитниот ризик. Значи, со помош на кредитните деривати, банката го пренесува кредитниот ризик на друга финансиска институција, а истовремено ги задржува односите со своите клиенти.

Видови кредитни деривати[уреди | уреди извор]

Во основа, кредитните деривати се јавуваат во два вида:

  • своп на неисплаќање на кредитот, и
  • своп на вкупен принос.

Своп на неисплаќање на кредитот[уреди | уреди извор]

Своп на неисплаќање на кредитот (credit default swap) претставува договор меѓу две страни со кој едната страна ѝ ја плаќа на другата страна премијата за ризикот на одреден кредитен инструмент (кредит, обврзница итн.), а другата страна се обврзува дека ќе исплати отштета доколку должникот не ги исполни обврските од кредитот. Притоа, во договорот треба јасно да се одреди што ќе се смета како неисплаќање на кредитот од страна на должникот.

На пример, некоја банка која одобрила кредит на ризичен клиент, може да се заштити од кредитниот ризик така, што ќе склучи договор со некоја осигурителна куќа. Договорот гласи на номиналната вредност на одобрениот кредит. Притоа, банката врши периодични исплати во корист на осигурителното друштво во висина на премијата за ризикот, вградена во каматната стапка на кредитот. Така, ако банката наплаќа на кредитот каматна стапка од 7,5%, а истовремено, каматната стапка на државните хартии од вредност (како безризична каматна стапка) изнесува 5,5%, тоа значи дека кредитот носи премија за ризикот од два процентни бода. Оттука, еднаш годишно, банката ѝ плаќа на осигурителната куќа одреден износ, еднаков на 2% од номиналната вредност на кредитот.

Всушност, ова плаќање може да се сфати како банката да плаќа осигурителна премија, како надомест за заштитата од кредитниот ризик. Од друга страна, ако се дојде до невраќање на кредитот од страна на должникот, осигурителната куќа ќе ѝ исплати на банката обесштетување, кое обично е еднакво на номиналната вредност на кредитот, намалена за неговата вредност на секундарниот пазар. Се разбира, ако должникот редовно го отплаќа кредитот, осигурителното друштво нема никаква обврска кон банката.[2][3][4]

Своп на вкупен принос[уреди | уреди извор]

Своп на вкупен принос (total return swap) претставува размена на вкупниот принос (каматата и капиталната добивка или загуба) на одредени финансиски инструменти. На пример, ако една банка сака да се заштити од кредитниот ризик на кредитот што го одобрила, таа може да склучи договор за своп на вкупниот принос со некоја друга финансиска институција (банка, осигурителна куќа, пензиски фонд итн.). Притоа, со договорот се предвидува дека банката ќе ѝ плаќа на другата страна постојана каматна стапка, а од неа ќе добива променлива каматна стапка. Значи, ако нема никакви промени во кредитниот ризик на должникот на банката, овој договор всушност се сведува на обичен каматен своп. Во тој случај, периодичните парични приливи што ги плаќа банката може да се набљудуваат како премии за осигурување од кредитниот ризик.

Меѓутоа, ако во меѓувреме се зголемил кредитниот ризик на должникот (на пример, тој добил полоша оцена од страна на агенциите за оценување на кредитниот ризик), тоа ќе предизвика намалување на пазарната вредност на кредитот. Тогаш, банката ќе ѝ ја исплаќа на другата страна почетната каматна стапка намалена за опаѓањето на вредноста на кредитот. Според тоа, ако се случи неповолен настан (зголемување на кредитниот ризик), другата страна ќе добива помали парични приливи, затоа што таа го презела кредитниот ризик од банката. Инаку, и овие свопови може да гласат на финансиски инструмент (кредит, обврзница) издаден од некој конкретен должник, или пак, на портфолио од кредити, т.е. портфолио од обврзници.[2][3][4]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Горан Петревски, Управување со банките, Скопје: Економски факултет, 2008, стр. 446.
  2. 2,0 2,1 Горан Петревски, Управување со банките, Скопје: Економски факултет, 2008, стр. 447.
  3. 3,0 3,1 Joël Bessis, Risk Management in Banking (Second edition), John Wiley & Sons, 2002, стр. 721-743.
  4. 4,0 4,1 Frank J. Fabozzi, Fixed Income Analysis (Second edition), John Wiley & Sons, 2007, стр. 673-694.