Капитал од ниво 1

Од Википедија — слободната енциклопедија

Капитал од ниво 1 или Основен капитал — основна мерка на банкарската цврстина од гледна точка на супервизорот. Капиталот од ниво 1 го сочинува основниот каптиал,[1] во којшто спаѓаат обичните акции и обелоденетите резерви (или задржаната добивка),[2] но исто така може да вклучува и неоткупливи приоритетни акции без правото на кумулативна исплата на дивидена. Капиталот дефиниран во оваа смисла е поврзан, но се разликува од сметководствениот концепт на акционерски капитал.

Базелскиот комитет за супервизија на банкарството има заклучено дека банките користат иновативни инструменти за создавање на капиталот од ниво 1, коишто се предмет на строги услови и се ограничени до 15%. Овој дел од капиталот на ниво 1 целосно се исфрлува со спроведувањето на Базел III. Сепак, банкарските супервизори во секоја земја имаат дискретност во врска со тоа кои финансиски инструменти да бидат вклучени во пресметката на износот на капиталот, бидејќи правната рамка се разликува од еден правен систем во друг.

Основи на поимот[уреди | уреди извор]

Капиталот од ниво 1 и капиталот од ниво 2 за првпат биле дефинирани во Базел I, а нивната дефиниција останува во голема мера иста во Базел II. Теоретската причина за поседување на капитал е дека истиот треба да обезбеди заштита од неочекуваните загуби. Ова не е исто што и очекуваните загуби коишто се покриени со покритието, резервите или добивката. Во Базел I се предвидува дека капиталот од ниво 1 треба да се состои од сопствен капитал во износ од најмалку 4%, иако супервизорите обично бараат коефициент во износ од 10%.

Коефициент на капиталот од ниво 1[уреди | уреди извор]

Коефициентот на капиталот од ниво 1 се пресметува како однос на основниот капитал на банката и средствата пондерирани според ризикот (RWA). Средствата пондерирани според ризикот се збир од сите средства поседувани од страна на банката и пондерирани според кредитниот ризик во согласност со формула одредена од супервизорот (обично централната банка). Најголем број на централни банки се придржуваат до правилата од Базелската спогодба за одредување на пондерите на ризичност на средствата. Така, паричните средства обично имаат пондер еднаков на 0%, додека некои заеми имаат пондер којшто изнесува 100% од нивната номинална вредност. Но, според правилата од Базелската спогодба, вкупните средства пондерирани според ризикот не се ограничуваат само на кредитниот ризик и содржат составни делови од пазарниот и оперативниот ризик. Овие правила за пресметка на составните делови на вкупните средства пондерирани според ризикот претрпеле бројни измени како последица на финансиската криза од 2007-08 и воведувањето на Базел III.[3]

Видови на коефициенти[уреди | уреди извор]

Постојат две одредби за пресметка на коефициентот на капитал од ниво 1:

  • коефициент на капитал од ниво 1 сочинет од обични акции; и
  • коефициент на капитал од ниво 1 сочинет од вкупниот капитал.

Приоритетните акции и малцинската сопственост се вклучени во коефициентот на капитал од ниво 1 сочинет од вкупниот капитал, но не и во коефициентот на капитал од ниво 1 сочинет од обични акции.[4] Како резултат на тоа, коефициентот со обичните акции секогаш е помал или еднаков од оној со вкупниот капитал.

Пример[уреди | уреди извор]

На пример, претпоставуваме дека банка со капитал од 100 ден. прима депозит во износ од 300 ден. и го изнајмува целиот износ од 300 ден. во облик на заем. Под претпоставка дека заемот е пондериран со стапка од 90%, средството на банката пондерирано според ризикот изнесува 270 ден. Во овој случај, коефициентот на капитал од ниво 1 на банката претставува количник од капиталот и средствата пондерирани според ризикот и истиот изнесува околу 37%.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Basel Capital Accord. International Convergence of Capital Measurement and Capital Standards (July 1988, updated to April 1998)“ (PDF). Посетено на 2011-08-31.
  2. BIS "Instruments eligible for inclusion in Tier 1 capital" http://www.bis.org/press/p981027.htm
  3. „International regulatory framework for banks (Basel III)“. International regulatory framework for banks (Basel III). Bank of International Settlements (BIS).
  4. „Investopedia:Tier 1 Common Capital Ratio“. Investopedia.