Атал (генерал)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Атал (~390 п.н.е. - 336 п.н.е.) — македонски генерал и важна личност на дворот на кралот Филип II Македонски.

Во 339 п.н.е. Аталовата внука Клеопатра Евридика се омажила за Филип II Македонски. Пролетта 336 п.н.е., Филип II го назначил Атал заедно со Парменион за команданти на претходницата која требало да изврши инвазија врз Персија во Мала Азија. После атентатот врз Филип II, на престолот дошол Александар Македонски (октомври 336 п.н.е.). Клеопатра Евридика, нејзините две деца и Атал биле убиени (Клеопатра Евридика можеби извршила самоубиство откако биле убиени нејзините две деца).

Според кажувањата на Аристотел, проширени од Клејтарх и Диодор Сикулус, Атал сексуално го нападнал Павзаниј од Орест како знак на одмазда за извалканиот углед на неговиот пријател (веројатно во емоционална врска со него), чие име било исто така Павзаниј, случка која подоцна довела до смрт на Павзаниј. Подоцнежниот атентат врз Филип II од страна на Павзаниј од Орест бил тесно поврзан со оваа случка, бидејќи Павзаниј бил незадоволен од тоа што Филип не го казнил Атал.

Кога Александар Македонски дошол на кралскиот престол, Атал бил стациониран заедно со Парменион и македонската претходница во Мала Азија. На веста за смртта на Филип, според некои извори, Демостен од Атена му напишал писмо на Атал во кое му ветил подршка доколку двајцата (Атал и Парменион) се свртат против Александар. Атал наместо да го послуша Демостен, се вратил во Македонија и му го покажал писмото на Александар, како доказ за неговата верност. Но, сепак Александар го убил Атал, веројатно поради поранешните грешки на Атал. Веројатно Александар го сметал Атал за премногу амбициозен за да го остави жив, посебно затоа што би имал добра причина за одмазда поради убиството на Клеопатра Евридика и нејзините деца.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]