Арапски леопард

Од Википедија — слободната енциклопедија
Арапски леопард
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордати
Класа: Цицачи
Ред: Carnivora
Семејство: Felidae
Род: Panthera
Вид: P. pardus
Подвид: P. p. nimr
Триномен назив
Panthera pardus nimr
(Hemprich & Ehrenberg, 1833)

Арапскиот леопард (Panthera pardus nimr) е подвид на леопард кој е помал од неговите роднини од Азија и Африка. Овој подвид е критично загрозен вид и неговите популации постојано се намалуваат. Арапскиот леопард живее во Израел, Саудиска Арабија, Соединетите Арапски Емирати, Јемен и Оман.

Живеалиште и однесување[уреди | уреди извор]

Леопардите не ги населуваат пустинските предели, туку живеат во планините на Арапскиот Полуостров, каде ловат планински кози, лисици и други животни кои живеат на овие планини. Секоја возрасна единка има сопствена територија која ја брани од останатите единки од истиот пол. Сепак територијата на мажјаците се случува да се преклопува со териториите на неколку женки. Во границите на овие територии леопардите се хранат, се парат и ги одгледуваат младите. Бидејќи живеат во прилично сурови региони, арапските леопарди имаат многу големи територии кои им овозможуваат да најдат доволно храна.

Особености[уреди | уреди извор]

Овој подвид има многу светла боја на крзното кое е прошарано со розети. Златно-жолтата боја се среќава само на грбот на животното, додека остатокот е со кремава или сивкасто-бела боја. Мажјаците тежат околу 30 килограми, а женките околу 20, што го прави најмалиот подвид на леопард, многу помал од африканските и азиските подвидови.

Исхрана и лов[уреди | уреди извор]

Бидејќи многу видови кои се нивен природен плен се речиси изумрени, како тар или планинската газела, араппскиот леопард често се храни и со домашна стока. Најмногу лови кози, што го става во директен конфликт со човекот. Овие животни ловат и лисици, козорози и пештерници, како и други мали цицачи или птици. Понекогаш се случува да се храни и со мрша. Арапскиот леопард најмногу лови за време на зората и самракот, но останува активен преку цела ноќ. За време на најтоплиот период од денот тој се одмара под сенка.

Популации[уреди | уреди извор]

Арапскиот леопард е критично загрозен вид. Зголемениот лов на почетокот на 1990-тите предизвикал преземање на мерки за заштита на овој подвид. Предводник на оваа програма била „Arabian Leopard Trust“ која се залагала за заштита на планинските живеалиште и целокупната флора и фауна од овие предели. На Арапскиот полуостров, популацијата се проценува на 100 единки, и нема подпопулација со повеќе од 50 единки. Популацијата сè уште е во опаѓање. Во Израел се проценува дека има помеѓу 15 и 18 единки во Негев и Арава.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]