Антон Рафаел Менгс

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Автопортрет (1773)

Антон Рафаел Менгс (германски: Anton Raphael Mengs, 22 март 1728[1]29 јуни 1779) — германски сликар од Чешка кој работел во Рим, Мадрид и Саксонија и претставува еден од предвесниците на неокласичното сликарство.

Биографија[уреди | уреди извор]

Автопортрет

Менгс е роден во 1728 г. во Усти на Лаба (Аусиг), Чешка во семејството на данскиот сликар Исмаел Менгс кој работел во Дрезден.

Во 1741 г. Менгс бил одведен во Рим по желба на татко му. Во 1749 г. е назначен за главен сликар на саксонскиот изборен кнез Фридрих Август, но продолжувал да проведува време во Рим. Таму се оженил со Маргарита Гваци, која позирала за неговите слики во 1748 г. Таму ја примил католичката вера, и во 1754 г. станал директор на Ватиканската сликарска школа. Се истакнал како познат мајстор со живописот Парнас во дворецот Вила Албани.

Во 1749 г. Менгс примил нарачка од војводата од Нортамберленд да ја преслика во масло на платно Рафаеловата фреска Атинската школа за неговиот војводски дом во Лондон. Сликата е изработена во квадратен формат во периодот од 1752 до 1755 г. и ги опфаќа сите застапени ликови и некои други. Денес стои во збирката на музејот „Викторија и Алберт“.[2]

Починал во 1779 г. во Рим и погребан е во црквата „Св. Михаил и Магно“.

Творештво[уреди | уреди извор]

На два наврата бил поканет да работи во Мадрид од шпанскиот крал Карло III. Таму создал низа извонредни дела, од кои се издвојува салата за гозби во Кралскиот дворец со живописите Триумфот на Трајан и Храм на славата. Откако ја завршил нарачката, во 1777 г. се вратил во Рим, каде починал во сиромаштија по две години, оставајќи дваесет деца, од кои седум добиле пензија од шпанскиот крал.

Историската важност на Менгс е дотолку поголема поради блискоста со Јохан Јоахим Винкелман[3]. Менгс ја делел неговата страст за антиката и работел на втемелување на неокласицизмот како правец во уметноста. Менгсовите дела сепак истовремено го покажуваат влијанието на римскиот барок, особено во сликите со верска тематика. Иако сакал да биде првиот неокласичар, Менгс веројатно е воедно и последниот барокен сликар. Во Винкелман и неговото столетие Гете изразил жалење (за Менгс) што еден толку учен човек не се посветил на иницијативност и новина, туку на насила извештачен маниризам.

Парнас — студија за фреската во Вила Албани

Менгс бил пријател со славниот Џакомо Казаова, кој го опишал неговиот карактер и углед преку анегдоти запишани во делото Приказна за мојот живот. Менгс имал и свои ученици, од кои Антон фон Марон во Италија[4] и Агустин Естеве во Шпанија.

Меѓу поважните дела на Менгс се вбројуваат голем број живописи во Мадрид, Вознесение и Свети Јосиф во Дрезден, Персеј и Андромеда во Санкт Петербург и таваницата во дворецот Вила Албани.

Теоретски спици[уреди | уреди извор]

Менгс е автор на текстови за теоријата на уметноста на шпански, италијански и германски јазик. Во нив тој зазема еклектичен став, сметајќи дека извонредната уметност подразбира употреба на старогрчки мотиви, со изразот на Рафаел, светлосенката на Кореџо и бојата на Тицијан.

Некои дела[уреди | уреди извор]

  • Вознесение (Дрезден, дворска црква), 1751/1766
  • Свети Јосиф (Дрезден, дворска црква), 1751/1766
  • Славата на Свети Евсебиј (таванска фреска во црквата „Св. Евсебиј“ во Рим), 1757
  • Карло III, 1761
  • Престолонаследникот Дон Луис Бурбонски

Наводи[уреди | уреди извор]

Извори[уреди | уреди извор]