Црвена луња

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Црвена луња
Заштитен статус
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордати
Класа: Птици
Ред: Соколовидни
(или Јастребовидни)
Фамилија: Јастреби
Потфамилија: Луњи
Род: Луња
Вид: Црвена луња
Биномен назив
Milvus milvus
(Linnaeus, 1758)

Црвената луња (науч. Milvus milvus) е средноголема граблива птица, која е ендемичен вид во Европа, северна Африка и западна Азија. Во Европа има 19.000-25.000 двојки што претставува 95% од целокупната популација. Се размножува во источните делови на Шпанија и Португалија, централна Европа и Украина, на север до јужниот дел на Шведска, Латвија и Велика Британија, и на југ, до јужна Италија. Постои популација и во северниот дел на Мароко. Птиците од северните предели се движат јужно во зима и најчесто престојуваат во западниот дел од распространувачкиот спектар, но исто така и во источна Турција, северен Тунис и Алжир. Трите најголеми популации (во Германија, Франција и Шпанија, кои заедно имаат повеќе од 75% од светската популација) се намалија во периодот меѓу 1990 и 2000 година, односно целокупната популација се намали за речиси 20% во текот на десет години. Главните закани на црвената луња се: труењето, промените во земјоделските практики, ловот, уништувањето на шумите, крадењето на јајцата (на локално ниво) и евентуално конкуренцијата со поуспешната црна луња. Порано црвената луња ја имало во Македонија, а сега најверојатно е исчезнат вид.

Опис[уреди]

Црвената луња е долга 60 - 66 см и има распон на крилјата 175 - 179 см; мажјаците тежат 800 - 1200 грама, а женките 1000 - 1300 грама. Таа е елегантна птица која често лебди со своите долги крилја, и го менува правецот со својата голема назабена опашка. Телото, горниот дел од опашката и крилјата ѝ се бакарноцрвена боја. Главата е посветла со сиви тонови. Белите примарни пердуви за летање се во контраст со црните краеви и темните секундарни пердуви. Освен по тежина, половите се слични, но младенчињата се жолтеникави на градите и стомакот. Огласувањето е тенок пи-пи звук. [2]

Однесување[уреди]

Исхрана[уреди]

Храната на црвената луња се состои главно од мали цицачи, како глувци, млади зајци и сл. Се харни со мршите на овците и некои кокошковидни птици. Понекогаш лови птици и водоземци, како жаби,гуштери итн. Дождовниот црв e важен дел од исхраната, особено на пролет.[3]

Поради исхраната со некои мрши, црвената луња е подложна на труење. [4] Нелегалните стапици со отров наменети за лисиците, чавките и гавраните, понекогаш ги убиваат заштитените птици и другите животни. На знак за тревога од страна на мајката, младенчињата ќе се заштитат така што ќе се преправаат дека се умрени, па лисиците ќе поверуваат и ќе ги остават.[5]

Размножување[уреди]

Црвената луња е претежно седентарна птица (не е преселница) која се размножува постојано на истото место, освен популациите кои се размножуваат во посеверните краишта на Европа, па зимуваат во Шпанија.[6] Секоја територија на гнездење може да содржи повеќе од 5 гнезда. И мажјакот и женката го градат гнездото на главниот чатал високо на дрвото, околу 12-20 метри од земјата. Гнездото го прават од гранки и го постилаат со трева и друга вегетација, но и со сè што е помеко, како овча волна, партали, хартија и сл. [3][6] Тие се моногамни птици кои одгледуваат едно легло годишно, во кое снесуваат најчесто 3 јајца. Инкубацијата трае триесетина дена, а ги лежи само женката. Младенчињата го напуштаат гнездото на возраст од педесетина дена.

Поврзано[уреди]

Наводи[уреди]

  1. Anon (2009). „Red Kite - BirdLife Species Factsheet“. „2009 IUCN Red List Category“. BirdLife International. http://www.birdlife.org/datazone/species/index.html?action=SpcHTMDetails.asp&sid=3353&m=0. конс. 5 јули 2009. 
  2. Anon. „The White Kite“. „Gigrin Farm - The Red Kite feeding station“. Gigrin Farm. архивирано од оригиналот на 2 февруари 2009. http://web.archive.org/web/20090202133553/http://gigrin.co.uk/white_redkite.html. конс. 7 јули 2009. 
  3. 3,0 3,1 Pugh, Effyn. „The Red Kite“. „birdsofbritain.co.uk“. Birds of Britain. http://www.birdsofbritain.co.uk/features/red-kite2.asp. конс. 26 октомври 2009. 
  4. „Wildlife crime soars“. „The Herald Series“. 12 септември 2007. http://www.heraldseries.co.uk/search/1684528.Wildlife_crime_soars/. конс. 6 јули 2009. „In Didcot, poisoned rabbits were laid out as bait disguised as road-kill, targeting red kites“ 
  5. Anon. „Red Kite“. „Animal Corner“. Animal Corner. http://www.animalcorner.co.uk/endangered/bi_birdredkite.html. конс. 26 октомври 2009. 
  6. 6,0 6,1 Anon. „Scotland's Wildlife: Red Kite“. „BBC Scotland outdoors articles“. BBC. http://www.bbc.co.uk/scotland/outdoors/articles/swrk/. конс. 26 октомври 2009. 

Надворешни врски[уреди]