Мери Болејн

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Мери Болејн (1499 год. – 19 јули 1543) била сестрата на англиската кралица, Ана Болејн и член на англиската фамилија Болејн, која имала големо влијание за време на владеењето на кралот Хенри VIII од Англија. Некои историчари тврдат дека таа била помладата сестра на Ана, но нејзините деца верувале дека таа е постарата, како што денес веруваат повеќемина. Мери била една од љубовниците на кралот Хенри VIII. Се верува дека таа му родила две деца. Имало гласини дека Мери, освен на Хенри VIII, му била љубовница и на неговиот противник, кралот Франсис I од Франција.

Детство[уреди]

Се верува дека Мери се родила во Бликлинг Хол, Норфолк, а израснала во замокот Хевер, Кент. Таа била ќерка на богат дипломат и дворјанин,Сер Томас Болејн, и неговата сопруга, Леди Елизабет Ховард. Нема докази за нејзината точна дата на раѓање, но се претпоставува дека тоа било меѓу 1499год. и 1508год. Историчарите мислат дека таа била најстарото дете од фамилијата Болејн кое го преживеало детството. Во 1597год. нејзиниот внук, Лорд Хунсдон, ја барал титулата ,,гроф на Ормонд", бидејќи тој бил законскиот наследник од фамилијата Болејн. Според строгите правила за наследување во аристократскиоте кругови, ако Ана била најстарата, титулата ќе и припаднела на нејзината ќерка Елизабет I. Титулата се наследувала преку линијата на најстарата ќерка доколку немало синови во фамилијата. Меѓутоа, се вели дека кралицата Елизабет му ја понудила титулата на Хенри, синот на Мери, бидејќи бил тешко болен и умирал, но тој ја одбил. Ако Мери била најстарата, Хенри би ја наследил титулата по смртта на својот дедо без да има потреба да ја бара. Сепак многу историчари денес мислат дека таа е најстарата и веруваат дека се родила околу 1499год. Порано се верувало дека Мери била онаа која се образувала во странство и поминала време со надвојводката Маргарет од Австрија, но денес се знае дека тоа било сестра ѝ, Ана. Мери останала во Англија поголемиот дел од нејзиното детство. Во 1514год. татко ѝ ја пратил во странство да ѝ биде придружничка на сестрата на кралот, Мери, која заминувала во Париз за да се омажи со кралот Луис XII од Франција. По неколку недели, англиските придружнички на кралицата биле вратени, но Мери останала веројатно бидејќи нејзиниот татко бил новиот англиски амбасадор во Франција. Дури и кога на 1 јануари 1515год. кралицата Мери заминала од Франција бидејќи станала вдовица, Мери Болејн останала за да се придружи на кралството на новиот крал, Франсис I и неговата сопруга Клаудија.

Кралската афера во Франција[уреди]

Во Париз, на Мери ѝ се придружиле нејзиниот татко, Сер Томас, и нејзината сестра, Ана, која во последната година студирала во Холандија. Наводно, Мери имала неколку афери, дури и со кралот Френсис. Иако некои историчари мислат дека приказните за нејзините љубовни авантури се претерани, сепак францускиот крал ја нарекувал ,,англиската кобила” и "una grandissima ribalda, infame sopra tutti" (,,најголемата проститутка”) Таа се вратила во Англија во 1519год. каде станала придружничка на Кетрин од Aрагон, сопругата на Хенри VIII.

Кралската љубовница[уреди]

На 4 февруари 1520год. Мери се омажила со Вилијам Кери, богат дворјанин, а на самата свадба присуствувал и Хенри VIII. По некое време, Хенри и Мери започнале врска. Иако некои не се сигури за точното време, сепак се верува дека таа врска започнала во 1521год. Аферата никогаш не станала јавна и Мери никогаш не уживала во славата, богатството и моќта кои ја имале љубовниците во некои други земји, како на пример, во Франција. Се верува дека аферата завршила во март 1526год. по раѓањето на второто дете на Мери, Хенри Кери, и дека траела пет години. Нејзиното прво дете, Кетрин, се родило во 1524год. За време на аферата или некое време по неа, имало гласини дека Хенри е таткото на едно или пак на двете деца на Мери. Еден сведок забележал дека синот на Мери, Хенри Кери, личел многу на Хенри VIII. Џон Хал, свештеник на Ајслворт, десет години по раѓањето на детето, тврдел дека го запознал младиот господин Кери, синот на кралот. Не постојат современи докази со кои би се потврдило дека Хенри бил биолошкото дете на кралот. Кетрин од Арагон, пред нејзиниот брак со Хенри VIII, била краток период во брак со неговиот брат, Артур, кој умрел неколку месеци по свадбата, кога имал околу петнаесет години. Подоцна, Хенри го искористил тој факт за да го поништи бракот, бидејќи така се создавало сродство меѓу нив двајца (ако бракот бил конзумиран). Според црковниот закон, кога Мери станала љубовница на Хенри, се создало слично сродство меѓу него и Ана. Во 1527год. за време на неговите обиди да добие поништување на бракот со Кетрин, Хенри исто така, барал слобода да се ожени со сестрата на својата љубовница.

Моќта на нејзината сестра[уреди]

Сестрата на Мери, Ана, во јануари 1522год. се вратила во Англија и станала многу популарна во кралскиот дворец. Се мисли дека сестрите не биле многу блиски и се движеле во различни социјални кругови. Иако се вели дека Мери била поатрактивна од сестра ѝ, сепак наводно Ана била поамбициозна и поинтелегентна од Мери. Кога кралот се заитересирал за Ана, таа одбила да му биде љубовница, бидејќи била паметна веднаш да не се влезе во љубовна врска туку да почека и да го искористи тоа кога најмногу ќе ѝ одговара. Кон средината на 1527год. Хенри бил одлучен да се ожени со неа. Ова му дало поголем поттик за да бара поништување на бракот со Кетрин од Арагон. Една година подоцна, кога сопругот на Мери починал од треска, Хенри му доделил старателство на Ана врз нејзиниот внук, Хенри Кери. Сопругот на Мери ѝ оставил многубројни долгови, па затоа Ана ѝ помогнала со тоа што го запишала Хенри да студира во Цистерианскиот манастир, а на Мери ѝ давала месечен надоместок од £100.

Втор брак[уреди]

Во 1532год. кога Ана го придружувала Хенри во Кале, со нив била и Мери. На 1 јуни 1533год. Ана била крунисана, а на 7 септември ѝ се родила првата ќерка (подоцна кралицата Елизабет I). Во 1534год. Мери тајно се венчала со војникот Вилијам Стафорд. Бидејќи Стафорд бил обичен човек со мали примања, се верува дека нивниот брак бил од љубов. Кога Ана разбрала за венчавката збеснала, а фамилијата Болејн се откажала од неа, веројатно затоа што се омажила без нивна согласност и под нејзината социјална положба. Двојката била протерана од кралскиот двор. Финансиската положба на Мери станала толку очајна што го молела Томас Кромвел, советникот на кралот, да зборува со Хенри и Ана за да ѝ помогнат. Таа признала дека можела да одбери сопруг од повисок чин, но никогаш не би нашла почесна личност и некој кој толку многу ќе ја сака. Таа рекла и: ,,побрзо би просела за корка леб со него отколку да бидам најголемата кралица во светот, а и со сигурност можам да тврдам дека не би ме оставил за да биде крал”. Но изгледа Хенри бил рамнодушен на нејзините молби, па затоа Мери го замолила Кромвел да зборува со татко ѝ, чичко ѝ и брат ѝ, но и од тоа ништо не произлегло. Ана била онаа која попуштила и ѝ пратила на Мери величенствен златен куп и пари, но сепак одбивала да ја прими во кралството. Се верува дека ова делумно смирување било нивната најблиска средба, бидејќи изгледа дека повеќе не се сретнале по протерувањето на Мери од кралството. Животот на Мери од 1534год. па се до погубувањето на нејзината сестра на 19 мај 1536год. е непознат. Не постојат записи дека ги посетила своите родители и сестра ѝ Ана или пак брат ѝ Џорџ додека бил затворен во Кулата во Лондон. Исто така, не постојат докази дека се допишувала со нив. Можеби, како и нејзиниот чичко Томас Ховард, третиот војвода од Норфолк, мислела дека е попаметно да стои настрана од нејзината посрамотена фамилија. Мери и нејзиниот сопруг продолжиле да бидат исклучени од кралството и да живеат во Рошфорд Хал во Есекс, имот на фамилијата Болејн. По смртта на Ана, нивната мајка се повлекла од кралството и умрела во осаменост две години подоцна, а нивниот татко Томас умрел наредната година. По смртта на своите родители, Мери наследила дел од имотот во Есекс. Изгледа дека остатокот од животот живеела во удобност со својот втор сопруг. Умрела на 19 јули, 1543год. во раните четириесетти.

Деца[уреди]

Од нејзиниот брак со Сер Вилијам Кери (1495год. – 22 јуни 1528год.) имала две деца (иако имало гласини дека кралот е нивниот биолошки татко): • Кетрин Кери (1524год. – 15 јануари 1568год.). Имало гласини дека била ќерка на кралот Хенри VIII. Придружничка на Ана од Клевес и Кетрин Ховард. Се омажила за пуританец, Сер Франсис Нолис. Подоцна станала главна Леди во одаите на својата братучетка, Елизабет I. Една од нејзините ќерки, Летисија Нолис, станала втора сопруга на Роберт Дудли, првиот војвода од Ланчестер, миленикот на Елизабет I. • Хенри Кери, првиот барон на Хунсдон (4 март 1526год. – 23 јули 1596год.). Исто така имало гласини дека е син на Хенери VIII. Му била доделена благородничка титула веднаш по крунисувањето на кралицата Елизабета I, а подоцна станал и витез. Пред да умре, Елизабет I му ја понудила титулата на фамилијата Болејн ,,гроф на Ормонд”, која тој многу ја посакувал, но на крајот ја одбил. Бил во брак со Ана Морган. Од нејзиниот брак со Сер Вилијам Стафорд (умрел на 5 мај 1556год.) имала две деца: • Ана (? - ?) , веројатно крстена во чест на сестрата на Мери, кралицата Ана Болејн. • Едвард (1535год. – 1545год.).

Потомци[уреди]

Мери е предок на многубројни важни и реномирани благородници: Винстон Черчил, Џон Дејвисон Рокфелер, П.Г. Вудхаус, Елизабет Бовс – Лион, Дијана - принцезата на Велс, Сара - војводтката од Јорк, Чарлс Дарвин и Томас Вест - третиот барон на Де ла Вар.

Приказ во филмови[уреди]

Мери во филмот Ана од илјада дена, од 1969год. е одиграна од Валери Герон. Беше играна и во Тајниот дневник на Ана Болејн од Робин Максвел, Елизабет на Росалинд Мајлс, Розата на Хевер од Маурен Питерс, Дамата во Кулата од Шон Плејди, Госпоѓата Ана на Нора Лофтс, Конкубинката на Нора Лофтс, Ана Болејн од Евелин Антони, Краток раскошен час од Маргарет Кембел Барнс и Младите кралеви: проколнатата кралица Ана од Каролин Маер. Мери била главен лик во три новели посветени на нејзиниот живот: Court Cadenza (подоцна објавена како Сестрите Тјудор) од британскиот автор Елен Армитаж, Последниот член на фамилијата Болејн од Карен Харпер и Другата Болејн на Филипа Грегори. Грегори изјавила за BBC History Magazine дека Мери е нејзината лична хероина. Нејзината книга стана бестселер, а таа објави уште пет книги од истата серија. Меѓутоа, книгата беше контраверзна бидејќи многу од историчарите не се сложуваа со историските настани и индивидуалните карактери на личностите. Другата Болејн во јануари 2003г. стана телевизиска драма на ББС. Наташа Мекелхон ја играше Мери а Џоди Меј ја играше Ана. Во февруари 2008г. се сними и холивудска верзија. Скарлет Јохансон беше Мери, а Натали Портман, Ана. Пердита Векс ја играше Мери во драмската серија Тјудор.

Научно – стручна литература[уреди]

Исто така, Мери е главен лик на две научно – стручни книги, Љубовницата на Хенри VIII од Кели Харт и Мери Болејн: вистинската приказна за љубовницата на Хенри VIII од Џозеф Вилкинсон. Статус

  • госпоѓа Мери Болејн (1499год. – 1520год.)
  • Леди Кери (1520год. – 1529год.)
  • Леди Кери, Леди Мери Кери (1529год.-1532год.)
  • Леди Мери Стафорд (1532год.-1543год.)

Мери Болејн стана Леди Кери во 1520год. по нејзиниот брак со Сер Вилијам Кери. Таа станала Леди Мери Кери кога нејзиниот татко го унапредиле во војвода на Вилтшир.