Зоран Заев

Од Википедија — слободната енциклопедија
Зоран Заев
Премиер на Македонија
На должноста
31 август 2020 – 16 јануари 2022
Претходник Оливер Спасовски
Наследник Димитар Ковачевски
На должноста
1 јуни 2017 – 3 јануари 2020*
Претходник Емил Димитриев
Наследник Оливер Спасовски
Градоначалник на Струмица
На должноста
22 март 2005 – 22 декември 2016
Претходник Кирил Јанев
Наследник Костадин Костадинов
Лични податоци
Роден(а) 8 октомври 1974(1974-10-08)(49 г.)
Струмица, НР Македонија СР Македонија, СФРЈ СФР Југославија
Партија СДСМ
Сопружник Зорица Заева (в. 1995)
Установа Универзитет „Св. Кирил и Методиј“
Професија економист
* Од 3 јануари до 31 август 2020 година, претседател на преодната македонска Влада бил Оливер Спасовски, согласно Пржинскиот договор. Вториот премиерски мандат на Заев започнува од 31 август.

Зоран Заев (8 октомври 1974 во Струмица) — македонски политичар, стопанственик и економист. Премиер на Македонија е од 2017 до 2020 година и од 2020 до 2022 година. Градоначалник на општина Струмица е од 2005 до 2016 година. Пратеник во Собранието на Македонија е од 2003 до 2005 година. Претседател на СДСМ е од 2013 до 2021 година.

Младост, образование и рана кариера

Зоран Заев е роден во 1974 година во Струмица, но родум е од струмичкото село Муртино. Семејството се преселува од селото во градот кога има четири години.[1] Основно и средно образование завршува во родниот град. Во 1997 година дипломира на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што и магистрира економија.

Со неговата сопруга Зорица Заева се познава од основно училиште, а се венчава во 1995 година.[2]

По дипломирањето во 1997 година ја започнува професионалната кариера како вработен во трговското друштво на неговото семејство, „Тргопродукт“ од Струмица. Од 2001 до 2003 година е директор во „Тргопродукт“. Од 1998 до 2003 година е член на управниот одбор на штедилницата „Пеон“ од Струмица, а од 2001 до 2003 година членува и во управниот одбор на Индустријата за градежни материјали „Еленица“ од Струмица.[3]

Од 2000 до 2003 година е претседател на управниот одбор на јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“ – Струмица.

Политичка кариера

Заев се зачленува во Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во 1996 година.

Пратеник во македонското Собрание (2003–2005)

Заев учествува на парламентарните избори во 2002 година како кандидат за пратеник од листата на СДСМ од четвртата изборна единица,[4] но не успева да стане пратеник во Собранието. Сепак, во 2003 година престанува мандатот на пратеникот на СДСМ Ѓорѓи Спасов, кој е именуван за амбасадор во Обединетото Кралство, а Заев го наследува неговото пратеничко место како следен на листата.[5] Мандатот на Заев како пратеник во Собранието престанува откако е избран за градоначалник на локалните избори во 2005 година.

Градоначалник на општина Струмица (2005–2016)

На локалните избори во 2005 година Заев победува како кандидат на СДСМ за градоначалник на општина Струмица.

На 17 јули 2008 година Заев е уапсен заедно со уште петмина соработници и е осомничен за законски прекршувања при изградбата на трговскиот центар „Глобал“ во Струмица. Заев обвинува дека се работи за монтиран случај, политички прогон и обид за негов линч. Случајот е затворен по аболиција од претседателот на државата Бранко Црвенковски.[6]

Заев освојува уште два мандати како градоначалник на локалните избори во 2009 и во 2013 година. Се повлекува од функцијата по парламентарните избори во 2016 година.

Претседател на СДСМ (2013–2017)

Заев е назначен за вршител на должноста претседател на СДСМ во септември 2008 година.[7] По завршувањето на претседателскиот мандат на Црвенковски во 2009 година, Црвенковски се враќа на чело на СДСМ, а Заев е именуван за потпретседател на партијата.[8] Во јуни 2013 година Заев е избран за претседател на СДСМ по оставката на Црвенковски поради лошиот изборен резултат на локалните избори во 2013 година.

Во првата половина од 2015 година Заев објавува телефонски разговори за кои тврди дека се снимени од страна на УБК по нарачка на Никола Груевски и Сашо Мијалков како дел од прислушување на 20 илјади македонски граѓани.[9] Истите се основа за кривична истрага за злоупотреба на службената должност против раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Во април Заев е обвинет за насилство кон претставници на највисоките државни органи во случајот „Пуч“, а поранешниот разузнавач Зоран Верушевски и негови луѓе од МВР се обвинети за обид за државен удар.[10] Во текот на објавувањето на снимките, обвинителството отвора случај против Заев под името „Поткуп“, во кој Заев е осомничен за примање поткуп од струмичкиот стопанственик Иван Николов од околу 164 илјади евра за добивање дозвола за изградба на црква.[11]

Заев, како претставник на СДСМ, учествува во преговорите за надминување на политичката криза помеѓу водачите на најголемите македонски партии со странски посредници.[12] Партиските водачи го потпишуваат Пржинскиот договор, во кој се предвидува техничка влада за организирање предвремени парламентарни избори во 2016 година и формирање на Специјално јавно обвинителство (СЈО) со цел да ги истражи наодите за криминал од објавените снимки.[13] Во април 2016 година претседателот Ѓорге Иванов донесува одлука за помилување на 56 лица опфатени во истрагите на СЈО, помеѓу кои се и Груевски и Заев, но подоцна одлуката за аболиција е повлечена поради притисок од домашната и меѓународната јавност.[14] По изборите во декември 2016 година, Заев формира парламентарно мнозинство составено од СДСМ, ДУИ, Беса и Алијанса за Албанците. На 17 мај 2017 година станува мандатар откако Иванов му го доделува мандатот за формирање влада.[15]

Претседател на Владата (2017–2020; 2020–2022)

Прв премиерски мандат

На 31 мај Собранието на Македонија со 62 гласа „за“ ја избира Владата на Заев која ја сочинуваат 25 министри.[16] Прв чекор на неговата влада во надворешната политика е потпишувањето на договор за добрососедство со Бугарија во август 2017 година.[17] Во септември се донесени законот за минимална плата од 12 илјади денари, законот за укинување на радиодифузната такса, а вратена е и евтината тарифа на струјата.[18][19]

На локалните избори во 2017 година партијата на Заев остварува убедлива победа со освоени 57 градоначалнички мандати и околу 420 илјади гласови на советничките листи.[20] Во јуни 2018 година е потпишан Преспанскиот договор со што е ставен крај на спорот за името помеѓу Македонија и Грција кој трае од независноста на Македонија.[21] Во септември е одржан референдум на кој гласаат 37% од лицата со право на глас, а од нив 91% или околу 610 илјади гласачи се изјаснуваат позитивно за договорот.[22]

Поради неговите залагања за Договорот со Грција во средината на декември 2018 година Заев заедно со грчкиот премиер Алексис Ципрас е номиниран за Нобеловата награда за мир за 2019 година од страна на добитничката на наградата во 2015 година, Тунижанката Уидед Бушамауи.[23]

Втор премиерски мандат

По победата на коалицијата предводена од СДСМ на парламентарните избори во 2020 година, Заев продолжува да служи на премиерската функција откако успева да состави влада преку постизборна коалиција со ДУИ. До изборот на втората влада предводена од Заев на 31 август, Оливер Спасовски е претседател на техничка влада согласно Пржинскиот договор.

Наводи

  1. „Зоран Заев за српски „Курир": „Првите милиони ги заработив од продажба на сушени црвени пиперки". tocka.com.mk. Посетено на 2022-01-11.
  2. „ИНТЕРВЈУ ЗАЕВА: Тешко е да си Зоран, ама не е лесно да си Зорица!“. Фокус. 5 јуни 2016. Посетено на 11 јануари 2022.
  3. „Зоран Заев - поранешен претседател на СДСМ“. СДСМ - Социјалдемократски сојуз на Македонија. Посетено на 11 јануари 2022.
  4. „Утрински (6 август 2002): Кандидатските листи на СДСМ“. Архива на time.mk. Посетено на 11 јануари 2022.
  5. „Време (8 октомври 2004): На Ѓорѓи Спасов му чувале место и во Собранието“. Архива на time.mk. Посетено на 11 јануари 2022. На 10 септември 2003 година на Спасов му престана пратеничкиот мандат, бидејќи беше наименуван за амбасадор во Лондон. Тогаш на неговото место во Собранието дојде Заев, кој беше нареден на листата.
  6. „Сите детали за предметот „Глобал" за кој Антикорупциска го става на тапет премиерот Заев“. emagazin.mk. 9 мај 2019. Посетено на 31 август 2020.
  7. Извештај од А1 телевизија
  8. „Извештај од Алсат Телевизија: Црвенковски се врати во СДСМ“. Архивирано од изворникот на 2009-05-27. Посетено на 2009-06-06.
  9. „Поднесен обвинителен акт за Заев во случајот „Пуч"“. Радио Слободна Европа. 30 април 2015. Text "http://www.slobodnaevropa.mk/a/26987837.html" ignored (help); |access-date= бара |url= (help)
  10. „Заев ја фрли првата „бомба"“. Фокус. 9 февруари 2015. Text "http://fokus.mk/zaev-ja-frli-prvata-bomba-denovive-sleduvaat-novi/" ignored (help); |access-date= бара |url= (help)
  11. Валентина Стојанчевска, „Зоран Заев: Власта ми го монтира „Поткуп“ со сечена и лепена снимка“, Фокус, број 1114, 10 февруари 2017, стр. 8-13.
  12. „Хан доаѓа со решение за кризата“. Архивирано од изворникот на 2015-07-15. Посетено на 2016-06-01.
  13. „Катица и 14 обвинители на специјална задача“. Архивирано од изворникот на 2015-11-04. Посетено на 2016-06-01.
  14. „Иванов помилува 56 лица“. Архивирано од изворникот на 2016-05-17. Посетено на 2016-06-01.
  15. Заев го доби мандатот, Владата се очекува набрзо
  16. Нова етапа во Македонија, избрана владата на СДСМ Архивирано на 1 јуни 2017 г. Утрински Весник (31 мај 2017)
  17. Заев: Договорот со Бугарија е во согласност со националните интереси на Македонија Телма (26 јули 2017)
  18. Законот за минимална плата изгласан со ниту еден глас против
  19. „Укината е радиодифузната такса“. Архивирано од изворникот на 2020-05-05. Посетено на 2017-10-11.
  20. „Вкупен број на освоени советнички мандати“. Архивирано од изворникот на 2018-02-21. Посетено на 2018-10-08.
  21. Што договорија премиерите Заев и Ципрас за решавање на спорот за името
  22. „Резултати од референдумот 2018“. Архивирано од изворникот на 2020-05-05. Посетено на 2018-10-08.
  23. Заев и Ципрас ќе бидат предложени за Нобелова награда за мир

Надворешни врски

Политички функции
Претходник
Оливер Спасовски
Премиер на Македонија
2020–2022
Наследник
Димитар Ковачевски
Претходник
Емил Димитриев
Премиер на Македонија
2017–2020
Наследник
Оливер Спасовски
Претходник
Кирил Јанев
Градоначалник на Струмица
2005–2016
Наследник
Костадин Костадинов
Партиски функции
Претходник
Бранко Црвенковски
Претседател на СДСМ
2013–2021
Наследник
Димитар Ковачевски